Збогум, ѕвездо со пет зраци

16.12.2009 14:11
miroslav-2009-12-16.jpg

Вината за неодамнешното дилетантско отстранување на ѕвездата петокрака од државниот грб не паѓа само на нашите „вожди“ – како непосредни автори на тој уставен порно филм, туку и на оние кои ги избрале - отапениот народ македонски. Оваа колективна вина би требало да се прошири практично на целото население, поради апатичната тишина и незаинтересираност со која во историјата е испратен најпрегнантниот геометриски симбол во нашите државни ознаки – симболот на постоењето на македонската држава.

Секој нормален Македонец, во нормално време, би се задушил во чувството на срам и понижување кое би го заплиснало кога би ги слушнал или прочитал неколкуте пропелтечени зборови на образложението за промената на Уставот. Дека ѕвездата се исфрла од државниот грб зашто ги „потсеќала на социјализмот“ и зашто тоа било „единственото решение околу кое можеле да постигнат согласност“. Иако ретко каде во светот постои олку малоумно образложение за промена на еден државен грб, кај нас оваа епохална срамота предизвика мал број воздржани реакции.

Колку и да е бесмислено отпосле да се дебатира за оваа државничка глупост или за ова немушто дизајнерско решение, човек чувствува потреба да ја разбие тишината (која повеќе говори за нашето сопствено умирање отколку за смртта на петокраката) и да објасни некои основни факти за ѕвездата со пет зраци.

Најпрвин, за нејзината асоцијативност. Што да одговори човек на аргументот дека „ги потсеќало“? На лепешкарот секое топче му личи на лепешка. Па, од државниот грб го отстранија неговиот најубав елемент – брилијантот во круната, елементот кој е универзален, вонидеолошки и вонвременски, па поради тоа и елементот кој најмалку ја носеше социјалистичката конотација! Она што остана од грбот е носител на социјалистички асоцијации - анахрона и типично реалсоцијалистичка композиција која по Втората светска војна беше канон за сите држави од социјалистичкиот лагер. Пејзажна пасторала од комунистичкиот рај, со венчиња од плодовите на работата на владеачката работничка класа. Без петокраката ѕвезда која светеше со панхроничен сјај на врвот од грбот и ги спојуваше композитните венчиња од жито, тутун и афион (канабисот, по грешка, не е застапен), грбот македонски е како реликт - накисната и носталгична потсетка на еден исчезнат свет. Со овој плиткоумен и, пред се’, непотребен уставнодизајнерски потез, нашите власти на светот му ја потврдија својата идентитетска дезориентираност и го зацементираа „бившиот“ идентитет на државата: реновиран е грбот на Поранешната Југословенска Република Македонија. Неспособноста на сите политички елити да го испочитуваат Уставниот закон од 1991 и да го обноват државниот грб во духот на новото време и во манирот на европската хералдика (при што токму ѕвездата петокрака најмногу заслужуваше во новиот грб да го одржи симболичкиот континуитет на македонската државност), денес е надградена со чудовишна глупост многу полоша од дводецениското нечинење. На нашиве власти очигледно не им е позната мудроста на Твен, кој рекол дека е подобро човекот да молчи макар изгледал глупаво, отколку да ја отвори устата и да ги развее сите сомнежи!

Употребата на петокраката како симбол е стара повеќе од пет милениума. Во пентаграмска форма била употребувана како пиктограм во Сумерското писмо уште во третиот милениум пред нашата ера, во Вавилон се употребувала од вториот милениум, античкиот хеленски свет ја употребува од Питагора, била симбол на првата еврејска држава на кралот Соломон, била знак на царот Константин (оној истиот кој го извадил христијанството од катакомби и го прогласил за единствена државна религија во Римската империја, оној св. Константин кому нашите власти планираат да му градат црква сред скопскиот плоштад), а низ средниот и новиот век ја пронеле тајните масонски братства.

Значењата кои ги носела ѕвездата петокрака во минатите милениуми секогаш биле космички, божествени и општочовечки. Во Вавилон ги означувала петте ориентации, петте планети, космосот и целината на животот; во таоизмот петокраката ги означувала петте основни елементи, питагорејците во ѕвездата ја гледале целината и хармонијата на светот составена од петте класични елементи, а самиот Питагора ја сметал за божествена перфекција. Пентаграмот бил првиот христијански знак, а до доцниот среден век ги означувал петте рани на Исус Христос или го означувал самиот Спасител. Во деветнаесеттиот век петокраката станала знак за општочовечките вредности и права, знак на есперантистичкото движење и симбол на животот на современите државни ентитети.

Од осумнаесеттиот век ѕвездата со пет зраци масовно се употребува на државните знамиња и грбовите на светските нации, каде што ги симболизира раѓањето, животот и постоењето, низ метафората на незгаснувачки оган. Денес – кога ја фрливме на буниште нашата сопствена петокрака, таа е застапена на знамињата на повеќе од 60 држави и на грбовите на повеќе од 35 држави членки на Обединетите нации. Ѕвездата со пет зраци ги краси знамињата на САД, ЕУ, Кина, Пакистан, Турција, Австралија, Бразил, Конго и уште педесетина земји од сите населени континенти, што искажано преку населението претставува скоро две третини од човештвото ... Најмалку четири милијарди луѓе денес се идентификуваат со ѕвездата петокрака и гледаат афирмативно на неа. Но, нашиве психопати имаат проблем зашто ги „потсеќало“!? Аргументацијата во полза на ѕвездата може да наполни илјада страници текст, можат да се набројат исто толку нејзини позитивни значења и употреби, но против неа засекогаш ќе останат единствените двата „гранитни“ аргументи на власта: дека ги „потсеќало“ и дека само околу тоа „постигнале согласност“...

