Недовршена сложувалка стара 100 години

19.03.2014 09:40
Недовршена сложувалка стара 100 години

Во сложениот систем на причини и последици во Првата светска војна, националните историски перспективи сѐ уште битно се разликуваат. Останува на историчарите да ги комбинираат како сложувалка за да добијат сеопфатна слика на настаните.


„Еве што ме поврзува мене...“ - на интернет порталот на лондонскиот Кралски воен музеј, Британците пишуваат што ги поврзува со Првата светска војна. Некој пишува за својот дедо кој од првиот ден на војната морал од фронтот да пренесува трупови до гробовите и да ги погребува. Некој за прадедото, воен лекар кој го убиле снајперисти. А некој за својата мајка, чијшто свршеник загинал во војната. Роднините на борците од Првата светска војна ги опишуваат ужасите од доживувањата кои длабоко се втиснати во семејната историја. На Германците не им е лесно да го опишат тој лак, бидејќи во Германија во прв план е едно друго прашање: дали дедо ми бил нацист?

Ужасот на германската историја

Колку бабата и дедото, мајката или таткото, биле вмешани во националсоцијализмот, дали биле извршители, жртви или соучесници - тоа се прашањата на кои многу деца и внуци во Германија бараат одговор. Некои луѓе тоа може да ги извади од колосекот на нормалниот живот. Џенифер Тиџ, ќерка на Германка и Нигериец, случајно дознала дека нејзиниот дедо бил садистички командант на концентрациониот логор Амон Гет (познат од филмот „Шиндлеровата листа“). Приказната на оваа жена нема многу врска со Првата светска војна. Таа само покажува зошто таа војна во Германија стигна во втор план на колективното паметење. Сеќавањето на неа е сѐ уште во сенка на уште поголемите ужаси кои ги донесе националсоцијализмот, Втората светска војна, Холокаустот и Студената војна - сите тие се дела на Германците.

Пад на културата на сеќавањето

Бидејќи, за разлика од Англија или Франција, чии политички системи во 20 век беа прилично стабилни, германската историја е полна со прекршувања. Од 1914 година постоеле пет различни системи: царство, Вајмарска Република, националсоцијалистичка диктатура, и потоа, со СРН и ДДР, две германски држави кои се наоѓаа во непријателски блокови. Повторно обединетата Германија постои само 25 години. Тоа е релативно млада демократија.

Толку крупни промени нема доживеано ниту една друга западноевропска држава. Но, имаат источните соседи на Германија како што се Полска или Русија, како и земјите од Балканот. Политологот Херфрид Минклер во разговорот со Дојче Веле зборува за „западно-источен пад на културата на сеќавањето“ во Европа. За разлика од Белгијците или Французите, Германците не ја доживеале Првата светска војна така непосредно - во сопствената земја. До многу луѓе во царството војната допирала само во форма на штуро известување за загинатите или цензурираните дописници од војната. Ужасот на бомбардирањето и евакуацијата во Втората светска војна ги потиснаа сеќавањата на рововите и бојните полиња од Првата светска војна.

„Фишеровата контроверза“ моментално не е актуелна

И покрај тоа, во Германија постојат многу воени споменици или здруженија на ветерани кои ги негуваат сеќавањата на жртвите од Првата светска војна. Повеќе од 50 години, германските научници интензивно се занимаваат со проучување на таа војна. Хамбуршкиот историчар Фриц Фишер во 60-тите години ја изнесе тезата дека Германија била главен виновник за избивање на Првата светска војна и со тоа покрена многу дискусии. На почетокот на комеморативната 2014 година, излегоа многу нови публикации. Прашањето за вината во војната притоа остана споредно. Поради многуте извори и перспективи, на него не може еднозначно да се одговори. Наместо тоа, во прв план изби истражувањето на причините за војната. На пример, во делото „Месечари“ на австралискиот историчар Кристофер Кларкс, кој таа војна ја смета за „резултат на збиена низа на настани и одлуки“. И книгата „Големата војна“ од Херфрид Минклер детално ја опишува временската панорама на воените години и укажува на нешта од кои политичарите денес би требало да извлечат поуки. На пример, на регионалните судири и напорите кои треба да се вложат за тие да не се прошират.

Воздржаноста на Германија

Со приближувањето на 2014 година, растеше интересот на јавноста за Првата свестска војна. Една актуелна анкета покажа дека младите луѓе од Германија сакаат да дознаат повеќе за Првата светска војна од она што го учеле во училиштата. На многубројните манифестации војната се разгледува од многу агли. Таква е на пример изложбата Die Avantgarden im Kampf во федералната уметничка хала. Весниците, списанијата и интернет порталите презентираат извори и судбини. Најинтересните иницијативи ги надминуваат националниоте рамки: europeana 1914-1918 е интернет платформа на 11 јазици на кои се собрани приватни сеќавања од цела Европа. Постои и Европски филмски портал на кој може да се види историски филмски материјал од Првата светска војна. Меѓутоа, јасно се забележува дека Германија, кога станува збор за националните комеморативни свечености по повод избивањето на војната пред 100 години - е воздржана. Во оваа земја, Првата светска војна не е погодна подлога за создавање национални митови, а уште помалку повод за славење.

Многу публикации и проекти ќе придонесат од делчињата на сложувалката кои ја нудат перспективата на одделни нации да се состави меѓународна панорама на Првата светска војна. Историчарите постапуваат баш како астронаути, кои од одредено растојание можат да ја видат Земјата како целина. Дури од одредено растојание појасно ќе можат да се разберат и причинско-последичните врски на војната која изби пред 100 години.

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото