Научници докажаа: ништо не е добро за здравјето

06.03.2014 10:30
Научници докажаа: ништо не е добро за здравјето

Скопје, 6 март 2014

Македонски научници од Институтот за разноразни работи, по 30-годишно исцрпно истражување докажаа дека ниту една храна, пијалак или вежба не е навистина добра за здравјето.

Истражувањето вклучувало експерименти со 500.000 испитаници на возраст од 7 до 77 години, како и проучување на медицинските досиеја на исто толкав број луѓе.

„Во текот на 30-годишната истражувачка работа, бевме соочени со многу предизвици. На крајот, се испостави дека без разлика на стилот на живот што го воделе, сите луѓе умираат, што нѐ наведува на заклучокот дека ништо не е добро за здравјето“, вели д-р Трајко Штогодев кој го предводеше истражувањето.

Неговиот колега д-р Петко Бесмилев смета дека самиот живот е прилично штетен, затоа што на крајот ги убива луѓето.

„Истражувајќи, дојдовме до многу возбудливи и контроверзни податоци. Имено, најдовме информации за луѓе кои се грижеле за тоа што јадат, што пијат, колку и каде се движат, но сепак на крајот умираат, некои дури и здрави. Ист е исходот и со оние кои јадат и пијат прекумерно, не стануваат од пред компјутер или телевизор и имаат нередовен сон - смрт“, вели Бесмислев, додавајќи дека понекогаш постои мала разлика околу возраста на која умираат различните групи граѓани.

„Имаше случаи на зависници од тешки дроги, кои умираат околу четириесеттата година, но и случаи на спортисти кои ги снаоѓа смрт на истата возраст. Исто така, збунува тоа што од двајца луѓе кои секој ден јаделе путер, еден умира порано, а друг подоцна. Што треба да значи сево ова?! Во основа, ништо не е навистина здраво“, заклучува Бесмислев.

Тимот од Институтот за разноразни работи за своето откритие од епохално значење, меѓу научниците познато и како Теорија на смртноста, очекува најмалку Нобелова награда за медицина, а со малку повеќе среќа, и прием во Македонската академија на науките и уметностите.