Во современото читање на симболите ѕвездата петокрака го означува животот на државните ентитети. Не е случајно што ѕвездите на знамето на САД ги означуваат нејзините сојузни држави, ѕвездите на знамето на ЕУ се државите членки на Унијата, а во кинеското државно знаме големата петокрака е земјата матица, додека малите четири ѕвезди се нејзините отргнати делови. Македонската петокрака ѕвезда ја симболизираше македонската државност по себе. Таа засвети на нашиот грб заедно со нашата држава и го симболизираше нејзиното раѓање и вечниот оган на нејзиното постоење. Отстранувањето на ѕвездата е симболично но недвосмислено самопоништување на македонскиот државен идентитет и ентитет, симболичен куршум во сопствената слепоочница, што македонскиот народ – со својата апатичност и помирливост - практично сам си го испука.

Временскиот распоред за сакатењето на државниот грб е вистинска цреша на врвот на оваа уставнодизајнерска бљувотина: нашите „вожди“ избраа да си играат со државниот грб како тригодишно машко дете со крилцата на фатена мува, во најнапнатата фаза од преговорите за името. Па и дождовна глиста ќе сфатеше дека неверојатната леснотија со која беше сменет Уставот, и тоа заради бришење на битен симболичен елемент на државниот идентитет, е јасна порака дека македонската држава го менува Уставот лесно и често како што се менуваат употребени марамчиња, и дека народот македонски уморно и тапо, со тажен кравји поглед и во тишина ќе проследи каква било промена на Уставот, макар се однесувала на знамето, грбот, името или што и да е!

На крајот, една позитивна последица од уставната смрт на македонската петкрака ѕвезда: оваа случка без сомнение придонесе за подобро разбирање на грчките позиции и барања во спорот за името. Имено, досега бев убеден дека нивните барања се чудовишни, неправедни, непринципиелни и неприфатливи... дека се надградба на валканата грчка совест за геноцидите од минатото, за асимилацијата на словенското население итн. Постапките на машкиве деца на македонското државно кормило ми помогнаа да ги разберам соседите: замислете некој дуќанџија –  земајќи го предвид грчкиот познат трговски дух - кој во дуќанот пречекува билмези како нашиве, кои со горда насмевка си го фрлаат бебето во канализација и ја испиваат содржината на нокширчето; зарем кој било дуќанџија нема да падне во искушение да „избричи“ такви билмези и да им земе се’ што е можно? Се разбира дека секој рационален трговец би постапил исто како нашите соседи доколку, како Грците, имаат апсолутни дилетанти од другата страна на преговарачката маса. Секоја инфантилна домашна глупост на нашата влада на светот му ги прави се’ поразбирливи и полегитимни грчките барања.

Збогум ѕвездо со пет зраци, македонската држава веќе не те заслужува.

Слики: Комар и Меламид

 Поиздржан а воедно и потажен

 Поиздржан а воедно и потажен текст за нашава реалност одамна немам прочитано. 

 Петокраката во Македонија

 Петокраката во Македонија беше пред се’, сфатена како политички симбол на една (помината) политичка ера. И само како таков белег, беше тргната. И според мене, заслужено тргната.
 
Иако и мене како симбол ми е драга (но онаа „американската“, белата, сината, сребрената петокрака, а не класичната, руско-комунистичка), сепак не гледам причина зошто црвенава да продолжи да ни стои на грб. Јас сум млад Македонец кој воопшто не искусил ништо од 45-те години постоење на СФРЈ, апсолутно по никаков основ не се чувствувам поврзан или асоциран со таа ера, и мислам дека таков еден период е многу несоодветен да „жигосува“ грб на национален (ако веќе не секогаш зависен) континуитет кој трае(л) барем неколку века, ако веќе не милениуми.
 
Panta rei. Дојдоа нови времиња. Ако „психопативе“ денес не ја сменеа петокраката, тоа ќе го сторевме ние, младината, родените во независна Република Македонија која е љубопитна за себе, милениуми наназад. Што да правиме, помлади сме, видот се’ уште не ни е истрошен за да запре, со носталгија во погледот, на 1945-та, па гледаме подалеку, подлабоко, поназад, ама и понапред, кога гледаме кон иднината.
 
Македонија има потреба да се (ре)дефинира. Како што се (ре)дефинирала во 1945-та. Како што се (ре)дефинирала во 1903-та. Направете простор, и дозволете: секоја генерација, колку и да ви се чини несфатена, заслужува шанса. А кога не и’ ја даваат, сама ја зема. И онака тоа што е постаро, умира пред помладото. Тоа е природен закон. Тоа е тркалото на животот. И денес, го врти друга рака.
 
Инаку грбот не треба да остане ваков. Треба да има нов грб. И верувам дека ќе има.

 smesno i pateticno

 smesno i pateticno