Хуманизам и ренесанса

19.03.2014 12:55
Хуманизам и ренесанса

Се прашувам зошто толку се оддалечивме од тој идеал кој како далечно ехо одекнува, сепак, од Италија? Зошто Идеалот денес ни изгледа толку недофатлив, далечен, неостварлив? Каде ја изгубивме чистотата, ако воопшто некогаш сме ја имале?

Во срцето на Тоскана, Фиренца, на почетокот на XV век, започнува Ренесансата во Италија проследена со сестрана хуманистичка преродба и процут во уметноста. Во архитектурата пропорција и склад, детали кои ја истакнуваат едноставноста на формите и топлината на природните материјали. Загасито портокалови фасади, радосно чувство. И вегетативна арабеска, како здив на природата...

Културолошките придобивки на Ренесансата го даваат тој печат по кој е најпрепознатлива Италија; врв на хуманизмот, нешто неповторливо во историјата на Западната цивилизација. Човекот е најблиску до чистотата на Природата и до Бог во себе. Човекот, Бог и Природата се во Единство во животот. Таква чиста виталистичко-духовна форма на сеопфатен живот не се повтори до сега.

Затоа Италија го плени секого, во љубов на прв поглед.

Се прашувам зошто толку се оддалечивме од тој идеал кој како далечно ехо одекнува, сепак, од Италија? Зошто Идеалот денес ни изгледа толку недофатлив, далечен, неостварлив? Каде ја изгубивме чистотата, ако воопшто некогаш сме ја имале? Каде се изгубивме себеси?

I Парадигма

Денес мноштвото ја има слободата да се оствари себеси на свој сопствен начин. Слободата е парадигма. Но, не постоела и никогаш нема да постои идеална состојба во која ќе се остварува слобода подеднакво за сите. Бидејќи слободата на едниот истовремено значи укинување, односно стеснување, на слободниот простор на другиот. Зошто? Затоа што тоа е предуслов за овој човек, кој слободата ја подразбира како поседување на простор. Колку е поголем тој негов простор кој го поседува, толку тој се чувствува „послободен“. А взаемната размена е голтање, деворација (фетиш). Сепак, според некои други стандарди, вистинска слобода се доживува и достигнува како нешто спротивно од овој опис. Вистинската слобода не зависи од некакво поседување на простор или што било друго. Ова е примарниот конфликт кој може да се дефинира како конфликт меѓу два статуса на постоење. Статус на постоење кој се потврдува со потребата од поседување и статус на постоење кој се потврдува со ослободеноста од зависноста од поседување. Првото води кон мизерија, второто кон слобода. Во вториот статус взаемна размена се случува според принципот на љубов (слобода).

II Копнеж

Вториот статус на постоење постои како идеја, но не како стварност. Некои духовни личности кажале дека сѐ уште нема реални услови да се реализира гностичкото постоење. Сѐ уште нема.( А кога веќе еднаш ќе има?) Барем не пошироко како принцип во физичкото постоење.

Оттаму кај човекот тој голем копнеж кон слободата и оттаму големата болка.

Но тука исто така постои уште една варијанта која би можела да биде преодна форма меѓу овие два толку непомирливи и крајно спротивни статуси на постоење. Тоа е надежта на еден граѓански слој, кој интуитивно насетува во која насока треба да го води својот живот за да ја достигне слободата (која прво е внатрешна и само како таква вистинска). Слободата е остварлива внатрешно, во однос на Себството. Со еманципацијата на човекот од секакви догми, отфрлањето на лажните авторитети, обраќањето кон вистинските животни вредности во складот меѓу природата и духот и довербата во сопствениот здрав разум што започна со Ренесансата и потоа неколку векови со круна во модерната, постмодерната и современата доба, веќе на хоризонтот се насетува резултатот на тоа повеќегодишно тежнеење.

Но заради големиот расчекор (раскол) меѓу двата статуса на постоење, оваа преодна форма е обременета и со многу болка и страдање! Мислам дека тоа ќе трае долго... ( ако не и засекогаш!)

