Изложба на плакати од Костадин Танчев Динка

06.03.2014 12:08
Изложба на плакати од Костадин Танчев Динка

На 6 март, во 21 часот во „Галерија 8“, Стара Скопска чаршија – Безистен ќе се отвори изложба на плакати 70-ти/80-ти од Костадин Танчев Динка, кој е вистински пионер на македонскиот дизајн.

Изложбата на плакати во „Галерија 8“ ги претставува најкарактеристичните графички решенија на авторот изработени во неговото златно доба, во периодот од седумдесеттите до средината на осумдесеттите години на минатиот век. Во однос на темата, акцентот е ставен на плакатите изработени за дела од областа на културата и уметноста, како театарски претстави, филмови, архитектура, културни манифестации и неколку плакати од областа на индустрискиот дизајн.

Костадин Танчев - Динка е еден од основоположниците на графичкиот дизајн во Република Македонија. По дипломирањето на Академијата за применета уметност во Белград во 1967 година во Македонија беше ангажиран како млада сила во областа на дизајнирањето. Го основаше студиото за дизајн при Културно-информативниот центар во Скопје, а оттаму ја ширеше новата графичка естетика. Најмногу од тој период потекнуваат и плакатите претставени на изложбата. Покрај графичкиот дизајн, својот професионален ангажман едновремено го насочувал и кон театарската сценографија, филмската анимација, графиката, сликарството, додека негова потесна специјалност се визуелните комуникации.

Во периодот додека беше професор по предметот Графички дизајн, на Факултетот за ликовни уметности при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, изгради неколку генерации млади графички дизајнери, пренесувајќи им го целото свое знаење и искуство, страст, посветеност и љубов кон графичкиот израз. Тоа се карактеристики што ги носи целиот свој живот, како графичар и сликар, професор и педагог, но и како човек и личност. Неверојатно прецизен и педантен во својот графички израз, секогаш креативен во своите модернистички идеи, несебичен во пренесувањето на принципите и финесите на графичкиот занает, Костадин Танчев - Динка не е само основоположник и пионер, туку и актуелен двигател и афирматор на графичкиот дизајн во Република Македонија.

Во продолжение пренесуваме фрагменти од ексклузивното интервју со Костадин Танчев – Динка кое утре (7 март, петок) ќе можете да го прочитате на Окно.

Детаљ од „Изгубено во преводот“, масло на платно, 2013 година (типо потрет: Ласко Џуровски)

-Уште во средно училиште почнав да учествувам на разни конкурси. Кога бев втора година во уметничко училиште, на еден конкурс добив прва награда за плакат, за Денот на младоста. На друг конкурс, за ДОС, осигурување, имаше осум теми за плакат. Стигнав да направам плакати за седум теми, и за сите седум добив прва награда. Веќе бев навлезен во светот на дизајнот, уште пред да се запишам на Академијата во Белград.

-Динка сликарот и Динка дизајнерот на некој начин соработуваат. Плакатот е чисто ликовно решение. Тој е практично применет само во моментот кога ќе му дадете наслов. Сепак, го врзувам со графиката, бидејќи јас сум графичар. Бев љубопитен, работев речиси сѐ - сликарство, графика, сценографија, филмска анимација.

-Приодот беше мануелен, цртачки. Прв почнав да работам сито печат. Тоа многу ми помогна во презентација на проектите. Многу плакати се реализирани лично од мене - од идеја, преку цртеж, па сѐ до печат. И до денес не го напуштив стариот начин на работа - не користам дигитална техника и програми.

-Графичкиот дизајн пред сѐ е идеја. Иако има правила кои мора да ги знаете и мора да бидете потковани, во основа станува збор за идеја.

-Земајќи предвид дека на ФЛУ при графичкиот оддел имаше само незадолжително образование за графички дизајн - два часа неделно кои повеќе од дваесет години ги предавав волонтерски - мислам дека немаше што многу да се покаже како резултат. Но, тие генерации ја стекнаа основата и денес меѓу нив има добри дизајнери.

-Денес проблемот не е кој го прави дизајнот, туку кој го бира. Нарачателите ги наредуваат како правило на игра своите вкусови. Авторството е ставено во втор план.

ОкоБоли главаВицФото