Машкиот и женскиот мозок: Невронаука и невросексизам

07.03.2014 11:40
Машкиот и женскиот мозок: Невронаука и невросексизам

Не смееме да заборавиме дека жените, во просек, се помалку интелигентни од мажите; разлика која не треба да се предимензионира, но секако е реална. Заради тоа слободно можеме да претпоставуме дека женскиот мозок е релативно помал, делумно како последица на нејзината физичка, а делумно како резултат на нејзината интелектуална инфериорност.

Пол Брока, лекар, невроанатом и антрополог од половината на 19 век.

На анатомско ниво, заради фактот дека женскиот мозок во просек тежи пет унци помалку од машкиот, можеме да очекуваме нејзина интелектуална инфериорност.

Џорџ Роменс, биолог од крајот на 19 век.

Избројте до десет пред да помислите: „Така било во претпоследниот век. Денес знаеме повеќе и подобро“. Колку во 2005 година, Лоренс Самерс, тогаш претседател на Универзитетот Харвард, шпекулираше на темата вродени, полово-релевантни интелектуални разлики, кои би можеле да бидат одговорни за слабото присуство на жените во фундаменталните науки и математиката. Безмалку вчера, коментаторката на Fox News Сузан Венкер се повикуваше на „експлозија на истражувања на мозокот“, кои, според нејзината интерпретација, докажуваат дека „мажите се осамени јавачи, кои сакаат да ловат и да градат“, а жените се „воспитувачки/негувателки, кои сакаат да зборуваат и да се грижат за другите“. Заради тоа, „ако сакаат да се омажат, жените треба да ја прегрнат својата женственост и да ги пуштат мажите да се чувствуваат како да ги држат сите конци во сопствените раце“.

Венкер греши на повеќе фронтови, што не би морало да биде толку важно. Далеку побитно, ниту научниците не се имуни на замаглување на разликите помеѓу три прашања, централни за темата на половата диференцијација на човечкиот мозок:

1. Дали помеѓу машкиот и женскиот мозок постојат разлики?
2. Ако постојат, дали тие се биолошки програмирани?
3. Доколку постојат и се вродени, дали од таквите разлики – анатомски, цитолошки, неврохемиски итн. – произлегуваат интелектуалните и бихејвиоралните разлики помеѓу жените и мажите?

Најновата, штотуку објавена студија на темата, чии автори во еден потег потврдно одговараат на сите три прашања, стана миленик на популарниот печат.

Користејќи ги можностите кои ги овозможува дифузниот тензорски невроимиџинг, група американски радиолози направиле конектоми (мапи на интерневронски врски) на 949 субјекти од двата пола, на возраст помеѓу 8 и 22 години. Потоа, конектомите се категоризирани на машки и женски, а потоа и „стопени“ според полот, со што истражувачите добиле еден вид прототип на машки, односно женски конектом. Со споредување на две „просечни“ мапи конекции меѓу мозочните ќелии, дошле до следните заклучоци:

1. Машкиот мозок се одликува со посилни интрахемисферни конекции (посилни врски помеѓу невроните во рамките на иста хемисфера).
2. Женскиот мозок се одликува со посилни интерхемисферни конекции (посилни врски помеѓу две хемисфери).

Поедноставно кажано, за машкиот мозок се карактеристични врските на релација чело-тил, и обратно, а за женскиот – конекции кои се простираат од левата кон десната хемисфера на мозокот, и обратно. Што кажуваат ваквите резултати?

Грубо кажано, задните (деловите од тилот, слепоочниците и деловите од темето) делови на мозокот се задолжени за собирање слушни информации, а предните (челните) за нивна обработка, креирање смислени перцепции и осмислување и иницирање акции (моторика/однесување) врз основа на обработени информации. Посилните конекции помеѓу овие мозочни регии зборуваат за машкиот мозок со термините перцепција-за-акција. Заклучокот го засилува и фактот дека „машкиот конектом“ сведочи за богатата вмреженост на ниво на малиот мозок – структура од суштинска важност за моториката, ориентацијата, совладувањето и паметењето на просторот. Значи, со силна моторика, мажот како да е роден за фудбалер; засилените врски помеѓу предните и задните делови на мозокот го прават уште подобар гледач на фудбал, кој брзо ќе испланира заминување во најблиската обложувалница (барем нема проблем да го научи и да го запамети патот до неа).

