Украинска лекција

14.03.2014 11:57
Украинска лекција

Стар прoблем

Се сретнав со еден стар познаник, човек од театарот. Уште на почетокот на разговорот ми ја спомна критиката на Ана Тасиќ од белградска „Политика“ за театарската претстава „Неопланта“. Се гледа дека ги познава денешните тенденции од светот на театарот, дека знае што се случува на европските сцени. Во Лондон го проучувал она што кај нас ќе стигне дури за петнаесет или дваесет години. Со жалење констатира, како стар автономист, колку сме назад ние Војводинците. Имаме многу талентирани млади луѓе, но немаат услови и можности да го развиваат талентот, се обидуваше да се утеши. Му давам за право и му велам дека тоа во Војводина секогаш било проблем. Во седумдесеттите, а и подоцна во „периодот на автономијата“, автономните политичари ги запоставуваа и занемаруваа токму војводинските вредности. Војводина не ги ценеше своите писатели, своите уметници. И Александар Тишма тука го признаа дури кога во Белград ги доби сите најзначајни книжевни награди.

По стрмните патишта

Сега, пред парламентарните избори, загрижено помислувам на проблемите на заедницата на малцинството. Би било добро и смирувачки доколку се покаже дека не продолжува трендот на смалување на гласачкото тело на малцинството. Бидејќи, крајно време е барем шеесет-седумдесет отсто од гласачите од малцинството да го доверат својот глас на партиите од малцинството. Тоа би донело барем 140 илјади гласови. Таа бројка автентично би ја изразила довербата на гласачите од малцинството кон малцинските партии. Но, воспоставувањето на таа доверба зависи пред сѐ од партииите, од тоа колку сериозно им пристапиле на задачите. Истовремено, според досегашните искуства, не би тврдел ниту дека на 16 март ќе бидам сведок на некој трагичен пресврт, бидејќи знам дека големите опасности никогаш не настапуваат спектакуларно, туку на прикриен начин се доближуваат речиси незабележливо, или лукаво се провлекуваат, што значи дека овозможуваат изговори и алибија. Да се свртиме кон изминатите две децении и да видиме што ни се случи. Политичарите, секако, за сѐ имаат спремно објаснување, прашањето е што правиме ние, интелектуалците, сеедно кои - независни или партиски - бидејќи е точно и тоа дека не можеме за сѐ да ги обвиниме партиите, сета одговорност за сите лоши работи да ја истуриме на партиите. Патиштатата на политиката се кривулести, а на интелектуалците - стрмни. Што се случува на тие стрмнини? Нема сомнеж дека вистинската задача на интелектуалецот, писателот, уметникот, не е да учествува во партиската работа - значи не мислам на такво дејствување, туку на реченици. Секако, кој и да има доволно енергија и дарба за тоа, може да се вклучи во непосредните партиски активности, има луѓе кои имаат нерв и за едното и за другото. Примарна задача на интелектуалците е да го именуваат духот на епохата, и свесни за тој дух, во прв ред да се соочат самите со себе. Знам дека тоа е најтешко, зашто на тоа никогаш му нема крај. И ќе трае сѐ додека сме во состојба да го држиме перото во раката. А уметноста на соочувањето, намерно или не, создава можност поединецот или заедницата да направат неопходен напор да го препознаат своето место и својата улога. Се вртам околу себе и со радост забележувам дека талентирани млади луѓе излегуваат на јавната сцена. Средната генерација, на раководни позиции, работи со полна сила. Вредни се како мравки, но и воздржани. Оние постарите, со извесен страв ги заокружуваат двата дела, го сумираат постигнатото, и при тоа не забележуваат дека осамените острови не се опколени ниту со море, ниту со река, ниту со езеро. Имаме интелектуалци, секако, имаме надарени писатели, филмски и театарски работници, но немаме интилегенција, како слој. Само од театарот стигаат нови импулси, но тоа е малку. Овдешниот слој на интелигенција потсетува на разбиена дружина која бега од своето блиско минато, а и со сегашноста се соочува, во најдобар случај, на ниво на лошото „чувство за себеси во светот“. Со овие мисли го земам во раце Деблиновиот градски роман „Берлин, Александерплац“. Повторно, после дваесет години. Негова е онаа постојано цитирана реченица која денес не е пристојно да се спомене: „Пишувањето не е грицкање нокти или чепкање заби, туку јавно дејствување“. За што станува збор во прказната за Франц Биберкорф? Егзалтираните, кратки реченици зборуваат за пари, за принудно работење, за кафеани, за полицајци, за љубов, за курви, за политика, за војна. Речиси на работ на градска репортажа, на работ на публицистиката, но сепак не се работи за тоа бидејќи овие реченици се натопени со идеите од тоа време. Во нив го наоѓаме расположението, атмосферата, политиката, социјалниот свет на Берлин во тоа време. По тоа Деблиновото дело се разликува од денешните помодни романи кои од своето време бегаат во „вечното човечко“. Повеќе нема вечно човечки теми, вечни се само промените. Зарем не бегаме некаде и ние, како членови на една мала и сѐ помала заедница? На кое тоа „вечно човечко“ би можеле да помислиме, кога гледаме како на улиците и плоштадите, во кафеаните, (па) и во спалните изумираат унгарските реченици?

За мојата протекција

Ми телефонира Б. Мишиќ. Влезниците за мартовската претстава „Неоплантa“ се распродадени. Ме прашува дали би можел да набавам две влезници, на почетокот на април ќе отпатувал. Се надевам дека имаш толку протекции, додава самоуверено. Благодарение на Андраш Урбан и ансамблот Újvidéki Színháza - Новосадски театар, и од мене бараат врски.

