Зошто богатите раѓаат помалку?

15.03.2014 11:54
Зошто богатите раѓаат помалку?

Во мугрите на 19 век нашата планета ја населувале милијарда луѓе. Во наредните 200 години, пораснавме седум пати. Пред истекот на овој век, некаде во 2085 година, ќе бидеме десет милијарди. Од една страна, ваквиот популациски бум претставува можеби најголем предизвик на човештвото денес. Од друга, тој е сведоштво за успешноста на човечкиот вид во преживувањето. И покрај тоа, сосема основано може да се постави прашањето зошто не е и поробустен.

Набљудувано од аспект на биологијата и теоријата на еволуција, подобрувањето на условите за живот за еден вид директно води кон поголеми репродуктивни напори на неговите поединечни припадници. Глобално, условите за живот на припадниците на човечкиот вид константно се подобруваат. Се храниме пристојно, здрави сме и безбедни. Наспроти тоа, фертилитетот, дефиниран како просечен број деца кои во својот репродуктивен период ќе ги роди една жена, во најголем дел од светот перманентно опаѓа.

Репродуктивното однесување на нашиот вид е такво што практично им се противи на законите на биологијата: фертилитетот е најнизок токму во оние делови од светот кои располагаат со најмногу ресурси за преживување. На пример, во Европската унија тој изнесува 1,5, далеку помалку од 2,1 дете по жена, што би била стапка на фертилитет која обезбедува едноставно обновување на населението. Јазот е толкав што не може да се премости ниту со ниската стапка на морталитет на доенчињата и децата, што исто така спаѓа во демографските карактеристики на популацијата со изобилство ресурси за преживување.

Проблемот на репродуктивниот колапс во најразвиените делови од светот е поголем дотолку што неизбежно го следи продолжено средно очекување на траење на животот. Поедноставно кажано, луѓето во богатите, развиени земји живеат долго. Комбинацијата од овие два демографски трендови – низок фертилитет и пролонгирано средно очекувано траење на животот – има две директни последици: (1) намалување на популацијата, кое, додуша може да се предупреди со „увоз“ на население, (2) неповолен однос на бројот пензионери и бројот работно активни, вработени жители.

Во традиционалните општества и земјите во развој, секој пораст на благосостојбата е следен со соодветен скок на стапката на репродукција на населението. Богатите, индустриски развиени земји се карактеризираат со спротивен тренд – феноменот кој демографите го нарекуваат демографска транзиција, а кој може да се согледа преку тоа дека растот на благосостојбата, по одредено ниво, е проследен со пад на фертилитетот.

Помалку е повеќе

За демографската транзиција постојат цела низа социолошки објаснувања: слабеење на влијанието на религиите, достапност на контрацепцијата, отвореност на пазарите за женска работна сила, високи трошоци за растење деца во високоразвиените земји, систем за социјална поддршка кој овозможува одложување на родителството и создавање потомство во подоцниот животен период... Нема сомнеж дека секој од овие фактори влијае на репродуктивното однесување и исходите. Меѓутоа, нас нè интересира нешто друго. Зошто човекот психолошки би еволуирал така што ќе сака помалку бројно потомство токму тогаш кога себеси може да си овозможи најмногу?

Биолозите понудија објаснување во вид на теории за две стратегии на родителството. Една може да се согледа во „производство“ на побројно потомство, во кое потоа не се инвестира воопшто или пак се инвестира многу малку. Другата, го тврди спротивното, подразбира помал број потомци и голема родителска инвестиција за нивно преживување и благосостојба. Првата стратегија, вели теоријата, се одликува со видови кои живеат во нестабилни средински услови, додека втората е карактеристична за видовите чии услови за преживување се стабилни и предвидливи.

Без сомнение, во споредба со остатокот од животинскиот свет, човечкиот вид живее во релативно стабилни средински услови, а неговите припадници спаѓаат во групата великодушни инвеститори, гледано од аспект на потомството. Колку што е побогата средината, толку срединските услови се постабилни, а ресурсите за инвестирање се подостапни и пообемни. Звучи како солидно биолошко објаснување на демографската транзиција. За да биде целосно, недостасува одговор на следното прашање: Дали нискиот фертилитет, набљудувано на долг рок, на родителите-инвеститори им овозможува да ја надоместат малубројноста на потомците и успешно да ги пропагираат своите гени?

Првите докази во корист на ваквата хипотеза се појавија во 2008 година. Студијата на двајца истражувачи од Универзитетот во Бристол, со која биле опфатени 14 000 британски деца, покажала дека родителите со поголем број потомци навистина вложуваат помалку време и пари во споредба со родителите со помало потомство. Тоа што е поважно, излегло дека децата од поголеми семејства во просек имаат послаб училишен успех од децата со помал број браќа и сестри. Интересно, таквите деца во просек се пониски, што би можело да има врска со начинот на исхрана и организацијата на слободни активности.

Во ред, постои можност дека родителите кои одлучуваат да имаат помалку деца истовремено одлучуваат обемно да инвестираат во своето потомство. Меѓутоа, тоа не го разрешува биолошкиот парадокс за кој зборуваме. Прашањето за генералната успешност на таквите стратегии, од аспект на пропагација на гените, останува отворено. Одговор на него би можеле да дадат податоците за образованието, материјалниот статус и бројот на потомци кои опфаќаат повеќе последователни генерации. Токму таква статистика е достапна за група Швеѓанки, родени во Упсала, во 19 век, и нивните потомци до денешен ден. Според резултатите од анализата на тие податоци, која во 2012 година ја објави шведско-британски тим научници, потомците на жените кои родиле помалку деца почесто стигнувале до универзитетско образование и повисоки општествени положби. Меѓутоа, генерално, родителите-инвеститори не се поуспешни на долги патеки. Жените од првобитната група кои родиле повеќе деца и денес имаат побројно потомство.

Ваквите резултати не ја соборуваат нужно теоријата за биолошка позадина на демографската транзиција, односно, не мора да значи дека овој феномен укажува на маладаптивно репродуктивно однесување. Историски гледано, безмалку секоја жена овулира, копулира и раѓа. Во таа смисла, нема причина за посебно силен селективен притисок насочен кон карактеристиката која би можеле да ја формулираме како стремеж на жената да роди што повеќе деца. Напротив, повеќе би можело да се очекува дека природната селекција ги фаворизира жените кои се успешни во натпреварот за статус, што потоа им обезбедува повеќе ресурси, поголема сигурност и полесен пристап до поквалитетни партнери. Денешната жена, која живее во високоразвиена земја, практично живее во средина која го вреднува социоекономскиот статус. Ако нејзината позиција е одредена од работата што ја работи и образованието кое го стекнала, логично е да им даде предност на тие фактори во однос на потомството.

Значи, статусот станува премиса која ја објаснува врската помеѓу материјалното богатство и нискиот фертилитет. Ако живеете во високоразвиена земја и имате аспирации во поглед на статусот на своето потомство, за вас родителството станува многу скапо. Заради тоа, ниската стапка на репродукција може да се набљудува како стратегија со која богатите го чуваат сопствениот статус и им обезбедуваат подобра почетна позиција на своите потомци. Дали и по цена на изумирање?

Сепак, богатите прават деца

Иако продава таблоиди, тезата дека светот им останува на сиромашните не е валидна. Демографската транзиција не е незапирлив механизам. Имено, истражувачите веќе утврдуваат спротивен тренд – обновување на стапката на фертилитет во земјите што ја искусиле демографската транзиција. Како што демографската транзиција настапува кога општеството ќе достигне одредено ниво на развој, така, под услов групата научници од Универзитетот во Пенсилванија да е во право, понатамошниот развој на високоразвиените е проследен со демографска транзиција наназад.

Мико Мирскила и соработниците го набљудувале светот во 1975 и 2005 година, следејќи два параметри: фертилитетот и Индексот на човечки развој (HDI). За потребите на своето истражување, фертилитетот го дефинирале како број деца кои би ги имала жената во дадената календарска година, кога за неа би важела просечната стапка на фертилитет на старосната група на која ѝ припаѓа. Потоа, тој податок го вкрстиле со Индексот на човечкиот развој, статистички израз кој Обединетите нации го пресметуваат за секоја земја врз основа на средното очекување на траење на животот, просечниот приход по глава на жител и степенот на образование.

Максималната вредност на HDI изнесува еден. Во 1975 година, ниту една од 107 набљудувани земји не била ни блиску до оптимумот. Со HDI од 0,85, Канада го заземала првото место. Триесет години подоцна, повеќе од дваесет, од вкупно 240 земји опфатени со студијата, имале HDI над 0,9. Меѓутоа, Мирскила и неговиот тим утврдиле уште едно важно нешто. Во 1975 година, високиот HDI бил проследен со низок фертилитет. Во 2005 година, нештата изгледале поинаку. Кога HDI на една земја ќе ја надмине вредноста од 0,9, тогаш фертилитетот почнува да се поместува кон две деца по жена (со исклучок на Канада и Јапонија).

Гените, личноста, фертилитетот

Како што не постои убедливо и целосно објаснување за демографската транзиција, такво објаснување нема ниту за нејзина дополнителна инверзија. Имено, на индивидуалната репродуктивна одлука несомнено влијаат низа фактори. Поновите истражувања фрлаат светло на некои фактори, кои од аспект на еволуцијата ги прават особено важни.

На пример, изгледа дека нашата потреба за создавање потомство во извесна мера е одредена со гените. Данските истражувачи утврдиле дека близнаците се стремат да имаат ист број деца, секој посебно, во значително поголема мера отколку родените браќа и сестри кои не се близнаци. Интересно, таквата врска се покажа како посилно изразена во минатиот век, кога контрацепцијата стана широко достапна, отколку на почетокот од 19 век, што сугерира дека мотивацијата за создавање потомство би можела да биде делумно наследна.

Група фински научници, пак, дошле до заклучок дека видот на личноста, исто така, значително влијае на тоа дали воопшто ќе имаме деца, како и на тоа дали ќе ја планираме бременоста или ќе оставиме да се случи. На пример, екстровертните мажи имаат повеќе деца отколку интровертните, токму како и кооперативните жени. Припадниците на двата пола со изразена отвореност за нови искуства тежнеат кон помал број деца – во споредба со луѓето кај кои доминира совесноста – што авторите на истражувањата го објаснуваат со фактот дека „љубопитните“ инвестираат значителни ресурси во низа различни интереси.

Суштински, социоекономскиот статус повеќе е последица на големината на семејството, а помалку фактор за причинско дејствување на бројот на потомците. Внимателната анализа на демографските податоци покажува дека убедувањето дека сиромашните луѓе сакаат повеќе деца – е неоснована предрасуда. Со други зборови, сиромашните не сакаат голем број деца; големиот број деца ги прави и одржува сиромашни. На пример, во западните демократии речиси и да нема разлики во репродуктивното однесување на богатите и сиромашните.

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com

Слични содржини

Квир / Психологија / Наука
Општество / Психологија
Психологија / Наука

ОкоБоли главаВицФото