Од друга страна, повторно поедноставено, левата половина на мозокот е понадмоќна во логичкото резонирање, додека десната, со голема ограда, е „специјализирана“ за интуицијата и креативното мислење. Со оглед на тоа дека станува збор за две глобални структури на мозокот, нивната посилна интерконектираност, карактеристична за „женскиот конектом“, не нуди основа за специфични заклучоци и предвидувања, но се вклопува во многу раширената теза за жените како супериорни мултитаскери. На пример? Па, во состојба се да надгледуваат дете, кое си игра на подот, и истовремено да пеглаат кошула за мажот, за тоа време не заборавајќи дека ручекот што се готви на шпоретот може да загори?!

Рагини Верма, главната авторка на истражувањето, смета дека неговите резултати укажуваат на фундаментални разлики помеѓу припадниците на двата пола, со последици кои се повеќе од релевантни за когнитивниот и бихејвиоралниот аутпут. Заради тоа, соочени со посебно предизвикувачка задача, жените, објаснува таа, ќе тежнеат да ангажираат низа различни центри во мозокот, додека мажите, поверојатно „премногу ќе ангажираат“ една хемисфера. Истовремено, ова може да значи и распливнатост (кај жените) и фокусираност (кај мажите). Накратко, собирачка наспроти ловец; грижлива воспитувачка наспроти акционен јунак.

Генералниот заклучок на Верма и соработниците – дека машкиот и женскиот мозок за разликуваат – во науката одамна не е спорен. Вистина, и на тој план, поединечните специфични тврдења, навидум добро поткрепени со факти, неретко дополнително се разоткриваат како заблуди; на пример, една неодамнешна студија го собори старото убедување дека машкиот и женскиот мозок се различно латерализирани, односно дека интерневронските конекции кај жените се поизразени на левата, а кај мажите на десната половина на мозокот. Несогласувањата на научниците почнуваат веќе на следното прашање – прашање за опсегот на тие разлики – и дополнително се продлабочуваат на проблемот за нивното потекло (дали разликите помеѓу машкиот и женскиот мозок се вродени или, благодарение на невропластичноста, мозокот поинаку се реорганизира под влијание на различни полови искуства?) и бихејвиоралниот импакт. Затоа, пред да се вратиме на конкретната студија (Верма и соработниците), да разгледаме неколку факти и неколку распространети, но невтемелени убедувања на тема „син“ и „розов“ мозок.

Мажите имаат поголем мозок од жените

Точно. Станува збор за добро документиран факт за човечкиот мозок. Според една од посвежите студии, женскиот мозок во просек тежи 1 248 грама, додека тежината на просечниот машки мозок изнесува 1 378 грама. Важно е да се нагласи дека се работи за просечни вредности, кои важат за популацијата, што значи дека може да има поединечни совпаѓања: мозокот на конкретна жена може да има поголем волумен од мозокот на одреден маж.

Според истражувањата на данските научници, машкиот неокортекс, во просек содржи 16 проценти повеќе неврони отколку женскиот.

Женскиот мозок е побалансиран

Неточно. Станува збор за широко распространето убедување дека жените во поголема мера се потпираат на целиот мозок (ангажирајќи ги двете хемисфери), додека мажите за истите задачи повеќе зависат од центрите лоцирани на едната, претежно десната страна на мозокот. Во врска со тоа, постои уште едно неточно тврдење: дека мозочното тело (corpus callosum), кое е составено од нервни влакна кои ги поврзуваат двете мозочни хемисфери и им обезбедуваат меѓусебна комуникација, е погабаритно кај жените.

