За моралот и за Прилепската колонија

08.03.2014 13:51
За моралот и за Прилепската колонија

1.

Има една работа којашто денес многу ми се допаѓа. Само една. А тоа е што секојдневно учам. Дури и на овие, ај да речам, возрасни години. Има бре брате толку „учители“ по секакви мајстории и шашми, толку „стручњаци“ што просто им завидувам. И не можам да постигнам. Порано немаше толку „бистри“ луѓе. Немаше човек од кого да научи. Моравме да читаме книги. И да учиме. Овие денес ти држат скратени курсеви по сѐ и сешто. Стручњаци, нема што. Иако меѓу нив има и многумина од стариот ков – односно повеќето се такви – персони што и порано сме ги гледале, дури сме правеле муабет со нив, ама денес многу пораснаа. За глава, две, и тоа на возрасни години. Демек, се опаметија, што и да значи тоа. И денес – тие одлучуваат. За сѐ, а главно за сешто.

2.

Зошто ваков вовед? Па, го читам Марин (некогаш) Бабиќ, сега Гермов, и прво не можев да сфатам што всушност е работава. Што проблем има човеков? Иако насловот „По 57 години 'се осмелија' да ја уништат најстарата уметничка колонија во светот“ треба да е прилично јасен. Всушност, ме збуни таа паралела со „светот“ и заради тоа не ми отиде мислата накај Прилеп. Зашто, сепак, Ликовната колонија во Прилеп, подоцна меѓународна, уште подоцна Симпозиум за мермер, е најстарата ликовна колонија кај нас, ама во светот? Сеедно, значи прво ме збуни „светот“, а потоа и нагласката на уништувањето. Која ли будала си зела, или добила задача да ја уништува таа колонија? И зошто? И како? И потоа, пак јас наивен, помислив некое ѓаволе си немало друга работа и, да простите, си ги онаквело ѓаволчињата. Ама не било така.

А всушност, очигледно сѐ уште не сум се прилагодил на новиве правила. Заборавам дека никнаа едно чудо будали и ѓаволи – што ќе рече има кој да се занимава и со такви уништувања – а потоа, едноставно, на будалите не им треба вистинска причина. А како? Наједноставно, сите механизми, особено финансиските, им се при рака!

3.

Нејсе, препрочитувајќи го (со доза на неверување) Бабиќ, а потоа и „позитивната листа“ на Министерството за леб и игри наречена Годишна програма за остварување на националниот интерес во културата за 2014 година, гледам дека нема шега. Човекот имал право, будаливе навистина ја избришале најстарата ликовна колонија од списокот. На нејзино место се распослале едно чудо други, се петелат, демек тие го остваруваат тој национален интерес. Оние новокомпониранине колонии, каде учесниците ги бираат според сите други само не уметнички параметри, ги товат и појат неколку дена и потоа ги истовараат за по дома. Некои и ги тркалаат. Зависно од малиганската состојба! Е тие да ти биле денешниве претставници на некогаш прогресивната македонска заложба низ овој вид групни уметнички потфати да се пропагира и популаризира ликовната уметност и да се создаваат (вредни) дела за македонските музеи и галерии.

Кога сега би се зафатил со објаснување што и како претставува прилепската колонија за македонската уметност и култура, би ми требало многу простор. И време. Низ неа проструи творечкиот дух на стотици македонски и странски уметници и не е претерано ако се каже дека оваа колонија ги поставуваше стандардите на вистински македонски културен амбасадор. Ама мислам дека оние кои барем малку се упатени во развојот на ликовната уметност кај нас, знаат точно на што мислам. А можат да го (пре)прочитаат и Бабиќ, кој прецизно ги опишува ентузијастичките почетоци. Ама – македонска работа. Или, на комшијата козата. Уште Бошко Бабиќ им беше трн во очите на некои полуписмени прилепчани, особено на некои маслосани „духовници“ кај кои џебот е подлабок од умот, кои сметаа(т) дека Македонија сѐ уште треба да си живее „лагодно“ во 19-от век. И веднаш по неговата смрт, хиените почнаа да кружат прво околу манастирот, а потоа и околу колонијата. И никој со прст не мрдна во некаква одбрана! Не, дури и се ситеа. Сепак, некоја/некаква традиција и квалитет се задржаа и во видоизменетите услови, толку колку што дозволуваа средствата. Активностите се сведоа на некаков минимум, некогаш и под нивото на колонија од тој тип, за неа престана да се говори со вообичаената љубопитност и интерес, впрочем како и за многу други подеднакво важни македонски културни институции. Некои од нив како да беа од некого предодредени за пропаст. Се разбира, во таквите типично балкански селски игри, секогаш се наоѓаат платеници да ги завршат валканите работи.

4.

Поточно, изгледа дека кога сите сме мислеле дека, вака-така, ама сепак, (не само) колонијата ја оставаат на мира, еве се појавиле нови „духовници“, оние од најлошиот бирократски и платеничко „стручен“ тип, за кои ништо не е вредно и свето, кои по директива уриваат сѐ пред себе. Бирократите планираат, платените „стручњаци“ спроведуваат. И пишуваат образложенија. Онака, „стручни“. А за оваа година нашле двајца „вредни“ егзекутори во форма на една Комисија: еден „скулптор“ (кој наместо да прави скулптури божем пишува книги и истите ги изложува како – скулптури) и една библиотекарка која со години глуми „критичарка“, а инаку дежурна измеќарка за сите валканици последниве години.

И двајцава сиротани, како „стручно“ алиби на бирократите, велат дека токму оваа колонија да ти била најголемиот македонски проблем, ако ја нема неа сѐ ќе ти било поарно, дека нејзината програма „не е во согласност со Националната стратегија за култура 2013 – 2017 и приоритетите наведени“ во некое нивно Упатство! Пази богати, ова „стручњациве“ да ти знаеле и што е стратегија, а да ти имале и упатство? За што? За уништување македонски културни и уметнички институции? Ако тие двајца ја виделе дотичната стратегија, јас секој ден ќе ја читам по сто пати, а за она неписмено упатство што бирократите го печатат на нивните формулари да не правиме муабет. Ама тука не запираат. За да го запечатат целосно злосторството тие не се срамат да кажат дека „особено внимание“ посветиле и на „финансиските елементи, квалитетот и успешноста на реализирани проекти на корисникот … во изминативе години“, и – трт, полуписмениве не ја завршиле мислата. Ама ја завршиле мисијата! Поточно, тие накусо кажале дека сето тоа што во Колонијата се работело со години не заслужува ни мочани две банки, дека таа безмалу е жив грев на оваа култура… и – за неа нема пари. Мореее, „стручњаци“. И едниот – кој со години јадел и пиел таму, и другата – која со години терала одмор во Колонијата. Е, ама сега, сега има директива. И шутрациве не се ни свесни дека одработуваат туѓи агенди, дека извршуваат туѓо испланирано злосторство, дека се само продолжена рака на група уличари. А можеби и не ги интересира, ако се добро платени, се разбира. Та тие и рода би погребале за грст сребреници!

5.

И всушност, оттука и гневот, горчината, разочарувањето за овие и слични случувања што нѐ следат со години. Воопшто не се битни неписменине и прости бирократи кои изигруваат некаква власт, а немаат поим ни каде се ни што треба да работат. Тие, впрочем, и не се навикнати да работат. Тие ги навикнуваат другите да – одработуваат.

И тука влетуваат полуписмениве неморални „стручњаци“, секогаш полетни и агилни некого и нешто да парчосаат, да закопаат, да оцрнат. Кај нив нема ни свест ни совест, нема меморија, а моралот е непозната категорија. И токму овие двајца бессрамници јас годинава ги повикував неколку пати да се откријат, да не се кријат зад Министерството за леб и игри и да ја образложат нивната „позитивна листа“ на уметници и изложби за годинава. Тогаш не знаев точно кои се. Сега знам, ама знаат изгледа и сите други. И како утре ќе излезат на улица, како ќе се појават во јавноста? Па зарем „проектите“ од типот на „Ова е Вардарската долина“, (видеопрезентација); Годишна изложба на основни училишта; „65 години НТ Антон Панов преку фотографии и плакати“ (тоа било театар, ама нема везе); „Туѓината – јадот и сјајот на душата“, ревија на костими; Изложба „Шарено велигденско јајце“; Моден дизајн, модна илустрација и ревија; „Land art 2014“ – ликовен проект; „Градина на бои – Допри ја уметноста“ … итн., се навистина од национален интерес? А Ликовната колонија во Прилеп не е?! Па каков е тој личен и професионален морал кој дозволува вакви перверзии? И пак ќе ги прашам – зашто сега знам кои се – за проектот на уметницата Тина Гверовиќ и Бен Каин? Односно, како е можно, „г-дине“ и „г-ѓо“, таа уметница да е добра за Тејт Модерн во Лондон, а не за вашите идиотски „критериуми“? Немала потпишано преддоговор! А каков тоа преддоговор да потпишете со странски уметник, и на кој јазик? На македонски? И што да му ветите на тој странски уметник во преддоговорот? Дека две наши будали ќе одлучуваат за неговиот проект? Алоо, главите не служат само за потстрижување, треба малку и да се мисли со нив. Или воопшто и не можевте да го прочитате проектот зашто е на – латиница?!

И како тоа, господа „стручни“ платеници, пари може да добиваат секакви можни здруженија во Македонија, за секакви бесмислени „проекти“, ама никако кај вас да помине една нормална работа? И зошто, наспроти сите повици, ко глувци се криете од јавноста?

6.

Конечно, ако утре, некој, повторно и по кој знае кој пат, праша како тоа Македонија нема традиција, нема ова, нема она, одговорот ќе ни биде полесен. Веќе ја научивме лекцијата. Односно, ете има такви „стручњаци“ на кои ништо не им е важно. Тие се подготвени да распродадат сѐ живо, дури и сопствената совест и морал, за да си удоволат себеси и на некои ситни уличарски интереси. Кога можат да ја подведат под сомнеж колонијата којашто буквално произведе илјадници дела, чии скулптури не се само низ цел Прилеп, цела Македонија, туку и во најважните ликовни институции во земјата, тогаш што останува за другите? Или сега некои од новиве „уметнички“ поила и товила треба да ги заменат некогашните колонии по кои Македонија беше позната?

А впрочем, сега станува појасно и како функционира целиот систем на „нови вредности“ и „позитивни листи“ што за нечии интереси ги воспоставуваат овие платеници. Уништи ги старите, ќе промовираме „нови“! Какви – такви – килави, некому му вршат работа.

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Мишел Хамер

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото