Дали Ларс фон Трир е всушност документарист? Процутот на лезбејскиот, аналниот и тинејџерскиот секс

11.03.2014 13:19
Дали Ларс фон Трир е всушност документарист? Процутот на лезбејскиот, аналниот и тинејџерскиот секс

Со месеци послужуваше аперитиви и ни отвораше апетит. Случајот сакаше главното јадење, по грешка, да им биде послужено на деца на школска возраст. Излезе дека ниту возрасните не смеат да го конзумираат без претходно предупредување. Накратко, enfant terrible на европската кинематографија, данскиот режисер Ларс фон Трир, повторно бранува.

По серија тизери, со кои внимателно го билдаше интересот на јавноста за својот најнов филм, Нимфоманка, Трир се огласи и со прв официјален трејлер. Можност да го погледнат меѓу првите добија учениците од Тампа, Флорида, на кои по грешка им бил прикажан пред проекцијата на анимираниот филм на Дизни, Frozen. Искуството било толку трауматично за децата и нивните родители што трејлерот веднаш бил повлечен од Јутјуб. Американското списание Vanitiy Fair го опиша како „најексплицитниот трејлер кој некогаш бил прикажан во мејнстрим кината“.

Што е проблемот со Нимфоманка? Во конечната, скратена и цензурирана верзија, Нимфоманка трае цели четири часа и содржи експлицитни сцени со орален и анален секс. По тој повод, ќе ви откријам една тајна. За среќа, европските филмски критичари не ги следат истражувањата за сексуалните ставови и однесувањето на своите современици. Доколку го прават тоа, на контроверзниот Данец лесно би можело да му се случи да биде обвинет за недостаток на фантазија.

Секои десет години, истражувачите од Велика Британија објавуваат Национална анкета за сексуални ставови и животни стилови (Натсал). Првата анкета, Натсал-1, е спроведена во 1990 и 1991 година. Наредната, Натсал-2, се работела во периодот 1999-2001 година. Резултатите од најновата, Натсал-3, објавени кон крајот на минатиот месец, ги покажуваат следните трендови: раст на популарноста на хетеросексуалниот анален секс; раст на распространетоста на лезбејските сексуални активности; порано стапување на девојките во прв сексуален однос.

Лезбејски секс

Според резултатите од Натсал-1, помалку од 4 проценти од Британките, на возраст од 16 до 44 години, имале некаков вид сексуално искуство или контакт со личност од ист пол. Десет години подоцна, тоа било случај со неполни 10 проценти од испитаничките. Сега тој процент се искачи на 16; повеќе од двојно ја надминува распространетоста на истополовото сексуално искуство кај машката популација.

Сите жени кои пријавиле сексуален контакт со личност од ист пол не оделе до крај. На прашањето дали нивната лезбејска сексуална активност вклучувала генитален контакт, половина од наведениот процент одговориле потврдно. Меѓутоа, трендот е валиден: во првобитното истражување, 2 проценти од испитаничките рекле дека оделе до крај; во наредното, тоа било случај со 5 проценти од анкетираните девојки и жени; во последното, 8 проценти. Ист е случајот со одговорот на прашањето дали во последните пет години имале лезбејско искуство: 1 процент; 2 проценти; 5 проценти.

Кога женскиот дел од примерокот од Натсал-3 ќе се разложи според старосни групи, се добива интересен преглед. Меѓу жените на возраст помеѓу 65 и 74 години, 3 проценти од испитаничките пријавиле лезбејско искуство. Кај жените на возраст помеѓу 55 и 64 години, процентот се искачува на 7. Во старосната група 45-54 расте за уште 2 проценти, на 9 проценти, а во старосната категорија 34-44 изнесува 12 проценти. Кај младите жени, групата на возраст од 25 до 34 години, односно 16-24 години, зачестеноста на истополовото сексуално искуство достигнува 18, односно 19 проценти. Што ни зборува ова?

Кога преваленцијата на лезбејскиот контакт би била константна и рамномерно дистрибуирана, процентите, врз основа на акумулираното искуство, би требало да растат со годините. Напротив, трендот е спротивен. Значи, или лезбејското искуство станало вообичаено, или младите жени, заради промена на културната клима, се послободни да се изразат за него.

Помеѓу првото и второто истражување, и меѓу мажите е забележан раст на истополова сексуална активност, до душа, не во толкава мера како кај женската популација. Освен тоа, прашање е дали тој раст бил реален. Како што напоменуваат самите автори на истражувањето, Натсал-1 е спроведено во време кога ХИВ епидемијата била на врвот, а машката хомосексуалност била сметана за водечки ризик-фактор за нејзино ширење. Натсал-2 се спроведувало во поинаква општествена клима и постои можност растот на распространетоста на хомосексуалниот однос едноставно да бил рефлексија на културна промена.

Според резултатите од Натсал-3, 7 проценти од мажите известуваат за хомосексуално искуство, што е повеќе од половина помалку во споредба со жените. На прашањето за хомосексуален контакт во последните пет години, само 3 проценти од мажите одговориле потврдно; повторно значително помалку во однос на жените. Во ред, би можело да се каже дека мажите се понаклонети да ги кријат своите истополови сексуални контакти, но во тој случај се отвора друго интересно прашање: Зошто жените одеднаш се чувствуваат толку слободни да бидат искрени на оваа тема?

Сè на сè, зборуваме за тоа дека повеќе од 20 проценти од жените, помлади од 35 години, известуваат за искуство во лезбејски секс. Дури и ако под лезбејски секс подразбираме само генитален сексуален контакт помеѓу две жени, и понатаму се работи за 8 проценти од младата женска популација; значително повеќе во однос на резултатите од анкетите и научните истражувања за распространетоста на хомосексуалноста.

Интересно, наведените проценти ниту одблизу не ги следи соодветен раст на бројот на жени кои се идентификуваат како лезбејки. И покрај тоа, по тоа прашање нема разлика помеѓу жените и мажите: 2-3 проценти од возрасната популација од двата пола се идентификуваат како „геј“, „лезбејка“, „бисексуална личност“, додека дополнителен половина процент се изјаснуваат како „друго“.

Причините за флуктуациите на распространетоста на хомосексуалното искуство во зависност од животниот период веројатно треба да се бараат во наклонетоста на помладата популација да експериментира со својата сексуалност. Според резултатите на Националната анкета за сексуално здравје и однесување, кои ги објавија истражувачите од Универзитетот во Индијана во 2010 година, бројот на оние кои „пробале“ хомосексуален секс, барем двојно го надминува бројот на луѓе кои „остануваат“ хомосексуални. На пример, ако се набљудуваат мажите на возраст од 18-19 години, 10 проценти од нив сведочат дека орално задоволувале друг маж. Меѓу мажите во четириесеттите или педесеттите години, 13 проценти велат дека имале такво искуство, додека 14 проценти од нив се изјасниле дека орално ги задоволувал друг маж. Меѓутоа, тоа се одговори на прашање од видот: „Дали некогаш...?“ Кога прашањето се однесува на хомосексуално искуство во последните пет години, процентите паѓаат на околу пет проценти.

Анален секс

Како и во случајот на лезбејскиот секс, или распространетоста на аналниот секс реално значително пораснала, или луѓето чувствуваат дека станало општествено поприфатливо да се изјаснат потврдно на тоа прашање.

Во почетокот на последната деценија од минатиот век (Натсал-1), 7 проценти од мажите на возраст од 16 до 44 години изјавиле дека имале хетеросексуално анално искуство. Во наредните две истражувања, нивното учество пораснало на 12, односно 17 проценти. Процентите за женската популација се безмалку исти: помеѓу Натсал-1 и Натсал-3, процентот на жени кои изјавиле дека имале сексуално искуство со анален секс се движел од 7, преку 11, до 15 проценти. Во случајот на двата пола важи и следното правило: колку се помлади, толку аналниот секс е пофреквентен. Имено, на ниво на целиот примерок, хетеросексуалниот анален однос го практикувале 13 проценти од мажите и 11 проценти од жените. Меѓутоа, ако се набљудува само најмладата популација опфатена со примерокот, 16-24 години, тие проценти изнесуваат 19 (за мажи), односно 17 (за жени).

Судејќи според сè, резултатите на британската национална анкета го рефлектираат глобалниот тренд. Имено, раст на популарноста на аналниот секс е забележан и во Америка. Според наодите на истражувањето кое во почетокот на 2000-те години го спровел тамошниот Национален центар за здравствена статистика, една третина од популацијата од двата пола, на возраст од 22-24 години, има искуство со хетеросексуален анален секс. Кога ќе се земе предвид и малку постарата популација, 25-44 години, процентите изнесуваат 35 проценти (жени), односно 40 проценти (мажи); дополнителни 5 проценти од мажите редовно практикуваат хомосексуален анален секс.

Споменатата анкета, која ја спроведоа истражувачите од Универзитетот во Индијана, овозможува да се шпекулира за позадината на растот на популарноста на хетеросексуалниот анален однос. Едно од прашањата во анкетата гласи: „Дали за време на последниот сексуален однос доживеавте оргазам?“ Потврден одговор на ова прашање дале 65 проценти жени чијшто последен сексуален чин бил ограничен на вагинален секс, 81 процент од жените кои партнерот ги задоволувал орално и дури 94 проценти од жените кои за време на последниот сексуален однос практикувале анален секс.

Не, аналниот секс не е пречка за оргазам. Внимателното читање на резултатите од анкетата сугерира нешто друго: Жените кои практикуваат анален секс имаат подинамичен и поразновиден сексуален живот. Имено, од вкупниот број жени кои изјавиле дека за време на последниот сексуален однос имале анален секс, дури 6 проценти од нив велат дека имале само анален секс. Во повеќе од 80 проценти од случаите, на аналниот му претходи вагинален секс, додека во повеќе од две третини од случаите аналниот секс доаѓа по оралниот (во две насоки) и заемна мастурбација меѓу партнерите.

Тинејџерски секс

Меѓу најстарите жени опфатени со последната британска национална анкета – оние кои имаат помеѓу 65 и 74 години – дури 4 проценти имале прво сексуално искуство пред да наполнат 16 години. Во групата жени на возраст од 55 до 64 години, тој процент изнесува точно 10. Оттаму, стабилно расте: секс пред шеснаесеттата имале 14 проценти жени од групата на возраст од 45-54 години, 18 проценти од испитаничките од категоријата 35-44 години, 25 проценти од оние кои имаат 25-34 години и 29 проценти од субјектите од најмладата група, 16-24 години. Дури и да речеме дека постарите жени се понаклонети да го заборават овој податок или да бидат помалку слободни во искреноста, нема сомнеж дека поместувањето на границата за стекнување прво сексуално искуство на помала возраст е реалност.

Повторно, не станува збор за британски ексклузивитет. Најсвежите податоци за сексуалното однесување и навиките на Американците сведочат за истиот феномен. На возраст од 15-17 години, 33 проценти од Американките и 32 проценти од Американците велат дека имале вагинален секс. Во старосната група од 18-19 години, процентите се зголемуваат двојно, но нивниот однос сега е обратен: 66 проценти мажи и 62 проценти жени се изјасниле за искуство со вагинален секс. Некаде помеѓу 20 и 24 година, повеќе од 85 проценти од популацијата на двата пола, стекнале прво сексуално искуство.

Слична слика нудат и податоците за првото искуство со орален секс. Една третина од женската популација првото искуство со орален секс го стекнала на возраст од 15-17 години. Во наредната група, 18-19 години, тој процент изнесува 63, а во следната, 20-24 години, 81 процент. Кај мажите, гледано според истиот редослед на старосните категории, процентите изнесуваат: 35, 70 и 80 проценти. Статистички гледано, вагиналниот и оралниот секс се абнормални пред, а нормални по 18 година. Но, како стојат нештата со табуизираниот анален секс?

Па, табуизирано. Како и вагиналниот и оралниот, и аналниот секс станува вообичаен со созревањето на тинејџерите. Кај двата пола, неговата распространетост се удвојува на преминот од категоријата 18-19 во категоријата од 20-24 години. Сепак, не надминува 39 проценти, кога станува збор за женската популација, т.е 45 проценти, ако зборуваме за мажите.

Кога станува збор за тинејџерите, американската национална анкета засега бележи и ексклузивно американски тренд: враќање на невиноста. Не, не станува збор за хируршки зафати со кои девојките и жените го враќаат (не)одамна изгубениот химен. Веројатно се работи за резултати од двата мандати на ултраконзервативната администрација на Буш и масовното финансирање на програмите и кампањите за одложување на првиот сексуален контакт. Имено, според резултатите од истражувањето на Националниот институт за здравствена статистика од 2005 година, 22 проценти од популацијата на возраст од 15-24 години, изјавиле дека никогаш немале сексуален контакт со личност од спротивен пол. Пет години подоцна, тоа е случај со 27 проценти од машката и 29 проценти од женската популација од ист старосен опсег. Патем, доколку тоа ви паѓа на ум, не дошло до поместување на планот на хомосексуалноста со кој евентуално би можел да се објасни овој тренд. Освен враќањето на невиноста кај популацијата на возраст од 15-44 години дошло до пораст на бројот на оние кои изјавиле дека имале само еден партнер.

Колку често?

Значи, своите први сексуални искуства тинејџерите ги стекнуваат релативно рано и не се двоумат да експериментираат. Некаде околу полнолетството, вагиналниот и оралниот секс се default. Паралелно, од аспект на распространетоста, аналниот секс прави пат до мејнстримот, токму како и женскиот истополов сексуален контакт. Дали тоа сведочи за хиперсексуалноста на современиот човек?

Би рекле, не. Наспроти наведените трендови, сексот станува сè поретка стока. Според резултатите од Натсал-1, од почетокот на деведесеттите, просечниот број сексуални односи во текот на еден месец, на ниво на целиот примерок, изнесувал пет. Во следната анкета, паднал на четири, а во најновата, Натсал-3, изнесувал три. Накратко, од некоја причина, луѓето во сексуалното однесување покажуваат повеќе авантуристички дух, но помалку ентузијазам.

Како да се објасни овој парадокс? Барем делумно, тој е последица на методологијата. Анкети. Промената на културната клима во поглед на сексуалноста и подобрата анкетна техника (податоците за Натсал-3 се собирани така што анкетарите оделе во домовите на испитаниците, но и со помош на компјутери и интернет, од дистанца, за испитаниците кои сакале дополнително да ја обезбедат својата приватност) влијаеле на тоа луѓето да бидат поискрени и поотворени. Да речеме дека можеле полесно да се одважат и да го „признаат“ тинејџерскиот, аналниот или лезбејскиот секс. Постои можност дека и нередовноста на сексот е dirty little secret, токму како и практикувањето на аналниот секс, на пример. Имено, можеби испитаниците сега конечно признаваат дека значително поретко имаат сексуален однос, отколку што некогаш се преправале дека го имале. На некој начин, откривање на недостатокот од секс.

Извор: mindreadingsblog.wordpress.com
Слики: Сцени од филмот Нимфоманка на Ларс фон Трир