Smylex

15.03.2014 14:39
Smylex

Смејте се! Бидете среќни, не грижете се за ништо. Насмевката нека ви биде секогаш на среќните лица.
Уживајте во убавините на животот. Уживајте во убавините на нашава земја! Живеете во најубавата земја на светот! Овде е толку добро да се живее. Овде сè е толку добро, што не може да биде подобро. Нема подобра држава од нашава. Нема држава подобро уредена, подобро скроена по мерка на своите жители од нашава држава.Ова е држава каде се остваруваат сите наши желби. Ова е најдобрата држава од сите можни држави!

Среќна е оваа земја и среќен е овој народ што има таква убава земја. Во оваа наша убава земја сите се среќни и насмеани. Како и нема да бидете среќни и насмеани кога само овде е можно да одите на работа и ништо да не работите, а да добивате плата или да одите на училиште и ништо да не учите, а да добивате добри оцени. Само овде можете да добиете диплома, звање, работно место, раководно место, катедра, судница, говорница, микрофон, медиумско внимание, јавни почести, признанија и углед, а да сте неук и неспособен. Само овде можете да бидете врвен стручњак, доктор на науки, универзитетски професор, директор, министер, претседател на држава... а да сте глуп.

Само овде можете цел живот да се смеете како луд на полна месечина сосем несвесни за сопствената неспособност и неукост. Само овде можете за сè да имате свое мислење и да сте познавач на сè и на сешто, а да не знаете ништо. Само овде можете јавно да лажете, а никој да не се згрози и да ве осуди. Само овде можете да не сте одговорен никогаш за ништо и секогаш некој друг да е за сè виновен. Само овде можете да „засерете“ нешто и, како ништо да не се случило, да продолжите смешкајќи се да живеете со посрани гаќи (малку смрди, малку пече, малку е непријатно, ама човек се навикнува). Само овде може да сте неработник, неранимајко, незнајко, насилник, измамник, сводник, кодош, крадец, предавник, простак, подлец, подлизурко, плачипичка, давајгазеили глупак и сите да ве почитуваат.

Само овде можете да живеете добро без тешка работа, без мака, без ум, без сами да создадете нешто, без да се испотите, без да ви „истечат“ очите пред екранот на компјутерот и без да си ги извалкате рацете со машинско масло или шталско ѓубре. Само овде можете да минете работен ден во кафуле, зјапајќи во излози, на пазар избирајќи по тезгите домати и краставици, расправајќи од утро до вечер за политика и за спорт (а да не знаете речиси ништо и за двете нешта), пополнувајќи крстозбор што никогаш нема да го пополните, играјќи Солитер, со нозе на работната маса поради подобарпроток на крвта во мозокот додека ги читате насловите во весниците, во кладилница, шетајќи го песот, на некоја клупа во паркот или на фејсбук.

Само овде светот е до таму до каде е хоризонтот, а хоризонтот е до таму до каде што можете да го опфатите светот со поглед. Само овде ако нешто не гледате, тоа и не постои. Ако нешто не сте виделе на телевизија, тоа и не било. Ако некој не ви каже дека нешто вреди, тоа ништо не вреди. Ако нешто не знаете, тоа не вреди да се знае.Само овде е важно кој говори, а не што тој говори. Овде, во оваа земја каде никому за ништо не е грижа и каде сите мислат (ако мислат) само за себе и во своја полза, овде вистината не е пожелна и сите ги затвораат со дланки ушите за да не се вознемират, ги пријавуваат на властите оние кои го нарушуваат редот на нештата, ги прогонуваат пророците, ги каменуваат на плоштад тие кои гледаат подалеку од другите и ги убиваат јунаците за да им подигнат бронзени споменици.

Впрочем, овде и не може да има живи јунаци. Овде постојат само тие кои вие ги познавате. Постојат само вашите пријатели, роднини, земјаци, другарчиња од школо, партиски другари, колеги од работа, соседи… Постојат и оние на власт, моќници опкружени со луѓе во црно со темни очила, тиекои се возат во црни лимузини со полициска придружба и вклучени ротациони светла, недопирливи управувачи, раководители, шефови, шофери, секретарки, јавни службеници, јавни личности и други познати лица од телевизиските екрани кои трчате да ги поздравите со широка насмевка на лицето кога ги здогледате на улица. Сите останати се сенки и призрации може слободно да се посомневате дека воопшто постојат, како што можете основано да се посомневате дека воопшто постои нешто зад планинана.

Само овде државата ви гарантира дека никој нема да ви ги поткопа и разниша погрешните уверувања, предубедувања, предрасуди, лажни претстави, заблуди и останатите измами на умот. Државата овде со сите средства ја поткрепува накривената градба на вашето незнаење. Државата ве заштитува од вистината и ја одржува таа градба од лаги каде вие се чуствувате така сигурно несвесни дека таа кула од гомна секој миг може да се урне и да ве затрупа под себе.

Само овде можете да бидете тоа што не сте и не можете да бидете. На секое друго место би морале да заработувате за живот, напорно да учите, да се усовршувате, да стекнувате нови знаења и вештини, да се натпреварувате со подобри од вас, бавно да напредувате, да се борите за своите права, да го испотите задникот, да проплукате крв, да работите прекувремено, да работите сешто и да бидете наградени според способностите и остварувањата. Наместо да чувате добиток, да орате нива, да чистите нужници, да миете садови во некоја менза, да собирате во пластично кесе кучешки лајна по улиците, да товарите камиони, да продавате тракатанци на улица, да стоите на нозе цел ден во фабрика притискајќи некое црвено копче од машина за производство на којзнае што, само овде и никаде на друго место освен во оваа наша добра држава со малку среќа можете да бидете академски граѓанин, административен работник, јавен службеник, советник, министер, претседател…

Во оваа добра држава можете сè да добите по скратена постапка, на „еден шалтер“, без да чекате во ред, без да се мачите, без да прочитате ниту една книга во животот, прескокнувајќи илјади години култура и образование, во „сто чекори“, без вложен труд, на лотарија, од магионичарска шапка, на среќа…

А ако сте неспособни толку многу што не сте успеале да завршите ниту основно училиште во земја каде факултетски дипломи паѓаат од небото како летки, дури ни тогаш нема проблем! Ако немате знаење, не умеете ништо и не сте стекнале никави вештини во животот, секогаш можете да се зачлените во партијата на власт. Ќе ве пратат малку да лепите плакати, да чкртате графити, да викате на некој митинг, да пребиете некој во некоја мрачна уличка, малку да сечете дрва во шума, па ќе ве запослат во некој музеј или во некое министерство.

Нема подобра држава од нашава. Овде сами себе се оценуваме, се проценуваме, се проверуваме, сами за себе пишуваме меѓународни известија („Не може никој без нас да прави изештаи за нас“, Иванов, Претседател на држава), сами си правиме позитивни статистики, банкарски билански, годишни пресметки, ребаланси, рејтинзи, рангирањаи сами себе си доделуваме признанија, награди, си припишуваме успеси и врвни достигнувања, си даваме сами пофалби, си редиме медали и ордени на градите, сами себе си подигаме споменици…

А ако и покрај сè, сепак, се чувствувате несреќни и неуспешни, тука е државата да ве утеши со незаборавни прослави на нашите неверојатни историски достигања во стопанството, науката, уметноста, спортот... Додека летаат огромни надуени балони на нашите успеси и на нашите национални достигања над нашите глави и на мрачното небо на нашата стварност прскаат разнобојни ракети, а огнометот ви го одзема здивот, како можете да се чувствувате дека сте никој и ништо? Како можете да се чувствувате тажно и да сте несреќниво оваа среќна земја на среќни луѓе со насмевка на среќните лица?

Како може да не се почуствувате и вие горди и радосни покрај сите тие грандиозни споменици на моќта и на славата на нашиот народ, покрај тие бронзени јунации нивните јуначки коњи и нивните јуначки мајки што дојат јунаци од јуначките дојки по улиците и плоштадите, покрај сите тие крунисани кралеви, војсководачи со кренати тупаници кон небото и развиорени знамиња во рацете... Како може да не сте среќни кога ги гледате сите тие страшни собитија од нашата историја верно насликани на златноврамените платна по нашите музеи, сите тие отсечени глави, истурени црева, расчеречени трупови, тела набиени на колци... и да не помислите колку е добро што имате денес така добра држава. Како радоста да не ви го исполни срцето и широка насмевка да не се појави на вашето среќно лице кога ќе запрете да се фотографирате пред споменикот на Јунакот на коњ... Како да не се почуствувате јуначки и вие пред сите тие јуначишта од пластика со оние нивни големи мустаќи и ококорени очи во тиехрамови на нацијата со антички столбови, релјефи од гипс и позлатен орнамент каде од разнобојното стаклено небо во сјајот и славата на вознесението на нашиот намачен народ над вас се појавува како привидение апотеозата на нашето историско опстојување на овие простори во ликот нанашиот насмеан водач.

А ако и покрај сето ова сè уште сте незадоволни и несреќни и нема сè уште насмевка на вашето лице, тука се нашиве циркузанти политичари да ве забавуваат со смешки за македонската економија, армија, индустрија, историја, култура, име, за неверојатните успеси на македонската дипломатија во светот, за невидените дострели на нашите спортисти и уметници, за европската иднина на земјава, како и со безброј други помалку или повеќе забавни шеги и досетки од кои може да ви се вкочани насмевката на лицето од многу смеење.

Ако, пак, не ви е до смеење и насмевката не сака да се појави на вашето лице, не грижете се! Тука е секогаш нашиов Џокер со својата весела дружина да ве насмее повторно. Имате среќа што овде главен е Џокер.

Во нашево историско месечарење, одење во сон низ балканските кланици, талкање по блаканските калливи патишта и беспаќа, впрегнати во туѓински јарем како добиток,влечејќи ги со себе синџирите на сиромаштијата и на незнаењето, збунети и збркани,ние завршивме во оваа КОЦКАРНИЦА НА КРАЈОТ ОД ИСТОРИЈАТА.

Тоа што е ова време на Џокер и на неговата весела дружина не е историска случајност и извлекување (избор) на среќа, ниту пакџокерот ни го подметнале магионичари кога сме го „сечеле“ шпилот карти со ликови на политичари. Владеењето на Џокер е историска нужност и логична консеквенца на нашето вековно опстојување во оваа балканска крчмакоја денес е под хипотека, но, со која конечно сами управуваме и така ќе биде се додека не решиме да ја урнеме крчмава и тука да изградиме пристојно место за живеење.

Отелотворението на овој лик од карти за комар е нешто сосем очекувано. Што друго можете да очекувата освен тука да ви се појави Џокер (од филмот на Тим Бартон) со насмевка на лицето. Сите го сакаат Џокер кој фрла пари над градот како конфети и сите трчаат збудалени по разлетаните банкноти и ако знаат дека се лажни. Одекнува силно музика, кловновите удираат со мали тасови, тропаат во барабани, дуваат во труби, мажоретки вртат во рацете шарени палки, летаат конфети и се појавува Џокер. Да се знае кој е газда. А кога сте газда на крчма зарем не е пофално да ја дотерате, да ја украсите, да ја обелите, да залепите нови тапети, да им залепите некоја пара на челата на музикантите, да им купите нови фустани на курвите, да ги наполните собите со евтини украси, да натрупате скулптури по ходниците и во холовите, да нарачате неколку потресни историски сцени во одредени соби, неколку слики на ѕверски мачења и јуначка смрт, неколку со разголени момчиња и самовили и, потоа,да го викнете народот на забава. И наместо валкана мрачна дупка со курви и селани кои се пијанчат и кршат празни шишиња од главите на курвите, ние денес, на крајот од нашиот илјадагодишен историски од по маки, добивме силно осветлена јавна куќа и коцкарница во историски стил на лажен барок и антика.

Ете, токму тоа го прави Џокер. Ова е негова балканска крчма, а вие сте тука гостижелниза малку забава, заборав и лажен сјајкои ги „дерат“ до коска, а тие уживаат. Додека вие зјаете со отворена уста пред чудата, заслепени од лажливиот сјај на позлатата, од блесокот на кристалните лустери и огледала, со курвите во скут се ви изгледа толку добро. Не сакате ниту да помислите што се крие под шминката, под облеката, под сиот тој лажен накит, светкав штрас и шушкава вештачка свилаи каква тоа грозна болест ги разјадува нивните полови органи, колкурасипани заби имаат во устата размачкана со кармин, имаат ли косапод периките или колку гнасотија е собрана под црвено лакираните нокти. Вие се туркате пред столовите закомар заслепени од желбата за лесна добивкаи додека возбудени фрлате фејк коцки, погодувате која обележана карта ќе добиете, а наштиманиот рулет се врти, вие со вашите пари ги полните касите на газдите.

Како може некој да каже дека ова не е добра држава!? Џокер со својата дружина од симпатични разбојници кои се грижат за вашите пари и ги трошат во ваше име за да ве направат среќни, е тука за да ви го направи животот поубав. Тоа што цената ќе биде преголема, што на крајот нужно (како логична последица на вашите постапки и на вашата лакомост и лесноумност) ќе останете без ништо, ќе ве пребијат и гол ќе ве исфрлат на задниот влез од историјата, тоа вас сега не ве засега. Вашата среќа нема цена.

Џокер секогаш е насмеан. Џокер нема маска. Маската е неговото вистинско лице (во нашиов симболичен поредок на нештата Џокер е Пинокио кого Ѓепето го силувал и пијан му засекол со нож насмевка на лицето). Зад маската нема ништо освен празнина и ужас. Џокер се поистоветува со својата маска и се што прави е маскирање на ужасот, мамење, лажирање, прикривање на вистината, бојадисување на гнилеж, мачкање руменило на образите на мртовец, покривање на грдотијата со тешки наслојки театарска шминка, со историски костими, со лажни барокни фасади, со евтини украси, со позлата...

Џокер е голем љубител на уметноста. Сака и вие да ја споделите со него таа страст и за да ви го направи животот поубав ги смени сите здодевнифасади со весел „барок“ и сега летаат насекаде мали раскрилени амори околу вашите глави. Тој толку ја сака уметноста што не може да одолее, а да не се потпише под секое уметничко дело, под секоја скулптура што ја избрал со својата свита од малоумни кепеци на високи потпетици, кловнови, дигачи на лажни тегови, макаки мајмунчиња што по цел ден врескаат,дресирани пудли што одат на две нозе, добермани со бодликави околувратници, жени со брада (или беше со мустаќи)... Сè што допре неговата рака на уметник – сè се разубавува, сè блеска, сè сјае... Тој ги прави грдите нешта убави!

Затоа кај нас денес сите имаат насмевка на среќните лица. Насмеани се политичарите кога ги фаќате во лага и измама; насмеани се полицајците кога пребиваат некого на улица; насмеани се лекарите и медицинските сестри кога го исклучуваат вашиот апарат за вештачко одржување во живот; болните во клиниките се мочаат од смеење на душеците кои лично министерот за здравство ги обезбедил за нив;среќните пензионерисо насмевка на лицето удираат во елки скијајќи по планините; на водителите на телевизиски емисии им пукаат шевовите на испегланите лица од смеење; бездомниците рипаат од среќа во уличните контејнери, работниците со насмевка паѓаат од новоградбите...

А кога смеата ќе ви преседне, кога веќе нема ништо да ви биде смешно, кога ѓаволот ја однесе шегата (You ever dance with the devil in the pale moonlight?) и покрај сиот труд на државата и на нашиот сакан Џокер и неговата весела дружина, ако сте таков намќор, ако ништо не ви е смешно, не грижете се, и тогаш власта има решение за вашите проблеми: ЗА ВАС ПОСТОИ ГАСОТ ЗА СМЕЕЊЕ SMYLEX!

Смајлекс се шири на улица, во јавните установи, во музеите, во рестораните, преку кабелските телевизии, преку дневниот печат, преку интернет, преку фејсбук и останатите социјални мрежи. Го шират како тајни агенти на владата учителките во основно училиште, поштарите, стручњаците за сè и за сешто, независните новинари, колумнистите (што и да е тоа), телевизиските водители, пеачите на забавни песни, освестената младина, левите интелектуалци... Smylex нема вкус, ниту мирис, но можете да препознаете дека делува кога ќе помислите дека опозицијата може да победи на изборите и насмеани одите да гласате; кога некој ќе ја спомене нашата решеност да пристапиме кон НАТО и ЕУ, а вие веднаш се развеселувате; кога ќе расправате запозитивните влијаниа на владините политики во земјоделието, здравството, образованието или културата, а ви останува насмевка на лицето; кога ќе се спомене задолжувањето на земјава, а вие не се расплакувате; когапомислувате,со насмевка на лицето, дека сепак сè ќе биде во најдобар ред...

Тие кои не се ниту глупи, ниту неписмени, способни и умни граѓани кои прочитале некоја книга во животот, кои виделе нешто од светот, кои имаат некакво воспитание, некакви објективни критериуми, кои зачувале некакво човечко достоинство, некаков морал, сите тие борци за човекови права, борци за права на животните, новинари критички настроени кон режимот, членови на опозициони партии, членови на библиотеки, активисти за заштита на човековата околина, пасионирани пишувачи на статуси, добри ученици, загрижени родители, граѓани кои редовно гледаат вести на телевизија и се занимаваат со откривањена малку видливите нијансите во известувањето меѓу еден и друг телевизиски канал,тие што секојдневно читаат весници од почеток до крај за да бидат подобро запознаени со она што се случува во земјава, кои секоја вечер стрпливо гледаат владини пропагандни емисии за да се уверат колку многу владата го лаже народот; тие кои критички ги анализираат говорите на премиерот; тие кои упорно гласаат со лажни гласачки ливчиња за лажнатаопозиција - сите тие се вистински зависници од Smylex.

Не им е потребен гас за смеење на неуките, ниту на глупите. Не им е потребен на едноставните добри луѓе кои веруваат во ветувањата на политичарите. Потребен им е на умните и на способните, на оние кои не сакаат да учествуваат во забавата, на оние кои се сметаат интелектуалци и граѓани. Затоа што токму тие се денес во паника пред иднината и очајно ја бутаат главата во кеса, во таа кеса со лепак што државата го дели секојдневно, а се вика, насмевнете се, Smylex!

Токму тие без кои оваа држава не може да постои и да опстои, тие чесни граѓани навлечени на дневна политика како на лепак, тие наместо да ги исклучат телевизорите, да престанат да купуваат дневен печат и да се опиваат (не без уживање во самоказнувањето) од заводливите испарувања на лепливите лаги, да ги запалат лажливите весници, да останат дома за време на наместените избори, но да излезат од дома кога ќе ги повикаат да докажат дека постојат, токму тие наши граѓани на кои шегата им преседнала, тие умни луѓе, без тоа да го знаат, денес се тешки зависници од гасот за смеење Smilex. А со Smilex, како да „дувате лепак“, со доживотна гаранција на државата станувате глуп, насмеан и среќен. Насмевката вечно ќе биде на вашите лица.

А ако некогаш, во некој миг на просветлување, успеете да ја разберете големата шега на историјата и да се видите себе такви кави што навистина сте, што сте направиле и што сте дозволиле да направат од вашата држава, тогаш не ви преостанува ништо друго освен да умрете од смеење.
Како што видовте, нема во оваа наша весела земја нешто што би можело да ни ја расипе веселбата. Затоа смејте се!

На фотографиите: Џек Николсон во улогата на Џокер во филмот „Бетмен“ (1989)

ОкоБоли главаВицФото