Загрозено културно наследство создавано со милениуми

12.03.2014 09:19
Загрозено културно наследство создавано со милениуми

Власта на ВМРО-ДПМНЕ во 7-годишното владеење отвори повеќе таканаречени музеи, со коишто ги порекна сите светски музеолошки принципи. Ниту еден од нив не е претходно предмет на стручна расправа! Но затоа се загрозени постојните музеи

 

Македонското културно наследство, создавано со милениуми и генерации е сериозно загрозено.

Се распаѓа традиционалната архитектура. Ја уништи оваа власт на Никола Груевски.

Се крадат икони од црквите. Крадците најчесто не се фатени.

Буквално се ораат локалитети од диви копачи. Откопаните археолошки локалитети се оставени неконзервирани, на забот на времето.

Наспроти ова, власта форсира изградба на споменици, музеи, над и под скопското Кале.

Доколку парите употребни за нови музеи, квази етно-села и наколни населби се употребеа за реставрација на најзначајните средновековни споменици во Македонија, македонските бисери во светската културна ризница немаше да бидат доведени во опасност.

СДСМ ќе спроведе итна санација на најзагрозените артефакти на културното наследство.

Во Програмата е предвидена стратегија за реставрација и конзервација на споменичното културно наследство. Ќе се направи листа на загрозени локалитети и ќе се формира посебен фонд заштита, врз база на листа на приоритети.

Ќе се спроведе едукација на кадри. За конзервацијата и на реставрацијата на културното богатство ќе бидат ангажирани стручни кадри. Ќе се донесе стратегија за менаџирање на добиените странски донации за заштита на културното наследство.

Власта на ВМРО-ДПМНЕ во 7-годишното владеење отвори повеќе таканаречени музеи, со коишто ги порекна сите светски музеолошки принципи. Власта на Груевски востанови целосно нелегитимен и ненаучен систем, секоја збирка во РМ, во секоја општина, да ја прогласува за музеј, притоа не исполнувајќи ниту еден критериум: без стручни експерти од областа на валоризацијата на музејските предмети, без адекватни простории за чување и презентирање, без обученост за водење музејска документација. На овој начин се изградени: музејскиот комплекс Македонска борба, Спомен-куќата на Мајка Тереза, Спомен-куќата на Тоше Проески (сите како национални установи), како и музеите речиси во сите помали места.

Ниту една од овие нови музејски институции Nе е потврдена на сериозна јавна и стручна расправа, ниту пак е резултат на стручен елаборат за оправданост. Но, затоа ја доведоа до колапс постојната музејска мрежа во Македонија.

Додека новите таканаречени музеи се опремуваат со најнова техника, старите квалитетни музејски поставки пропаѓаат. Додека за новите власта троши енормни буџети за фалш музеологија, старите тонат во долгови. Додека новите се рекламираат на државната телевизија, старите музеи како да не постојат!

СДСМ ќе ја санира штетата што ја направи оваа неодговорна и некултурна власт и повторно ќе ја врати дејноста во чекор со европската музеологија.

Извор: Глобус
Слика: Свирачиња