1022 hPa
93 %
6 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 08:59
1. Се обидував да се качам на стаклената планина.
2. Стаклената планина се наоѓа на аголот на Тринаесеттата улица и Осмата авенија.
3. Совладав една негова пониска височинка.
4. Луѓето ги подигнуваа главите за да погледнат горе во мене.
5. Во тој крај бев дојденец.
6. Па сепак имав познаници.
7. Со каиши на нозете ги прицврстив качувалките, а во обете раце цврсто држев по една поголемка вакуум-гума за одзатнување на одводни цевки.
8. Веќе се качив на 200 стапки.
9. Ветерот беше жесток.
10. Моите познаници се собраа во подножјето на брегот за да ме куражат.
11. „Билмез.“
12. „Серко.“
13. Сите во градот знаат за стаклениот брег.
14. Луѓето што живеат овде шират приказни за него.
15. Им го покажуваат на посетителите.
16. При допир на неговите падини се чувствува студенило.
17. Доколку се ѕирне внатре, се гледаат светкави синобели
длабочини.
18. Над тој дел на Осмата авенија брегот се издига како некаква блескава, огромна деловна зграда.
19. Врвот на брегот се губи во облаците или, кога е ведро, во светлината на сонцето.
20. Ја одлепив вакуум-гумата во десната рака не помрднувајќи ја онаа во левата.
21. Потоа се истегнав за гумата во десната рака повторно да ја зацврстам малку повеќе горе, а потоа малку-по малку ги мрдав нозете на друго место.
22. Придвижувањето беше незначително, речиси незабележливо.
23. Моите познаници и понатаму коментираа.
24. „Глуп зафркант.“
25. Бев дојденец во тој крај.
26. На улиците имаше многу луѓе со вознемирени погледи.
27. Погледнете самите.
28. На улиците стотици млади луѓе се фиксаа по влезовите на зградите, зад паркираните автомобили.
29. Постарите луѓе шетаа кучиња.
30. По тротоарите има многу кучешки измет во јарки бои: окер, сива, железно-жолта, сиена, зеленикава, темна слонова коска, црвена.
31. Некого уапсија додека сечел дрвја, ред брестови со пресечени стебла помеѓу еден „фолксваген“ и „валијанат“.
32. Пресечени со електрична пила, нема сомневање.
33. Бев дојденец во тој крај, а сепак се собраа познаници.
34. Меѓу моите познаници од рака до рака кружеше шише со кафеава боја.
35. „Подобро отколку со нога во малиот стомак.“
36. „Подобро од чепкање око со шилест стап.“
37. „Подобро отколку да те плеснат со мокра риба по стомак.“
38. „Подобро отколку да те ѕвизнат со камен по грб.“
39. „Зарем нема да направи сензација кога ќе ѕвекне долу, а?“
40. „Се надевам дека ќе бидам тука тоа да го видам. Да го брцнам марамчето во крвта.“
41. „Глупав клапчо.“
42. Ја одлепив вакуум-гумата во левата рака не помрднувајќи ја онаа во десната.
43. И ја испружив раката.
44. За човек да се качи на стаклениот брег, најнапред треба да има добра причина.
45. Никогаш никој не се качил на брегот поради наука, или затоа што барал слава или затоа што брегот бил предизвик.
46. Тоа не се задоволителни причини.
47. Но задоволителни причини постојат.
48. На врвот на брегот се наоѓа замок од чисто злато, а во една од одаите на кулата од замокот се наоѓа...
49. Моите познаници ми дофрлаа.
50. „Давам десет долари дека во следните четири минути ќе си ја расканташ тикварката!“
51. ...Преубав маѓепсан симбол.
52. Ја одлепив вакуум-гумата во десната рака не помрднувајќи ја онаа во левата.
53. И ја испружив раката.
54. Тука на 206 стапки беше студено, а кога фрлив поглед удолу, не осетив никакво охрабрување.
55. Мноштво трупови од коњи и јавачи го опкружуваа подножјето на брегот, од каде ечеа лелекањата на многуте што умираа.
56. „Опаѓањето на интересот за либидинозното во стварноста неодамна е приведено кон својот крај.“ (Антон Еренцваг)
57. Неколку прашања ми се моткаа низ глава.
58. Зарем некој би се качувал на стаклениот брег по цена на доста лични неугодности само за да ги симне магиите од симболот?
59. Зарем сѐ уште се потребни симболи за денешното појако его?
60. Одлучив одговорот на прашањава да биде „да“.
61. Бидејќи, што јас инаку би правел тука, 206 стапки над брестовите исечени со електрична пила, чиишто бели контури добро ги гледав и од оваа височина?
62. Најдобриот начин некој да успее во качувањето на брегот е да биде рицар во пол оклоп – таков што од ударите на копитата на неговиот коњ врз падините на брегот молскаат искри.
63. Следниве рицари не успеале да се качат на брегот и сега лелекаат долу во купиштето: сер Џајлз Гилфорд, сер Хенри Лавел, сер Алберт Дени, сер Николас Во, сер Петри Грифорд, сер Гизборн Гауер, сер Томас Греј, сер Питер Колвил, сер Џон Блант, се Ричард Вернон, сер Волтер Вилоуби, сер Стивн Спиер, сер Роџер Фокнбриџ, се Клеренс Вон, сер Хјуберт Ретклиф, сер Џејмс Тирел, сер Волтер Херберт, сер Роберт Брејкенбери, сер Лајонел Бофор и мнозина други.
64. Моите познаници се движеа меѓу паднатите рицари.
65. Моите познаници се движеа меѓу паднатите рицари собирајќи ги прстените паричниците, џепните часовници, моминските чеизи.
66. „Спокој владее во земјата благодарение на умната доверба на сите.“ (М. Помпиду)
67. Златниот замок го чува орел со шилеста глава и со блескави рубини наместо очи.
68. Ја одлепив вакуум-гумата во левата рака прашувајќи се дали -
69. Моите познаници на сé уште живите рицари им ги корнеа златните заби.
70. На улицата имаше луѓе коишто својот спокој го прикриваа со израз на неодреден страв на лицето.
71. „Вообичаениот симбол (како славејот, на пример, кој често се поврзува со меланхолијата), дури и ако се препознава само договорно, сепак не е знак (како семафорот) затоа што тој веројатно пак буди длабоки чувства и се смета дека поседува својства што се надвор од она достапно само за голото око.“ (Речник на книжевни термини)
72. Неколку славеи со семафори прикачени за нозете пролетаа крај мене.
73. Над мене одеднаш се појави рицар во светло-виолетов оклоп.
74. Паѓаше со незначително чкрипење на оклопот кој тропкаше по стаклото.
75. Минувајќи крај мене, откосо ми дофрли поглед.
76. Патем го изусти зборот „Muerte“.
77. Ја одлепив вакуум-гумата во десната рака.
78. Моите познаници расправаа за тоа кому од нив ќе му припадне мојот стан.
79. Го разгледував вообичаениот начин да стигнам до замокот.
80. Вообичаениот начин да се стигне до замок е следен: „Орелот ги заби острите канџ во нежното тело на младичот, но тој болката ја поднесуваше без збор и со рацете ја фати птицата за обете нозе. Исплашен, орелот го подигна високо во воздухот и почна да кружи околу замокот. Младичот храбро се држеше. Ја здогледа светкавата палата која во бледата месечева светлина личеше на мижуркава ламба; ги здогледа и прозорците и балконите на кулата. Потоа од појасот извади мал нож и му ги отсече двете нозе на орелот. Птицата се крена во небото кричејќи, а младичот лесно се спушти на широкиот балкон. Во ист момент се отвори една врата и тој здогледа градина преполна со цвеќе и дрва и прекрасна маѓепсана принцеза.“ (Книга за добрата вила)
81. Ме обзема страв.
82. Заборавив со себе да понесам фластери.
83. Кога орелот ќе ги забие канџите во моето нежно тело -
84. Да се вратам по фластерите?
85. Но, ако се вратам по фластерите, ќе морам да се соочам со презирот на своите познаници.
86. Решив да продолжам без фластерите.
87. „Во текот на одредени векови неговата (човекова) имагинација сесрдно ги внесе во живот сите оние попривлечни сили.“ (Џон Мејсфилд)
88. Орелот ги заби острите канџи во моето нежно тело.
89. Но болката ја поднесов не испуштајќи глас и ја зграпчив птицата за обете нозе.
90. Вакуум-гумите останаа каде што и беа, под прав агол во однос на падината на брегот.
91. Исплашеното птичиште ме подигна во височината и почна да кружи околу замокот.
92. Храбро се држев.
93. Ја здогледав светкавата палата, која на бледата месечева светлина личеше на мижуркава ламба, а потоа ги здогледав прозорците и балконите на кулата.
94. Извлекувајќи го малиот нож закачен за појасот, му ги отсеков обете нозе на орелот.
95. Птицата се крена угоре кричејќи, а јас лесно се спуштив на еден простран балкон.
96. Истиот момент се отвори една врата низ која видов градина преполна со цвеќе и дрва и во неа прекрасен волшебен симбол.
97. Му се приближив на симболот и на неговите слоеви значења, но, штом го допрев, тој се преобрази само во убавата принцеза.
98. Убавата принцеза главешкум од планината им ја џитнав на моите познаници.
99. На кои може да се смета дека ќе ја преземат во свои раце.
100. А ни орлите не се уверливи, ни најмалку, ни за момент.
Доналд Бартелми (Donald Barthelme) претежно е сатиричар и пародист, писател којшто „денес најмногу го имитираат во САД“. Меѓутоа, пошироката популарност на неговата проза е ограничена поради специфичноста на пишувањето во кое асоцијативниот и хронолошкиот континуитет често е заменет со несреденост, хаос, со сето она што всушност е светот околу нас. Врската со читателот се воспоставува со препознавањето на типот на користениот јазик, кој често доаѓа од сферите на филмот, медиумите или улицата. Бартелми е роден во Филаделфија 1931 г., пораснал во Тексас кадешто работел како новинар пред да се пресели во Њујорк. Има објавено дваесетина книги, новели и романи. Починал во 1989 година.
Извор: Маргина #35
Превод: Пандалф Вулкански
Слики: Николас Бруно