Јуриш во „нормализација“

16.12.2009 13:57
turkey-armenia.jpg

Турција и Ерменија пред неколку месеци се договорија за воспоставување дипломатски односи и отварање на границите. Оваа спогодба има историско значење, не само поради можното прекинување на стогодишното непријателство меѓу Турците и Ерменците, туку и поради отворањето нови простори за соработка во регионот.

По речиси една година преговори зад затворени врати, со швајцарско посредство, на 10 ноември, министрите за надворешни работи на Турција и Ерменија потпишаа два протокола за воспоставување дипломатски односи и отворање на границите.

Реализацијата на договореното навистина ќе има историско значење, не само поради билатералните проблеми меѓу Ерменците и Турците, стари околу сто години (спорното прашање за „ерменскиот геноцид“ од 1915 г.), и нивните досегашни меѓудржавни судири (предизвикани со ерменската окупација на Нагорно Карабах), туку и поради новите простори за соработка во регионот и пошироко кои ќе го отворат таквото меѓудржавно средување на односите. Токму и таа завршна фаза на имплементација на договореното ќе биде најтешка.

Решавањето на прашањето за масовното страдање на ерменското население за време на Првата Светска војна според договорот ќе и’ биде препуштено на Независната меѓународна комисија на историчарите. Денешните Ерменци го паметат тој страшен настан како „геноцид“ во кој загинале околу еден милион нивни сонародници, тогашни поданици на Отоманската империја. Дваесетина држави со своите законски акти исто така го окарактеризираа тоа како геноцид. Се бараше и од Турција да го стори истото. Парадоксално, самиот израз „геноцид“ не постои во ерменскиот јазик, па се употребува meds jeghem, што буквално значи „ужасна несреќа“.

Минатата есен го посетив Музејот на геноцидот во Ереван и бев длабоко потресен од изложените документи, фотографирани купишта трупови, призори на стрелања и бесења, колоните исцрпени бегалци и прогонети, изгладнети деца кои некако успеале да го преживеат етничкото чистење и голготата на Сириската пустина. Некои од призорите се идентични на оние на кои наишла Црвената армија во нацистички Аушвиц кон крајот на Втората Светска војна.

Но прашањето за „геноцид“ има и територијална димензија. Пред музејот се наоѓа споменик кој е составен од две тесни вертикали – таа повисоката ја симболизира Голема Ерменија, која овде се нарекува и Западна Ерменија, што ја претставува територијата на денешна источна Турција, каде до фаталната 1915 г. се одвивал поголемиот дел на ерменскиот живот. Таму се наоѓа и планината Арарат (згаснат вулкан, каде според библискиот мит се насукала Ноевата арка), која во деновите без облаци е видлива од ерменската престолнина. Таа претставува симбол на ерменскиот историски континуитет. Нејзината стилизирана силуета се наоѓа и на грбот на денешната држава. Ерменската Декларација за независност, усвоена 1991 г., ја вклучи Западна Ерменија во ерменската територија, а основните принципи на овој документ нешто подоцна беа прогласени за уставни темели на новата држава.

Помалиот обелиск ја претставува Мала, односно денешна Ерменија, која опстојала благодарение на болшевиците. Овие во 1921 г., првин во Москва, а потоа во Карса, со републиканска Турција потпишаа договор со кој е дефинирана турско-ерменската граница (и турско-грузиската, и границата на Турција кон Нахичеван). Ерменската страна дури во 2006 со усната изјава на тогашниот министер за надворешни работи го потврди признавањето на таа граница, но ни уставот ни грбот не беа сменети. Анкара не се задоволи со таквиот вид усно изјаснување, па во конечното спроведување на договорот од Цирих и тоа ќе мора да биде правно регулирано. Тоа значи дека Ерменија дефинитивно ќе мора да се откаже од територијалните претензии на дел од турската територија, што за ерменските иредентистички кругови, посебно во многубројната ерменска дијаспора во светот, е еднакво на национално предавство.

Турската страна досега призна дека во 1915 г. имало „немили настани“ во кои настрадале многу Ерменци, но тврди дека тоа се случувало во текот на војната кога страдале и други турски државјани. Во Источна Анадолија (израз кој Турците го користат за Западна Ерменија), Ерменците застанале на страната на војската на царска Русија, па страдале во воените виори. Турската република осуди на смрт тројца воени водачи на тогашната младотурска влада – Енвер Паша, Мехмет Талаат и Ахмет Џемал – кои биле одговорни, меѓу другото, и за злосторствата над Ерменците. Зголемениот факсимил на таа пресуда се наоѓа во музејот. Еден ерменски политичар ми објасни дека денешна Турција одбива да го признае геноцидот за кој е одговорна воената влада на некогашната Отоманска империја бидејќи таквото признание „автоматски на дневен ред би го поставило прашањето за финансиски надомест за изгубените животи и имоти“ (според меѓународното право, злосторството геноцид никогаш не застарува). Но за квалификациите на тоа злосторство ќе расправа предвидената Независна комисија на историчари, па ова прашање нема да биде најголемата пречка за нормализацијата на билатералните односи.

Сепак, националистичките сили во Турција, како и оние во Ерменија и нејзината дијаспора, пружаат отпор кон секаква нормализација. Ерменскиот национален комитет од Америка го обвини американскиот претседател Обама дека извршил непримерен притисок врз режимот во Ереван. Вистина е дека неговата администрација, во координација со Русија и Франција, се трудеше да го отплетка ерменско-турскиот јазол, па дури и да си ја припише заслугата за потпишувањето на договорот во Цирих. Во САД, претежно во Калифорнија, живеат повеќе од 400 000 потомци на ерменските бегалци кои, како што често се случува со емиграцијата, се порадикални од своите сонародници во Ерменија.

Но владејачката партија на Серж Саргисјан во Ерменија и Партијата за развој и правда на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган располагаат со мнозинството во парламентите. Значи, ако не се случи нешто непредвидено, протоколите ќе ја поминат парламентарната целина. Со нив се предвидува воспоставување три заеднички комисии – за економска соработка, за билатерални прашања и за границата. Овие работни група имаат слична намена како и Комисијата на историчарите. Нивните расправи можат да се одолжат, па со тоа и самата ратификација. Може дури и да дојде до парадоксални ситуации да се усогласат ставовите за економска соработка (наспроти блокадата која Турција и’ ја наметна на Ерменија во 1993 г., трговијата меѓу двете земји и туристичкиот сообраќај непречено се одвива преку заобиколен пат низ Грузија) и да воспостават дипломатски односи, а нивната заедничка граница да остане затворена. Турската страна до пред самата средба во Цирих тврдеше дека границата нема да биде деблокирана сè додека ерменските сили не се повлечат од Нагорно Карабах и окупираните азербејџански окрузи. Имено, за време на ерменско-азербејџанската војна Турција му испрати помош на Баку, и благодарение на таа помош Ерменците не се одважија да тргнат во освојување на азербејџанската ексклава Нахичеван, а блокадата на границите со Ерменија беше наметната токму поради турската солидарност со Азербејџан.

Есента 2008 го посетив Степнакерт, главниот град на Карабах, а претходно престојував во Азербејџан и го посетив Нахичеван. Ерменците од Карабах се противат на концесиите на Азербејџан. Најмногу би се согласиле на евакуацијата на ерменските сили од воените зони надвор од границите на Карабах, но не на сите, бидејќи некои од нив се многу важни за безбедноста на Карабах. Тие се противат на враќањето на азербејџанските бегалци и отворањето на границата кон Азербејџан.

Самото име на Нагорно Карабах е изведено од три јазици – од руското „нагорное“ (планинско), од турското „кара“ (црно) и од персиското „бах“ (врв) – кои самите го илустрираат слоевитото минато на оваа територија која до распадот на СССР имаше статус на автономна област во рамките на азербејџанската ССР. Затоа Ерменците го нарекуваат Артсах. Енклавата пред ерменско-азербејџанската војна имаше 193 000 жители, од кои 76% Ерменци, 23% Азери, додека Курдите и Русите сочинуваа 1%.

Во Степанајерт ми беше кажано дека на таа територија живеат 138 000 жители. Во главниот град околу 40 000. Азери и Курди, освен неколку поединци, повеќе нема. Автономната област опфаќаше 4400 квадратни километри. Заедно со шесте азербејџански окрузи кои беа освоени во војната, проширената територија на Нагорно Карабах денес покрива околу 8000 кв. километри, што вкупно претставува околу 18% од азербејџанската државна територија. Сега Карабах, кое порано беше одвоено од Ерменска ССР со азербејџанскиот коридор Лачина, географски е споен со матицата Ерменија. Според податоците на ОН од 2000 г., во Азербејџан се регистрирани 568 000 бегалци, од кои само 42 072 се етнички исчистени од автономната област.

Но и Ерменците, кои порано живееле во Азербејџан, околу 360 000, биле присилени да бегаат во спротивен правец. поголемиот дел се населил во Ерменија, а помал дел во Карабах. Многумина од нив веќе примиле ерменско државјанство, а други ја искористиле како меѓустаница за заминување во други земји - последниве години најмногу во Русија.

Најголемиот проблем на современа Ерменија е тоа што од независноста до сега изгубила речиси еден милион жители. Причина за толку масовната емиграција, која тешко го погодува и Нагорно Карабах, е економијата. Најважната причина зошто владата на Саргисјан се реши за нормализација на односите со Турција е исто така економска.
 

Ерменско-азербејџанската војна започна со судирите на локалните Ерменци и Азери во 1988 г., пред распадот на СССР. Со прогласувањето независност на Ерменија и Азербејџан таа доби меѓународен карактер. Заврши во мај 1994 г. со прекин на огнот кој го постигнаа Русите. ОБСЕ подоцна на состанокот во Минск основаше работна група која требаше да најде решение за овој замрзнат ерменско-азербејџански судир. Оттогаш тројцата претседавачи со Минск групата – Франција, Русија и САД – се обидуваат да посредуваат, но двете досегашни предложени решенија беа одбиени. Но претседателите на Ерменија и на Азербејџан, Саргисјан и Алиев, на состанокот во Москва, заедно со рускиот претседател Медведев, во ноември 2008 потпишаа декларација со која се обврзаа да бараат „политичко решение“ за судирот околу Карабах преку преговори и посредништво на Минск групата. По примирјето во 1994 тоа е првиот документ кој во име на своите држави го потпишаа претставниците на некогашните завојувани страни.

Минатото на Нахичеван, денешна азербејџанска екслава која географски е одделена од матичната држава, подеднакво е слоевито како и историјата на целиот јужен Кавказ. Во војната со Персија во 1828 г. бил освоен од руските сили кои го припоиле кон Руската империја, заедно со поголемиот дел на територијата која ја сочинуваат денешен Азербејџан и Ерменија. Според податоците од тој период, бил населен со 83% муслимани, кои Русите тогаш ги нарекувале Татари, и 17% Ерменци. Набрзо тука доаѓале Ерменците кои барале засолниште од Турција и Персија. За време на Првата Светска војна Нахичеван станал упориште на крвави ерменско-азербејџански судири, кратко потпаднал под отоманска, па под ерменска власт, бил окупиран од Британците, додека конечно во 1920 во него не вмарширале единиците на 11-та Црвена армија. По референдумот во 1921 г. е прогласен за автономна република на советски Азербејџан.

Според пописот од 1926 г., 75% од населението биле Азери, а 15% Ерменци. Според пописот од 1979, на територијата на Нахичеван останале само 1.4% Ерменци, а по последниот судир можеби само неколку поединци.

Турција, заедно со Русија, се гарант за автономниот статус на Нахичеван во азербејџанската држава (што не е случај и со Карабах).

Сите комуникации меѓу самиот Азербејџан и Нахичеван, кои порано се одвивале преку ерменска територија, сега се пресечени. Таму стигнав со авион од Баку кој мораше да го заобиколи ерменскиот воздушен простор, летајќи преку Иран. И железничкиот и патниот сообраќај меѓу Азербејџан и оваа ексклава се одвива преку Иран.

Логично е дека Азербејџанците се животно заинтересирани за „отворање на сите граници“, што би им овозможило директна врска со Нахичеван и, преку ерменската територија, пристап до Турција, Со тој коридор би можеле да извезуваат гас за Турција, додека низ стариот, сега прекинат нафтовод со кој некогаш се снабдувала Ерменија, може повторно да потече нафта. Азербејџанците би се согласиле и на размена на територии со ерменскиот сосед. Барем така го сфатив говорот на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев на 9-от самит на туркофони земји кој се одржа на 8 октомври во Нахичеван.

Покрај турскиот претседател Абдула Ѓул, таму допатуваа и претседателите на Казакстан и Киргистан, и премиерот на Туркменистан. Алиев, како домаќин, не го избрал Нахичеван случајно за место на одржување на овој состанок, и тоа два дена пред да се потпише спогодбата во Цирих. Во завршната декларација на состанокот Алиев доби поддршка за зачувување на „територијалниот интегритет на Азербејџан“. Во говорот тој долго настојуваше на „азербејџанскиот карактер“на Зангезур, што претставува азербејџански назив за ерменската територија Сиунка, тесен коридор кој го одвојува Нахичеван од самиот Азербејџан, односно, од територијата која Ерменците ја окупирале во војната за Карабах. Во тој ридест и ретко населен коридор, кој ја спојува Ерменија со Иран и по кој денес се одвојува силен сообраќај меѓу тие две земји, се наоѓа познатиот ерменски манастир Татев. Значи, коридорот има и „ерменски карактер“, но точно е дека пред војната таму живееле и Азербејџанци. Можеби навистина е можна некоја размена на територии (не со отстапување на Зангезур/Сиунка на Азербејџан, туку со изградба на тунел или надвозник)?

Како што и турско-ерменската спогодба бара отстапки од обете страни, така и ерменско-азербејџанскиот, ако картите некако се сложат, ќе мора да биде резултат на спогодба. Битно е да нема губитници, туку само добитници.

Познавачите на регионалните прилики тврдат дека нормализацијата на ерменско-турските односи, како и разрешување на ерменско-азербејџанскиот спор, ќе бидат корисни за сите: ќе се елиминираат две жаришта на потенцијални судири на трусното подрачје на Јужен Кавказ, кое географски и историски е тесно поврзано со Блискиот исток, ќе отворат нови канали за соработка во регионот, што ќе им биде корисно на сите учесници во тој мировен процес, и ќе се отворат нови коридори за пренос на нафта и природен гас од каспискиот регион и средна Азија кон европските корисници. Сето ова може да се постигне само ако Вашингтон и Москва не делуваат спротивставено.

Се разбира, со тоа нема да се решат сите проблеми на поширокиот регион кои се подеднакво сложени. Ги има премногу на кризното подрачје на Блискиот исток. Тука, пред сè, мислам на американската конфронтација со Иран, на нерешеното курдско прашање во Турција, како и на замрзнатиот судир на Русија со Грузија околу Абхазија и Јужна Осетија.

Извор: h-alter

Самиот израз геноцид е

Самиот израз геноцид е измислен во 1948-ма година. Спој е на грчки (генос) и латински (цедере). Самиот автор вели дека е главни примери на геноцид се ерменскиот од отоманците и евресјкиот од нацистите.

Одличен текст. Честитки за

Одличен текст. Честитки за трудот.

ОкоБоли главаВицФото