Костадин Танчев - Динка: вечен љубопитник и пионер на македонскиот графички дизајн

07.03.2014 15:28
Интервју со Костадин Танчев - Динка

На 6 март во Галерија 8 беше отворена изложбата на плакати од македонскиот уметник и дизајнер Костадин Танчев – Динка, од периодот на 1970-тите и 1980-тите. Тоа беше провокација за да разговараме овој исклучително важен графички дизајнер, да дознаеме нешто повеќе за неговото творештво, образование и формирање како уметник, начинот на кој работи и неговиот поглед на современиот дизајн. Во услови кога во Македонија нема сериозна архива или литература за историјата на македонскиот графички дизајн, можноста да разговараме со Динка ја сметаме за вистинска привилегија и огромна радост.

Непосреден повод за разговоров е вашата изложба на плакати од 1970-тите и 1980-тите. Сепак, би сакале да го започнеме ова интервју со прашање за вашите почетоци. Зошто се определивте токму за графичкиот дизајн? Што ве однесе во таа насока?

-Со самото доаѓање во училиштето за применета уметност, веднаш се определив за графиката, и покрај тоа што немав многу информации за таа дисциплина. Едноставно, графиката ја сфатив како цртачка логика. Сите пет години во училиштето се занимавав со графика, ми предаваше професорот Љубодраг Маринковиќ Пенкин. Потоа продолжив на Академијата во Белград кај професорот Милош Ќириќ. Долго време бев еден од ретките дипломирани студенти кој потесно се занимава со графички дизајн.

Како ги паметите студентските денови? Колку ве форматираа и го одредија она со кое ќе се занимавате цел живот?

Уште кога бев во средното уметничко училиште почнав да учествувам на разни конкурси. Кога бев втора година, на еден конкурс добив прва награда за плакат, за Денот на младоста. На друг конкурс, за ДОС, осигурување, имаше осум теми за плакат. Стигнав да направам плакати за седум теми и за сите седум добив прва награда. Имаше и други конкурси на кои добив прва награда. Веќе бев навлезен во светот на дизајнот, уште пред да се запишам на Академијата во Белград.

Како дознававте за конкурсите во тоа време? Како се аплицираше?

-Информациите за конкурсите ги дознававме од весник. Тоа ни беше главно средство за информирање. А плакатите на конкурсите се испраќаа во размер 1:1, со оригиналната големина. Уште кога бев прва година на Академијата во Белград учествував на повеќе конкурси и добивав награди. Потоа ме повикаа од Самостојната филмска работна заедница и работев плакати за нив - сѐ уште постои осумката како нивен заштитен знак. Потоа работев и на филм - со Миќа Поповиќ, Кокан Ракоњац, Џорџ Скригин... работев плакати, анимации, шпици на повеќе филмови. Значаен е дизајнот на Хасанагица, кој во Пула беше истакнат како ретко добар плакат и за кој изработив цела посебна азбука. Работев дизајн и за амбалажа, пакување, но повеќе се задржав на плакатите и визуелните комуникации.

Не сте само графички дизајнер, туку се занимавате со графика, сликарство, сценографија, анимација...

-Бев многу љубопитен. Кога се вратив во Скопје, работев речиси сѐ.

Каков е односот на Динка сликарот и Динка дизајнерот? Како функционираат во едно тело? Дали имаат соработка или можеби дури имаат и ривалски однос?

-Динка сликарот и Динка дизајнерот на некој начин соработуваат. Плакатот, кој ми е најголема слабост, е чисто ликовно решение. Тој е практично применет само во моментот кога ќе му дадете наслов. Сепак, го врзувам со графиката, бидејќи јас сум графичар. Бев љубопитен, работев речиси сѐ - сликарство, графика, сценографија, филмска анимација. Ми беше интересно да експериментирам во сѐ.

Какви сѐ техники користевте тогаш, пред славното дигитално време на Фотошоп и низата други програми?

-Приодот секогаш беше мануелен и цртачки. Подоцна прв почнав да правам сито печат. Тоа многу ми помогна во презентација на проектите. Многу плакати се реализирани лично од мене - од идеја, преку цртеж, па сѐ до печат. Беше многу проблематично, затоа што беше потребно подолго време за реализација за разлика од денес. Тогаш ни беа потребни и неколку недели за реализација на еден проект. Сега тоа е многу полесно, но приодот не е многу сериозен. Брзо се доаѓа до резултат дизајнерите и се задоволуваат со тоа. Со класичниот приод, одите подлабоко во процесот. И до денес не го напуштив стариот начин на работа - не користам дигитална техника и програми.

Интересно е и прашањето за писмата и типографијата, буквите, она што денес го нарекуваме фонт. Како се снаоѓавте со тоа? Веројатно сте имале книги и сте морале да ги прецртувате...

-Јас имав учено писмо, и ден денес рачно пишувам азбука, ѝ давам одредена острина. Делумно печатевме линотипно со рачен слог, па потоа и со фото-слог, но кога требаше да дадеме наслов, секогаш моравме да ја прилагодуваме кирилицата, што не беше баш лесно. Во уметничкото училиште писмо ми предаваше Љубомир Белогаски и краток период Гуте Аврамовски.

Имаше ли книги на кирилица или учевте од книги на други јазици?

-Учевме од бугарски и српски книги. Немаше учебници на македонски. Сега Ласко Џуровски направи нешто, досега немаше. Правевме „крпеници“ и адаптации, немаше ниту една систематизирана и разработена кирилична азбука, па моравме сами да правиме свои „фонтови“.

Што е тоа што еден плакат според вас го прави успешен или неуспешен? Дали можеби имате информации за тоа дали успешноста на некој плакат влијаела на посетеноста на некој настан?

-На почетокот да кажам, графичкиот дизајн пред сѐ е идеја. Иако има правила кои мора да ги знаете и мора да бидете потковани, во основа станува збор за идеја. Плакатот значеше многу, затоа што тогаш немаше многу средства за информирање распространети како денес, освен радиото, телевизијата, весникот и плакатите на улица. Тиражите на плакатите не беа големи, но беа важни. Се знаеше кои беа центрите, културните домови, установите и факултетите каде што можеа да се најдат плакати. Плакатот беше многу негуван, особено по 1970 година. Денес плакатот губи со технолошкиот пристап и брзото решение. Нарачателите во денешни услови не се баш зрели да одлучуваат. И наведуваат како да работите.

Како беше порано? Кој ги одобруваше плакатите? Дали правевте и по неколку верзии?

-Не работев многу верзии. За себе работев неколку, но секогаш нудев една верзија. Не ги прифаќав влијанијата и коментарите доколку забелешките не беа во ред. И никогаш не ми вратиле ниту едно решение. Но, за тоа е потребен дигнитет.

Значи, никогаш не сте биле ставен во ситуација да правите компромис со нарачателот?

-Не, никогаш. Го носев плакатот, се знаеше - тоа е Динка и тука завршуваше приказната. Не ми беше важно дали работам за пари или волонтерски, имав однос кон себе и тоа што го работам. Порано се почитуваше дизајнерот и авторството. Денес проблемот не е кој го прави дизајнот, туку кој го бира. Нарачателите ги наредуваат како правило на игра своите вкусови. Авторството е ставено во втор план.

Имате поминато многу години како професор по графички дизајн на ФЛУ. Сте обликувале и образувале повеќе генерации дизајнери. Дали сте задоволен од она што сте го постигнале како педагог и сте го создале како кадар?

-Земајќи предвид дека на ФЛУ при графичкиот оддел имаше само незадолжително образование за графички дизајн - два часа неделно кои повеќе од дваесет години ги предавав волонтерски - мислам дека немаше што многу да се покаже како резултат. Но, тие генерации ја стекнаа основата и денес меѓу нив има добри дизајнери кои ги следат сегашните актуелни трендови.

Ја следите и денес активно дизајнерската сцена?

-Ја следам. Следам речиси сѐ. Но, мислам дека денес дизајно изгуби на значење со сите тие агенции и бизнис контекстот. Дизајнерот повеќе е сервис, извршител, честопати не може да ја наметне својата креација кај нарачателот. Проблематичен е пазарниот контекст. Нема простор за креација кога однапред ќе ви ги зададат правилата на игра.

Автор сте и на повеќе логоа: Кинотека на Македонија, Стопанска банка, КИЦ, стоковна куќа Мост, логото на македонската царина, на скопскиот аеродром, цигарите Југославија и Ем-Те... некои од нив сѐ уште функционираат и се користат. Имате ли ваши фаворити од плакатите и логоата што сте ги создале?

-Имам изработено повеќе од 70 логоа и 140 плакати, па не би можел да издвојам неколку. Ги сакам повеќето од нив, но често знам да бидам и самокритичен. Сепак, веднаш не би можел да издвојам неколку.

Логоа дизајнирани од Костадин Танчев - Динка

Во времето кога творевте, кои дизајнери би ги издвоиле како значајни во Македонија?

-Во Македонија, би го издвоил Владимир Бороевиќ. Тој има постигнато значајни резултати и во продукт дизајнот. Драган Бошнаковски, па Кондевски, Аврамовски Гуте... Вистински подем во Македонија графичкиот дизајн има по 1967/68.

Во Македонија не постои сериозна архива на графичкиот дизајн. Може ли да се направи нешто посериозно во тој поглед или сѐ останува на ентузијастите?

-Порано имаше зачувано голема архива која ја сочуваа Насо Беќаров и Михаил Ренџов во НУБ. Меѓутоа, таа е исчезната. Пред неколку месеци се обидов да најдам плакати – знам дека таму имаше 40-50 мои, но архивата е исчезната. Барав и во разни други архиви, но нема ништо. Сѐ останува на самите автори и ентузијастите. Во институциите, речиси сѐ е исфрлено.

Кога ќе се осврнете наназад, несомнено имате успешна кариера и импресивно богат творечки опус. Чувствувате ли дека сѐ уште има неистражени простори кои ве возбудуваат? Што е креативен предизвик за вас денес?

-И покрај тоа што се мисли дека дизајнот му припаѓа на младиот човек, не се согласувам. Во тој дел секогаш има нешто ново. Големото искуство може да ве доведе до една поголема рационалност во размислувањето. Графичкиот дизајн во голема мера значи едноставност, а искуството може да ви помогне да ја постигнете. Честопати сам си задавам задачи, само за да видам како нешто ќе испадне, без разлика дали потоа ќе го уништам или ќе го зачувам сработеното.

Логото на стоковна куќа „Мост“, едно од многуте дизајнирани од Динка

Сѐ уште следите какви логоа се во тренд?

-Следам, но не се оптоварувам премногу со тоа. Понекогаш редизајнирам мои стари логоа во духот на модерните трендови, се обидувам да ги погледнам со други очи. Некаде сѐ уште има простор за подобрување. Уживам во редизајнот. Тој процес ми е многу интересен. Всушност, голем број од логоата на светските компании се редизајнирани и по десет пати. Доколку некои мои логоа сѐ уште се во употреба, денес би ги редизајнирал. Но, онаму каде што логото е „исчистено“ не чепкам. Сепак, му припаѓам на геометрискиот дизајн.

Што прави Динка кога не дизајнира?

-Слика. Во последно време често го правам тоа. Понекогаш размислувам дали да направам барем уште еден циклус графики. Почнав да сликам еден циклус со заборавени детски играчки, според Цепенков. Направив некоја графика, но циклусот не е завршен. Сакам да стигнам до бројот седум, тој број секогаш ми е интересен.

Изложбата на плакати во Галерија 8 (Фото: Каде вечер)

Надвор од креативните преокупации, како го поминувате она што популарно се нарекува слободно време?

-Многу сакам да одам во кино. Редовно одам бидејќи живеам близу до Skopje City Mall, па кино-салите ми се многу блиску.

За крај, што би им порачале на младите кои сакаат да се занимаваат со дизајн и со уметност воопшто?

-Да пристапат сериозно кон работата, да анализираат и да се трудат повеќе, да бидат образовани и секогаш информирани... и да бидат поупорни. Уметноста не трпи просечност. Мора да изнајдете свој препознатлив пристап и начин на мислење.

 

Разговорот го водеа Небојша Гелевски – Бане и Иван Шопов

Сродна статија: 10 плакати на Костадин Танчев - Динка (1960 - 1980)