Овој мит се создал во осумдесеттите години од минатиот век, првенствено „благодарение“ на работата на американскиот невролог Норман Гешвинд. Тој и неговите соработници формулирале теорија според која зголеменото ниво на тестостерон, карактеристичен за пренаталното окружување на машкиот фетус, од некоја причина го забавува развојот на левата хемисфера на машкиот мозок. Подоцнежните истражувања, изведени откако развојот на технологијата овозможи безбедно скенирање на мозокот на тукушто родените бебиња, му се спротивставија на Гешвинд и неговиот тим. Накратко, ниту машкиот мозок е полатерализиран од женскиот, ниту мозочното тело (corpus callosum) кај жените е пообемно во споредба со машкото.

Половите разлики постојат и на ниво на индивидуален мозок

Точно. Хипокампусот, мозочна структура тесно поврзана со функцијата паметење, кај жените вобичаено е поголема отколку кај мажите; во случајот на амигдалите, парни мозочни структури вклучени во емоционалната обработка, нештата стојат обратно: мажите имаат поголема амигдала. Напомена: Не се работи за правило без исклучок. Исто така, вистина е дека женскиот кортекс содржи повеќе сива маса (сивата маса е составена од телата на невроните), т.е дека жените имаат поголем количник сива и бела маса (белата маса е составена од аксони на невроните). Напомена: Односот на сивата и белата маса не мора да биде полово условен; подеднакво е можно малиот мозок по правило да има поголем количник од сива и бела маса.

Полово условените мозочни разлики ги објаснуваат бихејвиоралните разлики

Тешко е да се даде дециден одговор во поглед на вистинитоста на ова тврдење. Од една страна, многу е примамлива тезата која кажува дека разликите помеѓу машкиот и женскиот мозок успешно можат да ги објаснат опсервабилните разлики во однесувањето и способностите на жените и мажите; на пример, супериорноста на мажите во задачите за ментална ротација на тестовите за когнитивна способност, односно супериорноста на жените во емоционалната обработка.

Од друга страна, научниците најчесто не се во состојба да заклучуваат за когнитивните и бихејвиоралните импликации на наводно полово условените церебрални разлики. Имено, немаат доволно основа за да тврдат дека разликите забележани на ниво на мозокот успешно ќе се рефлектираат на разликите во способностите и однесувањето. И покрај тоа, една од новите теории за полова диференцијација на човечкиот мозок, теоријата на компензација, вели дека половите разлики кои ги забележуваме кај мозокот, всушност придонесуваат за намалување на разликите помеѓу мажите и жените кај способностите и однесувањето. Мозочните полови разлики постојат за да го намалат влијанието на генетските и хормонските разлики, нужни за креирање на двата различни пола. Звучи крајно контраинтуитивно, па можеби ќе помогне една поинаква формулација на истото: Многу можно е мозокот на два различни начини да постигнува иста цел.

Теоријата на компензација сугерира нешто крајно интересно: Истражувањата кои настојуваат да дадат невролошко објаснување на половите разлики кај способностите и однесувањето, практично поаѓаат од погрешна премиса дека такви разлики постојат. Па, дали постојат?

Метаанализите, студии кои ја сумираат литературата на тема полово условени разлики во поглед на цртите на личноста, темпераментот, когнитивните способности, сексуалноста, моторичките способности... повеќе зборуваат во прилог на сличноста, отколку во прилог на разликите помеѓу припадниците на двата пола. Џенет Хајд, психолог од Универзитетот во Висконсин и авторка на хипотезата за полова сличност, неодамна направи метаанализа на метаанализата со која ги опфати резултатите на повеќе од седум илјади студии на тема полово детерминирани психолошки разлики. Статистички, резултатите изгледаат вака: мажите и жените значително се разликуваат кај околу 8 проценти (претежно физички) од карактеристиките; разликите од среден обем важат за дополнителни 15 проценти физички и психолошки карактеристики; кај 48 проценти од психолошките карактеристики, со кои истражувачите се занимавале најмногу, разликите се на ниво на статистички грешки; во дополнителните 30 проценти од случаите не постојат разлики. Значи, во 78 проценти од инстанцата, разликите помеѓу спротивните полови се или безначајни или едвај забележливи.

Суштински, би можеле да кажеме дека на доволно голем примерок, разликите во однесувањето и способностите на мажите и жените не даваат основа воопшто да зборуваме за спротивни полови, во психолошка смисла, се разбира. Сликовито кажано, мажите и жените потекнуваат од иста планета (ЛИНК). Дали резултатите од најновите студии (Верма и соработниците) сугерираат поинаку?

Забележаната интерневронска поврзаност во рамките на една хемисфера (мозокот на мажите) и силните интерневронски врски помеѓу ќелиите на двете хемисфери (женскиот мозок), авторите на истражувањата ги толкуваат на следниот начин:

Машкиот мозок е структуриран така што ги фаворизира врските помеѓу перцепцијата и координираната акција, додека женскиот мозок е дизајниран така што ја фаворизира поврзаноста на аналитичката и интуитивната обработка на информациите.

Интересно, авторите воопшто не разгледуваат една од плаузибилните можности: дека различните обрасци на интерневронските врски се условени со разликата на големината на машкиот и женскиот мозок, а не со полот.

Во просек, машкиот мозок е малку поголем од женскиот. Треба да се има предвид дека тоа не значи дека машкиот мозок е едноставно зголемена верзија на женскиот. Поголемиот мозок суштински бара поинакви инженерски решенија: потрошувачка на енергија за негово одржување и функционирање; спацијална и темпорална димензија на конекциите итн. Значи, оправдано може да се претпостави дека постојат само физички причини за различните одговори на предизвиците кои ги поставува поголемиот, односно помалиот мозок, т.е дека поинаквите конективни матрици претставуваат последица на разликите во големината на мозокот.

Сега доаѓаме на уште поинтересен терен. Субјектите со кои Верма и соработниците го направиле своето истражување, всушност, се дел од поголем примерок, од претходните студии на истиот тим научници. Во таа прилика, истражувачите мереле низа ментални/психолошки способности/карактеристики на испитаниците: извршна контрола, паметење, спацијална ориентација, сензорно-моторички способности, социјална когниција итн. Залучиле дека, набљудувано од аспект на полот, разликите помеѓу машките и женските субјекти се незначителни до тривијално мали.

За да стекнете впечаток за мерата во која двата полови се различни, имајте го на ум следното. Доколку од примерокот случајно одберете едно момче и едно девојче, а потоа ги тестирате со иста когнитивна задача, „вистинскиот“ пол би се покажал супериорен во 53 проценти од случаите. Дури и кога станува збор за социјална когниција, каде жените наводно се експерти, односно во совладувањето на просторот, што би требало да биде машка специјалност, случајно избраното момче би го надминално девојчето во социјалната когниција (токму како и случајно избраното девојче за момчето, овој пат во задача за спацијална обработка) во повеќе од 40 проценти од инстанцата.

Освен што заради некоја причина ги игнорирале сопствените наоди, Верма и соработниците во најновото истражување пропуштаат да го споменат феноменот на неврална пластичност. Имено, ако мозокот е изложен на автореорганизација и автореструктурирање, а во согласност со искуствата, зарем не би било логично да се претпостави дека е малабилен и на полово специфични искуства (хоби, слободни и спортски активности, вид на образование...). Дотолку повеќе што во нивното истражување разликите во врските помеѓу машкиот и женскиот мозок се јавуваат дури на возраст од околу 14 години. Освен тоа, генерално, синаптичките врски се формираат во човечкиот мозок се до адолесценцијата и, се разбира, на нивната генеза влијае проживеаното искуство.

Занемарувањето на овој аспект има барем две сериозни последици. Прво, истражувачите ја пропуштаат можноста да утврдат дали специфичното полово искуство остава невролошки траги. Ако е така, тогаш би можеле да работиме на тоа, припадниците на двата пола да завладеат со „важните“ психосоцијални вештини. Второ, молчењето за полово социјалните влијанија автоматски во прв план ја поставува „биолошката програмираност“. Од малку поинаков агол, невросексизмот, од една страна, ги перпетуира и засилува половите стереотипи; од друга, ги прави истражувачите слепи за потенцијално плодни истражувачки стратегии.

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com

Слични содржини

Психологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото