1031 hPa
62 %
11 °C
Скопје - Чет, 07.11.2024 16:59
Деведесет и пет запирка осум проценти? Русите се непоправливи. Тие во изборите не се разбираат ни толку за да можат пристојно да манипулираат со нив. Меѓутоа, референдумот на Крим и онака е фарса во режија на Западот и Истокот. Русите не ни мораа да ги лажираат резултатите. Нема сомнеж дека повеќето жители на Крим се проруски ориентирани. Од друга страна, Западот веќе го прогласи овој референдум за нелегален. „Псевдореферендум“, вели Франсоа Оланд, „правно нижтожен“.
Меѓутоа, овој референдум е значаен поради една друга причина. Тој претставува оживување на конфликтот помеѓу Истокот и Западот. Оние кои сакаат студена војна не седат во Кремљ, туку во Вашингтон, Брисел и Берлин. Западот, почнувајќи од 1989, зазеде курс на неизбежна конфронтација со Русија. Непромисленост или пресметана работа? Запад води политика лишена од секакво чувство за историја. Ја повикавме руската мечка на танц, но не сме сигурни дали засекогаш ја исклучивме можноста за војна.
Грегор Гајси минатата недела во Бундестагот одржа многу важен говор. Рече дека НАТО и ЕУ во односите со Русија зафркнале сѐ што може да се зафркне. „Заедничката европска куќа“ на Горбачов и планот за нова безбедносна структура без НАТО и Варшавскиот пакт? Запад не го сфати тоа сериозно. Ветувањето дека НАТО нема да да се шири до руските западни граници? Запад го прекрши. Руската загриженост поради ракетниот штит, стациониран во источна Европа? Запад го игнорираше сето тоа. Путиновата понуда за зона за слободна трговија од Лисабон до Владивосток? Запад остана рамнодушен. А потоа ултиматумот на Баросо до Украина да се одлучи помеѓу Русија и ЕУ... Последната, тешка дипломатска грешка. Од тој момент германскиот министер за надворешни работи Штајнмаер прави сѐ што е во негова моќ за да ја ограничи штетата.
Гернот Ерлер, пратеникот на германската влада за руски прашања, во мај 2013 пишува: „Оваа надворешнополитички неподнослива состојба е создавана со години, и сите кои се во постојан контакт со руските партнери знаеја што се спрема.“
Зошто Западот се однесува така? Постои само еден одговор - суета. „Западот верува дека за победниците во студената војна повеќе не важат никакви правила“, им рече Гајси на канцеларката и на членовите на владата.
Гајси ги потсети високиот дом и јавноста на еден едноставен факт: „САД сакаат да го прошират своето влијание и да ги задржат постоечките сфери на интерес. Истото важи и за Русија.“ Склони сме да ги разубавуваме нашите потези. Сопствента политика на сила ја сметаме за нешто нормално, а штом ја применува некој друг, веднаш го прогласуваме за агресор. Во Die Zeit неодамна можевме да прочитаме: „Европејците во сите можни кризи се обидуваат да ги намалат тензиите со исцрпувачки преговори. Владимир Путин и руската Дума инсистираат на ескалација.“ Тоа не е точно. Русите на Крим ја обликуваат изборната волја, а Die Zeit ја разубавува стварноста. Таквите извртувања создаваат митови, а митовите предизвикуваат омраза.
Историчарот Кристофер Кларк неодамна во Spiegel предупреди на брзоплетото повлекување паралели со Првата светска војна. Меѓутоа, тој во „Месечари“, својата епохална книга за таа војна, пишува: „Кризата која во 1914 доведе до војна беше плод на заедничка политичка култура.“
Тоа беше култура на конфликти и агресивна надворешна политика. Бизмарк за време на Кримската војна, во 1854, ѝ предлага на својата влада „да се пикне во Австрија... додека таму нема Боемски трупи.“ Зошто? Затоа што се укажала можност за тоа. Ненасетени можности се укажаа и додека Советскиот сојуз лежеше во урнатини, а Елцин во литри алкохол.
Сега Барак Обама го повика новиот господар на Киев Арсениј Јацењук во Овалната соба. Изгледа дека никого не го интересира тоа што неговата влада исто така е нелегитимна како референдумот на Крим. Фашистите, сега дел од новата влада во Киев, навистина постојат и не се измислица на Путиновата пропаганда. Гајси го цитираше шефот на партијата „Свобода“: „Земете оружје, борете се против руските свињи, германските и еврејските свињи и другиот коров.“
Ангела Меркел и Штајнмаер молчат. Најважната паралела со денешната ситуација, која можеме да ја најдеме во делото на Кристофер Кларк, е дека тој зборува за опасните последици, кои во периодот пред избувнувањето на Првата светска војна ги предизвикала „широко распространетата легенда за неизбежниот крах на Австроунгарија“. „Таа ги ослободи противниците на Виена од сите скрупули и ја поткопа идејата дека Австроунгарија, како и секоја голема сила, има сопствени интереси кои ќе ги брани со добра причина.“
Денес Запад ги игнорира руските интереси. И тоа на своја штета.
Извор: Spiegel, 17.03.2014