Битката кај Стара Пазова

Слатки млади девојки делат летоци со најава за убава иднина на тротоарот пред празниот локал, во чијшто излог стои известување со големи букви дека локалот се издава под кирија. Ако нашата партија победи, не ни бега некое убаво место, ја слушам една од девојките. А продавниците се затвораат, приватните претприемачи се откажуваат, даноците растат, во месарниците има сѐ повеќе луѓе кои купуваат само по триста грама свинско. Девојките се преправаат, се смешкаат, политичарите ја нудат својата стока на прескапите билборди, зошто да не, има пари за нималку евтината пропаганда. Ни пребогатата Кола-Кола не се рекламира толку, колку што го прават тоа политичарите во сиромашните земји. Девојките се смешкаат полни со оптимизам, нивната партија за нив е последна надеж. Вознемирено гледаат накај штандот на другата партија, поставен на другата страна на улицата, околу кој има повеќе луѓе. Се прашуваат , веројатно, што ќе биде ако победи онаа друга партија? На првите страници од таблоидот брутални наслови, па и не ме чуди што вчера повторно имало пукотници на новосадските улици. Агресивниот јазик раѓа улично насилство. Дома читам на интернет дека кај Стара Пазова се степале активисти на Социјалистичката партија на Србија и Единствена Србија. Претседател на претходната е Ивица Дачиќ, а другиот е надалеку познатиот Драган Марковиќ, наречен Палма. Нивните активисти се состанале во хотел-ресторанот „Војводина“ со намера да ја ублажат напнатоста помеѓу тие две партии. Мировните преговори почнале со тоа што извршниот секретар на покраинскиот одбор на социјалистите ја дофатил и потегнал вратоврската на покраинскиот лидер на Единствена Србија, на којшто овој (инаку директор на јавното претпријатие „Електровојводина“) со стисната тупаница, како со некој тап предмет, упорно му нанесувал удари по главата на својот противник. Потоа летале пивски и вински шишиња, на крај стигнала полицијата и ги раздвоила мировните делегации. Еден од учесниците во „релаксирањето на напнатоста“ е префрлен во болница со тешки повреди во пределот на главата. Еден од наводните кавгаџии сега докажува дека и не учествувал во пазовската битка, додека другиот изјавил дека имало извесни несогласувања кои во рамките на вообичаените размени на мислења - се испеглани. Продолжувам да го читам Деблиновиот „Берлин, Александерплац“. Биберкопф останува без работа, потоа се наоѓа во затвор. Го читам овој роман како да сум стапнал во животот на сегашноста.

Мараи и Кошице

На некој начин, морам да го вратам Кошице, пишуваше Шандор Мараи. Читајќи ги неговите романи, дневници, можам само потврдно да кимнам со главата. Да го врати својот град. Со перо. Толку од повиканоста.

Два цитати

„Без разлика колку за тоа се свесни или не, сите луѓе на планетата Земја денес во извесна смисла се наследници на Маркс и марксизмот“. Жак Дерида. „Кажано со јазикот на Кант, комунизмот е идеја која има насочувачка улога, но не е никаква програма... Бидејќи добро знаеме дека денес (т.е. во капитализмот) оваа анималност не значи ништо друго туку „натпревар“ односно борба на интереси, и освен таа борба не постои ништо друго“. Ален Бадју. Не треба да се следат, но не е лошо да се имаат пред очи.


Сеќавање на блиското минато

Сончево утро. Греењето е сведено на минимум, радијаторите се студени, или едвај забележливо смлачени. Го чувствувам студот само ако долго седам на едно место и читам. Го земам ќебето и се замотувам, тоа добро го научив во времето на Милошевиќ. Заради некои сомнителни работи, градот опасно се задолжил, па се штеди на греење. Тоа не е единствената работа што потсетува на не толку далечното минато, но од повеќето барем можам да се одбранам. Не го вклучувам телевизорот, на пример, но против студот многу потешко се бранам.


Јалта, Украина и енергијата

Украина. Путин се заканува. Руската војска е спремна да интервенира. Путин нема да ја предаде Украина, кога во некогашната сфера на влијание на Советскиот Сојуз постепено ги освојува старите позиции. Само што денес не го прави тоа со документите, хартиите потпишани на Јалта, ниту со црвената армија, туку со енергетската политика. Но, во крајна линија, тука е и оружената сила - не пропушта да предупреди Путин. На Крим веќе се ѕвечка со оружјето, атмосферата е воена. И украинската армија е во состојба на готовност. Унгарскиот државен секретар за надорешни работи Жолт Немет вели дека под влијание на лажните вести неколку стотици млади Унгарци од Заткарпатската област пребегнаале во Унгарија. Чешкиот министер за одбрана изјавил дека неговата земја нема да ѝ ја довери на Русија изградбата на атомските електрани, што значи дека Чешка се труди да стане енергетски независна од Русија. Европската унија ѝ се заканува на Русија со санкции. Но, тоа нималку не ја исплаши Русија. Оние кои ја слабееја Европската унија, ја јакнеа Русија. Како и да се заврши оваа приказна, ја заслуживме украинската лекција. Пристигнуваат сѐ полоши и полоши вести.

Извор: autonomija.info, 08.03.2014.
Слики: Крег Дејвисон

Слични содржини

Балкан / Свет
Европа / Балкан / Став / Култура / Историја
Европа / Балкан / Свет
Европа / Балкан / Свет
Европа / Балкан / Свет
Европа / Балкан / Свет
Свет / Историја

ОкоБоли главаВицФото