1027 hPa
70 %
7 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 08:59
Пред две недели, на 20 февруари, почина Антоанета Фук, една од најважните феминистки од „вториот бран“, оној кој ја доживеа глобаната студентска побуна од ’68 како празник на слободата и истовремено како поништување на сѐ што феминизмот постигна по Втората светска војна. Изјавите за слободата и еднаквоста некако не го подразбираа сето тоа и за жените. Во социјалистичка Југославија, која имаше вистинска студентска побуна, или во Чехословачка која се будеше, се сметаше дека женските права достигнати и гарантирани со закон не се посебен мотив за побуна. Оваа безгрижност продолжуваше во многу полоши облици во дисидентските кругови, а подоцна, во транзицијата, се изроди во ново укинување на правата и во култура на мизогинија, од која воопшто не сме се ослободиле – во ниту едно пост-социјалистичко општество. Презирот кон женските права така стана една од клучните одлики на антикомунизмот.
Што се однесува до западните култури, борбата за женски права имаше многу тешко достижни цели: во повеќето западноевропски земји жените добија право на глас дури по Втората светска војна. Уште во седумдесеттите години на минатиот век во Франција жената не можеше сама да отвори сметка во банка или да изнајми стан без одобрување на некој „свој“ маж. Во април 1971 во Франција се појави „Манифестот 343“, кој често го викаат и „Манифест на расипничките“, со кој жени познати во јавноста, политичарки, филозофки, глумици, научници, новинарки и уметници признаа дека извршиле абортус. Текстот го уреди Симон де Бовоар. Во тоа време абортусот беше казнив по францускиот закон. Законот потоа се промени. Никаде во западните земји ниту во САД до денес не се достигнати оние привилегии кои жените ги имаа во социјалистичките земји - долго трудничко отсуство, обезбедување на вработеноста и вработливоста кое овозможуваше планирање на семејството, здравствена заштита, еднаквост понекогаш загарантирана со државен „клуч“ но никогаш сосема остварена, но сѐ уште подобра од кога било и каде било. Големата порака која мора да се извлече од кое било движење за правата на жените е дека ништо не е постигнато дури ни за подолго време, а камо ли за постојано: тоа дека „борбата продолжува“ не го постулираа жените.
Антоанета Фук припаѓа на генерацијата која во значителна мера отстапи од барањата кои за жените ги постави Симон де Бовоар. Од една страна тоа означи голема политичка послушност на женското движење, а од друга страна се отворени прашањата на разликите, јазикот, дискурсите, телото, сексуалноста, уживањето и заведувањето. Уште во револуционерната 1968 година, се смета обично на самиот роденден на Антоанета Фук, 1 октомври, Антоанета, Моника Витиг и Жожијан Шанел го основаа МЛФ, движење за ослободување на жената, кое има долга и бурна историја и всушност многу успех во Франција. Се водеа дебати за тоа кои се првите и нормално „вистинските“ основачи, како што е тоа типично не само во женските движења, но авторитетот на Антоанета Фук не е сериозно загрозен. Иако студирала книжевност, нејзино главно поле на интерес станува психоанализата. Со своите идеи за самостојно и поинакво женско либидо се спротивстави на фројдијанската линија и на Лакан и неговите следбеници. Сметаше дека жените треба да интердисциплинарно да ја проучуваат женската историја и култура, во рамки на нова дисциплина, феминологија. Тоа беше возбудливо време во седумдесеттите и осумдесеттите години, кога теоријата на заведување беше една од најважните школи на мислење, кога теоретичарките на уживањето радикално се одвоија од машките колеги и пријатели, додека истовремено помалку се грижеа за конкретните активистички и социјални прашања. Феминизмот успешно зазеде место на интелектуалната мапа на Франција, за никогаш повеќе да не го напушти, стана елитна академска дисциплина. До помирување со активизмот доаѓа некако истовремено со разбирањето на американскиот феминистички прагматизам. Југословенските феминистки од седумесеттите и осумдесеттите години, заедно со ретките феминистки од социјалистичкиот блок, многу подобро го разбираа „високиот“ стил на францускиот феминизам, неговата отвореност кон филозофијата и психоанализата, неговата аргументативна критичност. Промените по 1989 година донесоа во Европа и нејзините транзициски покраини бран и превласт на американскиот феминизам: читањето на големите теоретичарки на францускиот феминизам денес е значително помалку популарно меѓу феминистките од „третиот бран“.
Едно од најзначајните дела на Антоанета Фук ќе излезе наскоро, тоа е речникот на творечките жени. Нејзините три книги со есеи од феминологијата веќе на големо се класични. Согласно на своите принципи, таа издаде многу дела во соработка со други жени. Во осумдесеттите години се повлече од француската сцена и работеше како психоаналитичарка во Канада. Но, постои уште еден аспект на работата на Антоанета Фук, кој можеби остави најдлабока трага. По долги дебати со соработниците во 1973 година ja основа книжарницатa и издавачка куќа des femmes во Париз, во близина на плоштадот Сен-Жермен-де-Пре. Основната идеја ѝ беше претставувањето на европските феминистички традиции и современата продукција во психоанализата, социологијата, филозофијата, антропологијата. Во посебни библиотеки се објавуваа малку познати или заборавени дела, списанија кои никаде не можеа да се најдат заедно, и конечно, тука е и CD едицијата со гласовите на познатите уметници, авторки и автори кои читаат свои или туѓи дела. Книжарницата исчезна на почетокот на XXI век, сега повторно постои во соседството, во улицата Жакоб. Атмосферата е единствена: топла сива боја, отворени полици, многу светлост и стаклени прегради. Може да се седи, чита, слуша, продавачките се секогаш спремни да помогнат. Тоа е катче за мир и рефлексија, мал храм на женското читање. За разлика од другите книжарници во шестиот арондисман, секогаш полни со луѓе и авторитети кои гласно се соочуваат, ова е оаза на јасноста, проѕирноста и отвореноста. Прв пат дојдов таму во мај 1986, со пријателката Нада: тоа не е единствената услуга за која ѝ останувам доживотно благодарна. На полицата до касата стоеше огромен сад со цреши за сите посетителки. Со години тоа беше моето омилено место за купување книги. Верноста ми беше вратена кога во излогот погледнав списание со своето име како уредничка и авторка на кориците.
Не треба да се грижите околу судбината на делата на Антоанета Фук - тие сигурно ќе бидат читани и за нив ќе се размислува. Но, испадна дека оваа жена оствари нешто што е можеби најважно за женските движења и за секоја жена, она што и Вирџинија Вулф го бараше за секоја жена: нејзин простор, нејзина соба, нејзин дел од светот во кој без надворешна контрола ќе се посвети на амбивалентната и опасна женска активност, можеби најопасната од сите - читањето и пишувањето. Денес, кога глупаците низ целиот свет го поставуваат прашањето дали смее да се оствари институција во која жените на избори би биле рамноправно бирани, бидејќи тоа, еј, ја ограничува демократијата, и кога стискањето на животниот простор за сите непривилегирани е близу до експлозивната фаза, жените мораат многу повеќе да работат на тоа да создадат за себе катчиња, прибежишта, светилишта и места за разговор од кои ќе излезат посилни и поспособни за што и да е неизвесно, заканувачко, воено или револуционерно што ги очекува надвор. Антоанета Фук за 8 март ни ја испраќа таа порака.
Извор: pescanik.net