Портрет на мојот љубовник како тенџере

08.03.2014 11:22
Портрет на мојот љубовник како тенџере

портрет на мојот љубовник како ангел

Знаеш дека ништо не би ме усреќило повеќе
отколку ти да се најдеш во рајот
застанат на облак без ништо на себе
додека крупен светец ти зема мерка.

портрет на мојот љубовник како кесичка бонбони

Секогаш кога ќе помислиш
дека ми треба љубовник,
запри.
Не ми треба.
Ми треба кесичка бонбони.

портрет на мојот љубовник како бубачка

Погледот што ми го упатуваш е поглед
што некоја бубачка, Боже,
би му го упатила на некој голем светец
што минува на велосипед по божјите златни облаци
и случајно го згмечува
нејзиното стапало.

портрет на мојот љубовник како бунгалов

Најди тивко место
и легни си.
Загради се со рози
и жива ограда.
А потоа, о Боже,
пушти ме да легнам крај тебе
и да те галам
како што би галела
мртов лав.

портрет на мојот љубовник како лебарка

Ме бакнуваш
чинам мала грепкава лебарка
бега по бетонскиот под
облечена во венчаница.

портрет на мојот љубовник како тенџере

Тенџерињата го минуваат денот во корисна работа
а ноќум осамени и превртени наопаку
сонуваат за бело кафе и розови прсти
без да имаат потреба да бидат сакани.

портрет на мојот љубовник како перниче

Здебели се.
Наталожи си фалти од сало.
Олабави се, о Боже,
и вежбај
како да бидеш не само без коски
туку и спокоен.
Најди си тивок кауч
и седи си таму
безделничи
како дебел гусан
кому му е јасно дека единствениот начин
да биде мој љубен
е всушност да биде
перниче.

портрет на мојот љубовник како пиле

Да си беше
пиленце
што си живее мирно
во кокошарникот,
никој, о Боже,
не ќе мораше да ти каже
дека и така никогаш не те сакале.

Превод: Благородна Богеска
Извор: Имагинарни крави, СВП 2006
Слика: Натали Фос

ОкоБоли главаВицФото