III Логика

Значи, светот се движи по некоја своја логика, индивидуата по друга. Светот го покренува масивна енергија која се напластува некој одреден период. Тоа е како голем бран на чијшто врв се одредени личности кои спроведуваат огромни енергии (кои може да бидат позитивни исто колку и негативни). Односно, стихијата ги движи нив низ феномените на големиот бран. Веројатно голема низа на околности, фактори и услови се неопходни да се спојат за да ги туркаат нештата во светов, и некоја длабока внатрешна нужност која не знам како да ја искажам. Своите желби мораат да ги остварат сите, тоа е некаков синоним за слобода.

Не знам како се расчленуваат двата статуса на постоење на сред сето тоа и не знам каков однос се воспоставува меѓу нив.

IV Реалност

Како и да е, сè се сведува на тие два статуса на постоење: сегашниот каков што го следиме во светот, плурализам на идеи и стремеж кон реализација на сите тие идеи, со многу хаос бидејќи не може да се постигне сложување, и оттаму многу несреќа во светот (на сред тоа многу себичност и алчност и злоба), и повисокиот статус според кој одреден слој на личности постојат, достигнувајќи го со постојана внатрешна битка за надминување на себеси и со притисоци кои се струполуваат на нив од сите страни, пред сè на витален план и ментален, па и физички и психички. Мислам дека веќе е воспоставен тој повисок статус како концепт-реалност со сите свои карактеристики. Тоа е она што во друг текст го нареков Космополитизам. Сега го нарекувам Статус на љубов како поставеност кон светот. Сакале да веруваме во ова или не.

V Тишина

За да се просветли умот не е доволно само да се чита многу, да се знаат нештата интелектуално. Да се просветли умот значи да се умее да се разбистри и стиши. Поентата е во тоа Тишината да биде основа и заднина на умот, како еден бескраен фон. (Ете бескраен простор!) Што го стишува умот? Наука и практика. Кога го пишував текстов не сакав да внесувам поими од Истокот. Но, сега размислувам - ниедна наука така не го стишува умот како јогата. Таа е всушност првата наука за стишување на умот. Таа наука го доведува повисокиот статус на постоење во индивидуата. Не во општеството во целина. (А постепено, кој знае, можеби и во општеството како целина ?)

Природната состојба на Умот е Тишината. Бојата е бела. (Ги содржи сите бои.) Од таа тишина и белина изнурнуваат мислите. Тогаш станува збор за Интуитивен УМ. Интуитивниот Ум е Убавина. Тука веќе се спојува Чувството со Разумот и нема поделба меѓу нив.

VI Болка

Болката и страдањето постојат и ќе постојат затоа што сѐ уште не е преобразена нашата природа. Нашата природа како физичка супстанца и витал сѐ уште не е во состојба да ја прими Светлината на Надумот, Интуитивниот Ум. (Односно, сѐ уште не е самосвесна за сопствената светлина.) Од таму како некаква космичка прашина постојано се спушта таа реалност. (Над Надумот постои уште една повисока реалност.) Верувале во ова или не.

VII Убавина

Во овој голем хаос од сè и сешто кој ќе се води така до недоглед, бидејќи сето тоа постојано се усложнува и мултиплицира, постои и ред и хармонија кои се движат во спротивна насока. Тоа движење никогаш не е на површината, а и сè помалку ќе биде, понатаму, како што се усложнуваат нештата. Може да се спореди со океанот. На површината можеби беснеат бури, додека во длабочините владее апсолутен мир кој воопшто не е пореметен од бранувањата.

Но точка на прекршување ќе се случи кога Вториот статус ќе достигне критична маса и како закон ќе се воспостави со подеднакво право на постоење како и другиот, дури, и во физичката реалност. Тоа ќе биде почетокот на ерата на Новата Ренесанса и Новиот Хуманизам. (Уште еден нов обид на патот кон слободата!) Многу посеопфатно и многу поапстрактно ќе се одвивало сето тоа овој пат... Тоа го насетил и сликарот Казимир Малевич при крајот на својот живот.

Сега веќе зборуваме за револуција во виталот, во животната енергија. Како што секоја пролет повторно се раѓа природата, и таа повторно и повторно нè изненадува со својата убавина, сите тие треви, лисја и цветови повторно не вдахнуваат со својата свежина, така во нас, сите клетки и ткива треба да се обноват, да ја истиснат смртта (мракот) за да пак го вгнездат животот (светлината)...

Затоа само Убавината ќе нè спаси. Само Убавината. ( Кој прв ова го кажал веќе не се сеќавам.)

Цртежи: Татјана Миљовска

ОкоБоли главаВицФото