1009 hPa
94 %
15 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 06:59
Изминатиов период Кремљ во практика покажа дека медиумите се главно оружје на идните војни додека официјално Скопје калкулира и нема храброст јасно да посочи дека на војните Европа одамна им кажа не.
Во предвечерје на референдумот за отцепување на Крим од Украина и присоединување со Русија, пропагандната машинерија работи со полна пареа. Москва и Киев моментално водат информациски бој, што сосема лесно може да прерасне во вистински, откако првата стационира војска на главните погранични траси што водат до украинската престолнина. По националните телевизии и во провладиниот печат секојдневно се говори за фашизација на Украина, за регионални пучеви и задискриминација на Русите таму. Од друга страна, поради „лагите и валканата националистичка реторика“, украинските власти забранија емитување на сите руски државни медиуми во земјата.
Чистење на дворот
Вниманието на меѓународната јавност е свртено кон звечкањето со оружје и покажувањето мускули од страна на Москва, и малкумина забележаа дека Кремљ со еден ноншалантен замав исклучи неколку важни независни и критички медиуми.
Роскомнадзор, регулаторно тело што врши комплетен медиумски мониторинг и законски може да блокира било каков медиум или сајт, вчера им извлече утикач на неколку интернет ресурси. Под ножиците на цензорот паднаа популарниот блогна влијателниот опозиционер и антикорупционер Алексеј Навални, информативните портали Ежедневниј журнал и Грани, како и сајтот на шаховскииот велемајстор Гари Каспаров. Во еден предупредувачки манир, накратко беше прекинато и емитувањето на Радиото Ехо на Москва.
Како и многупати досега кога беа затворани многу критички онлајн медиуми, објаснувањето на власта и овојпат е безразлично и генерализирачко – медиумите „повикуваат на незаконски дејности и учество во масовни настани придружени со нарушување на уставниот поредок“. Целата логика е во недостигот од демократија и угнетената слобода на словото, процеси што во Русија траат со години.
Во услови на воена мобилизација режимот станува преосетлив, и рускиот претседател Владимир Путин досега многупати укажа дека нема да толерира никакви портокалови револуции или Мајдани во Москва. Всушност, случувањето Јевромајдан на некои од московските плоштади за него е драстична кошмарна претстава.
Најновиот бран на стегање на гајките започна во еуфоријата пред почетокот на Олимписките игри во Сочи, кога власта го ограничи опсегот на емитување на критичкиот ТВ канал Дожд. Каналот сега се соочува со финасиска криза и можно е да биде затворен за неколку месеци.
Вредно е да се напомене дека Игрите одржуваа еден вештачки баланс на општествена сплотеност како во месеците пред, така и во текот на меѓународните успеси на руските спортисти. Ова стана рамка за „пацифизација“ на Путин, кој беше невообичаено тивок додека во Киев протестите ескалираа, а Јевромајдан ја урна власта на Виктор Јанукович.
Немирите на Крим започнаа буквално ден по завршната церемонија, а потоа следуваше и окупација на полуостровот. Значи и во текот на Игрите, стратезите во Кремљ не мирувале. Однапред се знаело како точно да се реагира на прозападната револуција и фијаското што Путин го доживеа со падот на Јанукович, неговиот украински конфидент. Резултатот е ставање на Крим под јурисдикција на Москва.
За официјалната пропаганда пак, жестоките мерки против слободниот говор се дел од медиумската војна што Запад ја води против Русија - со укинување на либералната мисла се создава обединет фронт против надворешниот враг.
Сепак, постои критична маса од интелектуалци и градска интелигенција кои се против било каков конфликт со, како што велат тие, блискиот и братски народ. Многу независни интелектуалци потпишаа петиција против политиката на Путин, како одговор на режимската петиција на многу етаблирани руски уметници поврзани со музејски, изведувачки и уметнички државни установи кои не по свое барање биле ставени на списокот.
Оние што дигнаа глас, како еден професор на катедрата по филозофија на московскиот универзитет кој во колумна за весникот Ведомости, окупацијата на Крим ја спореди со предвоените постапки на Хитлерова Германија, беа дискредитирани или соочени со отказ од работа.
Следуваа отстранување на уредници и затварање на неколку независни изданија. Лента, најуспешниот новински портал во Русија остана без главната уредничка поради наводен екстремизам, волшебниот збор на интернет-цензурата во Русија која во овој поглед се' повеќе наликува на Кина. Запре и печатењето на украинското издание на весникот Комерсант, како и се затвори агенцијата РИА Новости, наречена и државен медиум со хумано лице.
Во стилот на стариот и испробан советски агитпроп, за да му удоволи на Путин, рускиот Сојуз на писатели во отворено писмо укажа како во ова мачно време се ковала судбината не само на Русија и Украина, туку и на целата европска цивилизација. "Затоа ние ја изразуваме нашата подршка за вашите цврсти и одговорни решенија... Кризата ја започнаа деструктивните западни сили", се вели во писмото.
Македонија во контекст
Се’ што се случува како да е излезено од учебниците по историја на 20 век. Националистичка реторика, окупација, воени закани, притаен фашизам, налудничавост, анексија. Од перспектива на глобализиран, вмрежен и зависен свет сето ова изгледа гротескно ако не е апсурдно. ЕУ и САД сеуште неможат да се освестат од сериозната безбедносна закана по постоечкиот европски поредок предизвикана од Путин.
Буквално така. Според многу извештаи, се’ што се случува околу Украина се прави без да се консултира никој друг надвор од најтесниот круг на старите КГБ мафиози на Путин. И кога некои македонски аналитичари повикуваат дека Македонија не смее да настапи од "антируски позиции" во оваа криза, треба едно да се знае: дека никој, ама баш никој, го нема прашано рускиот народ дали сака неговата земја да оди во војна со Украина.
Проруска позиција и признавање на традиционалните руско-македонски врски не треба да се поистоветува со пропутинска подршка.
Под режим на постојана пропаганда мнозинство од Русите знаат дека во Украина владее анархија, фашизам и нелегитимна власт и дека се дискриминира руското говорно население. Во отсуство на објективни извештаи во главните руски медиуми, јавноста овде нема конкретна претстава за што всушност се бореше народот на Мајдан.
Не знае дека народот се дигна за да го поврати своето човечко достоинство, за меѓусебно почитување, за правна држава и сопствен економски и духовен развој. Имено, револуцијата во Киев е глас подигнат против совок. Повик за крајно раскинување со психолошкото и културно наследство на советскиот нехуман систем на вредности и приклучување на земјата кон западните социјални, духовни и економски текови.
Путинската психологија е кланска - доколку не си со мене тогаш си мој непријател. Оттука, неискажување став против постапките на Кремљ во Украина би било прикриен путинизам и тивка согласност со една искомплексирана визија за воскреснување на Советскиот Сојуз, но во ново руво и со модерен назив – Евроазиска унија. Во прилог на тој комплекс е и изјавата што Путин ја даде неделава во текот на средбата со водачот на кримските Татари, дека Украина незаконски се издвоила од Советскиот Сојуз. Еден вид на политичко надрилекарство што тој го усоврши во текот на своето владеење.
При таков избор, македонската власт би се ставила во позиција да подржува агресија заснована на сила и прекршување на меѓународното право од страна на еден недемократски, авторитарен систем чија манипулативна и усовршена пропаганда игра со националните чувства на Русите.
Затоа нашата дипломатија не треба да молчи. Треба одлучно да каже дека стои со мејнстримот и со цивилизираниот свет чиј императив е регулирање на кризите по мирен и дипломатски пат и дека одбива да застане во друштво со некакви централноазиски деспотии предводени од Москва.