Некултурата е најскапа, друже!

17.03.2014 12:17
Некултурата е најскапа, друже!

1.

Некако не ме мрзеше да земам и уште еднаш да ја прелистам (зашто не е за читање) фамозната Национална стратегија за развој на културата за периодот 2013 – 2017 и повторно да ги проверам „стручњацине“ за каква тоа несогласност со оваа Национална држ’-ме-мајко стратегија говорат и со какви тоа „критериуми“ оперираат во нивните злодела. И еве што вели таа фамозна Стратегија, во делот „Посебни цели за развој на културата во Република Македонија по области“, а во т.4.8. „Визуелни уметности, архитектура и дизајн“. (Патем, во точката нема ниту збор за архитектурата, а за дизајнот да не правиме муабет!). И во оваа точка, во алинеа 4 буквално пишува: „Селективен пристап во изборот на колониите кои ќе бидат финансирани од Министерството за култура, како и разрешување на сопственичкиот статус на создадените дела на ликовните колонии“.

Што значи, барем за нормален човек, дека Стратегијата поддржува и ќе финансира активности од овој тип – значи ликовни колонии – ама тие ќе бидат селективно избрани од некои „стручни“ платеници од типот на павлесци, пирковци и слични …овци. ОК, и што тука има нејасно? Значи фамозната Стратегија или, подобро речено, политичката волја не ги проблематизира колониите како такви, ама „стручњаците“ од гореспомнатиот вид се тие кои што ќе селектираат. Оттука, утре или задутре, кога повторно ќе бидат прашани како тоа го правеа изборот за „Позитивната листа“ на Министерството за леб и игри, истите тие павлесци, пирковци и други …овци не ќе можат да се вадат со политички притисоци, со дошепнати решенија, со ова или она, зашто ним, и само ним, како (божем) стручњаци им било оставено да го направат тој избор!

2.

И што направиле „стручњациве“? Ете, нивните „критериуми“ не можеле да бидат задоволени од апликацијата на Ликовната колонија во Прилеп, уште помалку од нејзиното портфолио, ама тие биле презадоволни од, на пример, Ликовната колонија „Дрен“, или Ликовната колонија „Михајлово“, па Ликовна колонија во Тетово (ама не се знае каква), па Ликовна колонија Куманово … „Арт – поинт Гумно“ (со ефект токму за на гумно!)... И кој и каков е тој национален интерес што овде го видоа овие платеници? Или, сепак, им кажаа каде да го видат?!

Но, воопшто не ми беше намера да се навраќам на нивните „критериуми“, на нивната „стручност“, на нивните хоризонти до Кисела вода и Сарај, а најдалеку до гумноно во Брод, или каде и да е… немав намера да се навраќам на нивните актуелни злодела против македонската уметничка сцена. Тие се сепак ситни риби, платени мали мозоци во спрега на некои повисоки „интереси“.

Меѓутоа, тие едновремено (и не само тие, туку и оние пред и по нив) се одлична илустрација за една интересна изјава директно од врвот на Министерството за леб и игри, преку којашто и медиумите и опозицијата преминаа некако премногу лесно, односно истата остана без соодветен коментар.

Имено, пред извесно време, а директно на Комисијата за култура во Собранието на РМ, заменик министерот за култура, инаку со Земјоделски факултет, што, нели, го прави „стручњак“ во областа, ни соопшти дека „културата е скапа, некултурата е уште поскапа“. Длабокоумен, дури филозофски издржан став пред кој, некои паметни би рекле, и боговите молчат. И тоа навистина би било така кога кај нас би се знаело што е култура, а што – некултура. Значи, што е она поевтиното, а што она поскапото?!

3.

Оттука, ако се цени, еве, само според овогодишната „Позитивна листа“ наречена Годишна програма на Министерството за леб и игри, и тоа само во делот за Визеулните уметности, што всушност сме добиле? Култура или некултура, скапо или уште поскапо? Веројатно нема потреба одново да ги наведувам оние „проекти“ што онаа „стручна“ Комисија од двајцана егзекутори ни ги продава како национален интерес. Ама има уште многу други, на пример: „Народната култура – трајна инспирација во моето творештво“; „Уметност – вистина и(ли) лага“; „Низ четката на преспански уметници“; „Цртање на асфалт“; „Снежен град и карван“; „Го градам мојот град“; „Кич, да?! (сте или не)“; „Биди креативен“;„Една слика илјада зборови!“; „Душата како слика“ …? Или оние едно чудо самостојни „проекти“ од типот „Поглед низ пресеци виа поглед кон мојот идентитет виа визуелноста на просторноста на квантумот виа“ итн.? И тоа е нашиот приоритетен културен производ, нашиот национален културен квалитет во визуелните уметности без кои македонската ликовна сцена во 2014 ќе беше навистина сиромашна? И кому впрочем ја продавате таа магла?

Каде ли би стасале кога вака би ги прочешлале и другите културни области, од издавачката до театрите, какви сѐ глупости ни се продаваат како скапа култура? Или како, на пример, еден од вчера (само)прогласен Универзитет „Евро – Балкан“ веќе денес може да врши ископувања на неолитската населба во с. Могила и геофизичко скенирање на тумби во Пелагонија, или да врши археолошки истражувања на локалитетот Видин Град во неговото непосредно опкружување; или што бара Занаетчиската комора да јаде пари од Музејска дејност за наводен автентичен занаетчиски сувенир „Made in Macedonia“; или каква врска има Галичка свадба 2014 со парите од Музејската дејност; а уште повеќе Комисијата за односи со верските заедници да ги „открива“ светите места во Македонија; или навистина е од национално значење „проектот“ за уредување на Спомен-соба на дедо Митко, ороводецот на Копачката? Зарем без сите овие будалаштини македонската култура не ќе ја преживееше оваа 2014 година?

4.

Оттука, повторно, има вистина во мудрувањето на заменикон „стручњак“, ама ја утнал работата во степенувањето на нештата. Кај нас, имено, некултурата секогаш била најскапа. Народните пари безмилосно се арчат за сѐ и сешто, главно за она што во секоја друга нормална земја би се нарекло или некултура или – забава. Но, ние секогаш сме биле забавен народ. Сме им служеле на другите за забава!

Кога би се собрале сите (не)културни буџети во изминативе години потрошени на идиотштини од горенаведениот вид, би дошле до фрапирачка бројка. Бројка којашто во Македонија, со два – тројца мааалку попаметни луѓе во културата, сигурно би дала сериозни резултати и на творечки план и на планот на заштитата на културното наследство.

А нашево Министерство за леб и игри дури се фали дека годинава ќе имале повеќе пари за трошење, ќе им го покачеле буџетот за некои 27 проценти, што ќе рече дека толку ќе ни поскапи и некултурата во државата. Ако пак на тоа се додадат и парите што секоја година ги јаде самото Министерство, а што за оваа година изнесува цели 394.918.000 денари, или 6.369.645 евра (!) што ги троши македонската (не)културна бирократија, тоа практично е едно цело богатство. За држави како нашава, 189 луѓе да дремат по цел ден и некој да ги плаќа толкави пари, е тоа е право лудило! Тоа е најскапата некултура што некогаш ја имала оваа држава, друже!

Извор: teodosievskiumetno-st.wordpress.com
Слики: POP Postproduction

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото