Пет години Окно

14.03.2014 15:05
Пет години Окно

На 13 март 2009 на Окно беше поставен првиот официјален текст. Деновиве одбележуваме, значи, петгодишнина. Тогаш, пред повеќе од пет години, се собиравме, мислејќи го Окно, група од пет-шест луѓе, во културниот центар Точка, зад Соборниот храм. (Во меѓувреме, како и многу други фини нешта, Точка беше уништена во стихијата на портокаловиот мрак.)

Една од идеите околу кои се втемели Окно беше токму отпорот спрема – уште тогаш се гледаше – опасно деструктивната власт која стануваше сè поалчна и побескрупулозна, по историскиот пораз на Република Македонија во Букурешт (тој епохален пораз на македонските граѓани и државата е еден од најсилните генератори на сите понатамошни „победи“ на груевизмот; поразот и инфериорноста, фрустрацијата и недоветноста се клучните „победнички“ енергии на таа губитничка политика што длабоко, кон лошо, ја промени земјава.)

Но, сепак, суштината на Окно не е политиката. Или барем не политиката сфатена како предаторство – черечење, лешинирање, безмилосна борба за власт. Окно првенствено е културен проект, но во свет во кој културата (во нејзиното најшироко значење) често станува замена за политиката.

Ориентираноста кон посериозни аналитички текстови, отвореноста кон регионалните, европските и светските теми, доминантното место на културните содржини на порталот, јасната политичка спротиставеност на деструктивните политики на актуелната македонска власт - се некои од работите поради кои, сметаме,Окно е важно и поради кои работиме.

За сите овие пет години Окно се држеше до таквиот концепт. Мал дел од порталот е посветен на дневните борби и дневните „политики“ Нè интересираа и интересираат подлабоките и потрајните влијанија, колку и тие да се чинат безначајни во мигот кога се појавуваат. На пример, во ниеден македонски медиум од 1945 навака не се појавиле толку многу уметнички дела и толку многу уметници, од разни гранки и сфери – колку што се појавиле во Окно. Во рубриката Јавни простори (тема, исто така, мошне важна и досега многу слабо застапена во овдешната јавна сфера) низ годиниве објавивме повеќе од 500 прилози. Се разбира, со стотици прилози ја покривавме и темата Скопје, не само лудилото СК014, туку и педесетгодишнината од земјотресот итн. Во целата историја на македонската култура не се појавиле толку многу квир теми колку што за неколку години се појавија кај нас. Во рубриката Око (главно посветена на современата уметност, застапена и во низа други рубрики, како и низ илустрациите на текстовите) објавивме над 1200 прилози. Графичките дизајнери на Окно изработија 1300 насловни страници. Во е-библиотеката досега објавивме 120 книги. Свирачиња, еден од најпрепознатливите белези на Окно, направија стотици илустрации...

Веќе во моментов, после само пет години, во квантитетот (а, ни се чини, пристрасно, и во квалитетот) на нашите културни прилози надминавме многу овдешни досега преовладувачки рамки. И, се разбира, воспоставивме нови, кои ќе бидат мерка и стандард за некои следни генерации, да се надеваме подобри од нас („во мерата што ја одредила љубовта“, како што вели Конески).

Веројатно најчитаниот дел од Окно се колумните. За сите пет години во секој момент имавме барем два-тројца ексклузивни колумнисти. Следниве луѓе изминативе години беа наши колумнисти: Ирена Цветковиќ, Ана Ангелова, Анастас Вангели (Вуна), Сеад Џигал (Копач), Бојан Антиќ, Дарјан Раденковиќ, Драган Денковски (Летаргичан), Никола Гелевски (Пандалф Вулкански), Жарко Трајаноски, Вангел Ноневски, Јане Ѓорѓиоски - Рибаро, Ивор Мицковски, Ѕвездан Георгиевски...

За Окно пишуваа или нивни текстови пренесува(в)ме: Елена Михајлова, Емил Алексиев, Сања Врбек (Put on the Light), Јасна Котеска, Мирјана Најчевска, Бранко Тричковски, Мирослав Грчев, Владимир Милчин, Васил Мицковски, Мерсел Биљали, Рамадан Рамадани, Роберто Беличанец и многу други.

Во редакциите на Окно досега работеа: Владимир Јанковски, Ѓорѓи Крстевски, Вангел Башевски Барми, Вангел Ноневски, Алек Кузмановски, Ненад Јолдески, Маријана Јанческа, Теона Мицевска, Ива Димовска, Владица Младеновски Грга, Владимир Лукаш и Иван Шопов. Главен и одговорен уредник е Никола Гелевски. Неизоставен дел на Окно се и Свирачиња, како и луѓето од студиото за графички дизајн Кома (Александар Јосифовски, Марија Смилевска, Небојша Гелевски).

На крај, неколку реда за парите. Како што и изминативе години сме истакнувале во низа пригоди, Окно добива грантови, на годишно ниво, од Фондацијата Отворено општество Македонија. Тие грантови ги трошиме исклучиво за скромни хонорари (од 100 до 200 евра месечно) на шест-седум соработници. Во просек, изминативе пет години од ФООМ добивавме нешто над илјада евра месечно (како една добра македонска плата), т.е. за пет години добивме вкупно околу 70.000 евра. Мала но важна финансиска помош, уште при формирањето на Окно, добивме и од Трифун Костовски. И во оваа пригода им благодариме на ФООМ и на Трифун Костовски. Тие се единствените досегашни донатори на Окно.

На крај, само ќе го повториме она што го напишавме во „првиот број“. Ја имаме истата намера на Цепенков од пред сто години: да собереме и да објавиме барем 2800 прилози! („приказни, обичаи, песни, преданиа за места...“) Таа цепенковска бројка досега многукратно ја надминавме. Втората радост пак ни е истата на Цепенков: го шириме другарството. Оти, кој може да ни биде другар? Само оној што е заземен со збирањето на народните ни работи (ама и на „ненародните умотфоренија“:). Само оној кој може да ја осознае слачта на тие работи, оној што ќе се осмели да се спушта во нашето окно и да гледа низ него - тој другар ќе ни биде.

Слики: Свирачиња

Слични содржини

Општество / Живот
Општество / Фотографија / Скопје 1963-2013 / Историја
Општество / Живот
Општество / Графички Дизајн / Книжевност / Култура
Општество / Стрип / Култура

ОкоБоли главаВицФото