Солитер

10.03.2014 09:50
Солитер

Пред нешто повеќе од четврт век Ѓорѓе Балашевиќ отпеа песна под наслов „Солитер“, низ чиј текст сакаше, ајде да кажеме, иронично да ја претстави политичката состојба во тогашната Југославија. Песната, во суштина, зборува за етничката исклучивост на тогашните републики, односно на нациите што околу половина век живееја под мотото „братство-единство“. Во песната на Балашевиќ, државата беше претставена како солитер, кому „фасадата му држи, а темелите му се лизгаат“.

Не само овој стих, туку целата атмосфера на оваа музички весела песничка, некако потсетува на овој наш, овдешен предизборен амбиент. Дури, би рекле, и повеќе отколку што треба. Можеби и не личиме на солитер (повеќе на некоја колипка, макар била стиропорски-барокно изградена), сепак официјалната мултикултурна политика, наводно запечатена со Охридскиот договор, која, патем речено, никогаш и не заживеа онака како што би требало, односно како што вообичаено се вели – во духот на Договорот, денес делува прилично скршливо и нестабилно, барем ако се суди по реториката на владеачките коалициони партии, кои се претставуваат како наводни носители на двата најголеми македонски ентитета. Изјавите од типот дека „консензусот не е демократски“ или дека „консензуалниот претседател е принцип без кој не се може“, колку и да делуваат како некаква оправдувачка, дури и весело-налудничава предизборна реторика, тие директно водат кон една состојба на (национална) заслепеност, која навидум веселата и братска музикална хармонија (барем што се однесува на поделбата на пленот од власта) може ексклузивно брзо да се претвори во класична пијана турбо-варијанта на веќе видената балканска крчма.

Не е, се разбира, случајно што кревкото заедничко живеење во државата која, во разни варијанти, траеше повеќе од седум децении, а во социјалистичкиот систем речиси пет децении, Балашевиќ ја опиша како солитер. Солитерот на овие простори секогаш бил симбол на несигурност, на нешто што прво страда во земјотрес, зграда на која често ѝ се расипува лифтот, каде што владее нехигиена, влезовите служат како сурогати за јавни клозети, а манијаци чекаат, прикриени некаде во сенките на темните ходници. Со еден збор, солитерот е нешто, најблаго речено, несигурно за живеење. Тој, вообичаено, има само еден влез и, барем во овдешните краишта, нема таканаречени противпожарни скали или било каква резервна варијанта да се излезе од таму. Во него владее бучава. Соседите никогаш не се добронамерни и секогаш вршат поправки во својот стан токму во времето кога вие сакате да одмарате. Децата од солитерот немаат домашно воспитување, а на вашата врата редовно ѕвонат разно-разни напасници: од Јеховините сведоци, преку питачи и инкасатори, па сè до најразлични партиски апаратчици и пропагатори. Од друга страна, становите наредени како „индустриски спални“ ги обезбедуваат сите предуслови за урбана отуѓеност и дехуманизиран начин на живот. Солитерот, ете, секако не е најсреќниот избор за домување на било кој припадник на човековиот род.

Нормално, и солитерот, како и неговата метафора во овој текст, е само класичен пример на стереотипизацијата на нештата. Токму како што се стереотипизирани и претстојните избори. Имено, солитерите ги клеветат (речиси секогаш) оние што никогаш не живееле во – солитер. Солитерот, таа буквално неубава градба, е токму обратното. Солитерот, по својата природа, наметнува живеење на многу луѓе на мал простор. Блискоста, во најбуквалната смисла на зборот, со вашите соседи, едноставно, ве учи на толеранција. Сфаќате дека присуството на Другиот, ете, не боли. А во солитерот, богами, има многу Други. Со оглед на околностите и политиките, во солитерот живеат луѓе кои говорат најразлични дијалекти со најразлични акценти, а можат да се слушнат и јазици кои тука се третираат како странски или најблаго речено туѓи. Сите тие, суштински гледано, само го збогатуваат просторот околу вас. Просторот е поделен строго наменски, па територијалните претензии се речиси системски исклучени. Со оглед на фактот дека буквално се живее во воздух, односно по катови, никој во солитерот нема и не може да полага право врз Светата македонска земја (или чија и да е). Секој секому (најбуквално) оди врз главата.

Станарите во солитерот се вистинска лепеза од сите драмски и комични карактери што сте ги виделе и што ќе ги видите по овдешните и белосветските театри и по светските филмови. Тука има молчеливи интелектуалци, луѓе во тренерки, мајстори за сè, стогодишни баби, педантни хипохондри, вечни ергени и вечни девојки, класични инаетчии, ноторни алкохоличари, дури и набедени манијаци. Па, како тогаш можете да се чувствувате отуѓено? Музичката придружба е приказна за себе. Освен вообичаените правосмукалки и бор-машини кога не им е време, соседот решил да е расположи со ортодоксен западнобалкански турбо-фолк (со звучниците на балкон, се разбира), другиот истовремено се запнал на ораториумите на Бах, третиот мава врз столчето во ритамот на Дизи Гилеспи, четвртиот пак никако да се одвои од Здравко Чолиќ, на следниот синот е малку задоцнет панкер итн. Па, како, по ѓаволите, тогаш ќе се чувствувате дехуманизирано?

Солитер, ако не ме лаже мојата вообичаено лажлива меморија, на француски значи: сам, осамен. И навистина не знам зошто и тука се прави кај нас парадокс, односно зошто повеќекатницата со бројна состојба блиску до некој помал македонски град би добила име по осаменост. Да, се користат и други термини, значи веќеспоменатата „повеќекатница“, па налудничавиот термин „висококатница“, натаму „облакодер“ или едноставно „кула“. Сепак, најприфатлив термин е токму „солитер“, бидејќи ниту ги дере облаците, ниту е кула (барем не во класичното значење на зборот), а бројот на катови и нивната височина е сосема релативна работа. Солитерот не е ограничен ниту со бројот на катови, ниту со височината. Тоа е секоја зграда што го надминува (сече) хоризонтот во височина. Некаде таа може да има четири ката, а некаде 40, или колку ли веќе ќе имаат катови оние годзилски згради во населбата Аеродром во Скопје.

Од друга страна, ако на било кој странец му кажете дека живеете во солитер, најблаго речено чудно ќе ве погледне. Солитер, имено, е општо прифатеното име за една од ретките игри со карти што се игра соло. Додуша, со развивањето на компјутерските игри на социјалните мрежи, успеаја да измислат и „солитер“ што се игра турнирски, односно во друштво, што самото по себе е уште еден оксиморон врзан за овој поим. Инаку, оваа игра кај нас, барем до појавата на компјутерите, беше позната под името „пасијанс“. На прва топка би помислиле дека овдешното име потекнува од зборот „пасија“, односно дека станува збор за своевидна страст (што е и вообичаена особина на играчите на пасијанс), меѓутоа името произлегува од англискиот назив за истата игра: „patience“, што значи „трпение“.

Лично мислам дека е тоа најдобриот израз што го отсликува животот во солитер – трпение. Некогаш и замислувам таква утопија: сите политичари да живеат во еден солитер!

ОкоБоли главаВицФото