Суша

12.03.2014 11:24
Суша

Трендафилите во Скопје
ги проучуваше една екипа научници
на сите им стана сомнителна
епидемијата на групното полудување
на пладне.

Крадачите на автомобилски делови
и струјомери
ширеа гласови
дека ќе се прошири истрагата
и над сите други видови цвеќиња.

Се пушти посебна радио-станица
за да ги пренесува сите подробности
од животот на заразениот град.
Во трендафиловата градина
беше откриен совршен злочин:
убиената жртва
била убиена со росен цвет.
Пред продавницата за млеко
ден-два пред тоа в утрини најдоа
две убави девојки кои го изгубиле
помнењето.

Страшно.
Од ова градот Скопје спиеше на нозе.
Домовите беа преполнети со разни лекови
дури и најмалите фиоки на креденците.
Прозорците ги затвораа со зелени гранки
и трева,
позајмувањето вода стана религиозен обред,
а по улиците крстареа
униформирани светлини кои
ги легитимираа отпадоците.

А кога падна првиот дожд
сите новороденчиња од тој ден
ги сликаа заедно,
на плоштадот:
за спомен и за долго сеќавање.

Слика: Адријан Лимани

Бошко Смаќоски е роден 1938 година во село Модрич, дебарско. Поет, раскажувач, романсиер и драмски писател. Тој е автор на повеќе радиодрами, радиокомедии, радиоигри и телевизиски драми, како за деца, така и за возрасни. Завршил средно образование, а работел како новинар во Македонското радио.

Од широкиот опус на Смаќоски доминираат книгите поезија за деца. Првата книга со овој вид литература насловена како „Мајски ѕвончиња“, Смаќоски ја објави во 1959 година.

Добитник е на повеќе книжевни награди за неговите детски поетски книги, романи и радиодрами. Почина во Скопје во 1998 година.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото