Македонија во изборна треска, медиумите на испит

20.03.2014 02:41
Македонија во изборна треска, медиумите на испит

Македонија влезе во уште еден изборен филм. Во април ќе избираме нов шеф на државата и нов состав на Собранието, и тоа и овој пат на предвремени парламентарни избори, трети по ред едноподруго. Државата, пракитчно, е во перманентна изборна кондиција точно една деценија! Всушност, од 2004 година (кога се одржаа претседателските избори по загинувањето на експретседателот Борис Трајковси) досега речиси секоја година орагнизираме избори – локални, парламентарни или претседателски.

Во 2005 година имавме локални избори, во 2006 редовни парламентарни, во 2008 предвремени парламентарни, во 2009 претседателски и локални, во 2011 предвремени парламентарни, во 2013 локални избори и наредниот месец повторно ќе имаме двојни избори. Што значи, за десет години, само три години не сме излегле на гласање – во 2007, 2008 и 2010 година. Колку е тоа добро за државата и дали граѓаните сакаат да одат на избори секоја година, е сосема друга работа. Априлските избори, кои се петти претседателски и осми парламентарни, според пресметките на ДИК, ќе ја чинат дравата над осум милиони евра.

Без професионални медиуми, нема фер избори

Државата веќе и официјално е во изборен процес, кој почна со распишувањето на претседателските избори (1 февруари) и ќе трае се до соопштувањето на конечните резултати од двојните избори. Изборниот процес претставува една од основните вредности за секое демократско општество. Притоа, од исклучителна важност е да се обезбеди слободно изјаснување на граѓаните, како и почитување на правото и законите. Последните измени на Изборниот законик, кои ги поддржаа и власта и опозицијата, ја даваат рамката за одржување на изборите. Меѓутоа, одговорноста за изборната атмосфера, за организирањето и спроведувањето на изборниот процес е кај политичките партии – особено кај власта. Сепак, за да има демократски и фер изборен натпревар од посебно значење е улогата на медиумите, кои со своето делување ја креираат перцепцијата и го моделираат јавното мислење. Затоа, медиумите треба да се однесуваат попрофесионално и да имаат изграден механизам за објективно известување. Во таа смисла, тие не смеат да се постават навивачки и со апологетски пристап за едната, а со оцрнувачки и дискредитирачки квалификации за другата политичка опција.

Законот (член 75) јасно кажува дека покривањето на изборниот процес во целина треба да биде баласирано и непристрасно, а членот 181-а предвидува и казни во износ од 3.000 до 5.000 евра во случај ако медиумот: „Не обезбеди покривање на изборите на правичен, избалансиран и на непристрасен начин…“

Сервисни информации

Медиумите во текот на изборите се на „местото на настанот“ и токму тие можат да им помогнат на гласачите со сервисни информации околу изборниот процес, избирачкиот список, избирачките места, изборниот модел, начинот на гласањето…

На 13 април ќе се одржи првиот круг од претседателските избори, кои се спроведуваат според мнозинскиот модел, а државата е една изборна единица (член 4 од Изборниот законик). За да биде избран во првата рунда од гласањето, претседателскиот кандидат мора да добие гласови од најмалку половина од регистрираните гласачи плус еден глас (член 81 од Уставот). Ако се знае дека бројот на избирачите е околу од 1.787.000 (избирачкиот список сѐ уште не е заклучен) , апсолутно мнизинство би значело речиси 900.000 гласови, што е недостижна бројка за кандидатот да може да биде избран во првиот круг. Така што, извесно е дека ќе има втор круг од изборите, во кој влегуваат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови. За претседател е избран кандидатот кој ќе освои мнозинство гласови во вториот круг, доколку на гласање излегле повеќе од 40 проценти од избирачите регистрирани во ЕИС.

Вториот круг од претседателските избори треба да се одржи на 27 април за кога се закажани и вонредните парламентарните избори, кои се спроведуваат според пропорционалниот модел во шест изборни единици во државата, од каде се избираат по 20 пратеници. И во три изборни единици во странство – Европа и Африка (7), Северна и Јужна Америка (8) и во Азија и Австралија (9), кои даваат по еден пратенички мандат, според мнозинскиот модел на гласање.

Изборна кампања

Изборната кампања за првиот круг од претседателските избори, ќе започне на 24 март и ќе трае до 11 април. Кампањата за парламетнарните избори, наместо на 7 ќе започне на 5 априли ќе трае до 27 април. Но, ќе биде прекината на 12 и 13 април поради изборниот молк за претседателските избори. Избирачките места се отвораат во седум часот, а гласањето ќе трае до 19 часот, кога ќе заврши и изборниот молк.

Она што е важно за медиумите е да внимаваат на тоа дека Законот (член 75-б) „ги забранува сите облици на медиумско претставување“ на учесниците во изборната кампања за време на изборниот молк.

Исто така, според член 77 од Законот, медиумите треба да водат сметка дека резултати од испитувања на јавното мислење спроведени на самиот ден на изборите „не смеат да се објавуваат пред 19,00 часот, односно пред затворањето на избирачките места.“

Медиумите треба да знаат и дека поради преклопувањето на термините за двојните избори, во Роковникот што го утврди ДИК за парламентарните избори, се прецизира дека резултати од анкети за парламентарните избори „не смеат да се објавуваат и за време на молкот за првиот круг “ од претседателските избори на 12 и 13 април.

Изборниот закон содржи јасни правила за однесувањето на медиумите за време на целиот изборниот процес. За тоа какви се обврските и со какви санкции може да се соочат медиумите има и едукативен напис на страниците на Сервисот за проверка на факти од медиумите.

Избирачки список, нови избирачки места

Додека во првиот изборен круг ќе има само еден избирачки список, на кој треба да се потпишат граѓаните пред да гласаат, на изјаснувањето на 27 април ќе има два списока – еден за парламентарните и еден за претседателските избори.

На овие избори бројот на избирачките места ќе се зголеми за 504, па наместо 2.976, колку што имаше на минатите изборни циклуси, во април ќе се гласа на 3.480 избирачки места. Ваквото зголемување на бројот на гласачките места се должи на измените на Изборниот законик (членот 165), со кои се предвидува бројот на избирачи кои гласаат на едно избирачко место да не може да биде поголем од 1.000. На изборите ќе гласа и дијаспората, за неа се предвидени дополнителни 47 избирачки места и таа гласа еден ден пред одржувањето на изборите во Македонија, односно на 12 април и на 26 април. Тогаш ќе гласаат и раселените лица, болните, припадниците на АРМ, а и лицата кои се во казнено-поправните установи.

Како се гласа

Гласањето се врши лично. Избирачот се идентификува со биометриска лична карта или со биометриски пасош, а потоа се потпишува во Избирачкиот список и добива гласачко ливче. За првпат на овие избори, со видливо мастило му се обележува палецот на десната рака (член 108-а). Избирачот гласа со заокружување на редниот број пред подносителот на листата, односно редниот број пред кандидатот и гласачкото ливче преклопено го става во кутијата за гласање.

На 13 април едно, на 27 април две ливчиња

На 13 април, кога треба да се одржи првиот круг од претседателските избори, граѓаните ќе гласаат на едно гласачко ливче. Додека, на 27 април ќе добијат по две ливчиња – едно со кандидатите за претседател и кандидатска листа за пратеници во Собранието. По желба на гласачите, Законот дозволува тие да гласаат само на парламентарните или само на претседателските избори. Но, избирачите кои гласале само на едниот тип избори, не може повторно да се вратат и да гласаат за другиот тип.

Покомплексна процедура - Искуства

Самата процедура на гласање на 27 април ќе биде посложена, но тоа не се случува првпат. Во 1994 година се гласаше истовремено за претседател на државата (вториот мандат на претседателот Киро Глигоров) и за пратеници во Собранието . А во 2009 година кога се одржаа претседателски и локани избори процедурата беше уште покомплексна. Тогаш граѓаните добија по три гласачки ливчиња – едно за претседател, едно за градоначалник и едно за советничка листа. Скопјани, пак, гласаа на пет ливчиња, зашто покрај за градоначалник и советници на нивната општина, тие гласаа и за градоначалник и за советници за Скопје.

Инаку, Македонија не е исклучок кога е во прашање организирање на повеќе видови избори во еден ден. Така, на пример, во Србија во мај 2012 година се одржаа претседателски, парламетарни, покраински и локални избори, а во октомври 2011 година во Бугарија се одржаа претседателски и локaлни избори.

Информирани гласачи

Искуството покажува дека за да помине сѐ во најдобар ред, потребни се добро едуцирани избирачки одбори и информирани гласачи, како за техничкиот дел од изборите така и за политичката понуда. Тука повторно доаѓа до израз улогата на медиумите. Одговорниот пристап подразбира дека на гласачите ќе им ги презентираат различните политички концепти, но без да го наметнуваат сопствениот став. Граѓаните имаат право да бидат информирани и за тоа кои се надлежностите на парламентот (член 68 од Уставот) и кои механизми му стојат на располагање да ја контролира извршната власт и да не биде сервилен кон Владата. Како и за тоа какви ингеренции има претседателот на државата.

Надлежности на Собранието и на Претседaтелот

Собранието е носител на законодавната власт и како што е наведено во член 68 од Уставот, меѓу другото:

„го донесува и изменува Уставот; донесува закони; го донесува Буџетот ; одлучува за војна и мир; донесува одлука за менување на границата на Републиката; избира Влада ; избира судии на Уставниот суд; врши политичка контрола и надзор над Владата …“

Во член 87 од Уставот е дефинирано и дека постапка за утврдување на одговорност на претседателот на Републиката покренува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Иако политичкиот систем во Македонија е таков што лостовите на моќта ги влече Владата, а надлежностите на шефот на државата се лимитирани, сепак, пртеседателот и со тие ингеренции што ги има, може со својот интегритет и авторитет да влијае за постигнување на национално единство и да биде важен фактор за релаксирање на односите меѓу власта и опозицијата.

Имено, според Уставот (член 84), претседателот го определува мандатот за состав на Владата, ги поставува и отповикува амбасадорите, предлага двајца судии на Уставниот суд , двајца членови на Судскиот совет, како и гувернерот на Народната банка. Исто така, тој има можност да не потпише указ за прогласување на закон и да го врати на повторно разгледување. Претседателот е и Врховен командант на вооружените сили, го поставува и разрешува началникот на Генералштабот на Армијата, именува тројца од членовите на Советот за безбедност и претседава со Советот.

Сепак, колку претседателот ќе ги искористи овие инструменти што му стојат на располагање во голема мера зависи од политичкиот профил на личноста која што ќе биде избрана за оваа функција.

Професорката Мирјана Најчевска во анализата насловена „Претседателски избори: што за нив дознавме, а што не дознавме од медиумите“, ги повика медиумите: „активно да се вклучат во градењето на демократијата и да понудат суштински параметри за избор на претседател кој ќе овозможи изградба на демократијата“.

Одговорни медиуми

Според перцепцијата во дел од политичката и експертската јавност двојните избори во април може да значат историска пресвртница за иднината на земјата. Гледано од тој аспект, новинарите мора да бидат свесни дека написи скроени во поданички манир и ставени во функција на пропагандни цели, како и тенденциозни текстови во кои се спинува вистината и се покажува дури отворен анимозитет кон една или друга партија, може значително да ја искриват сликата што им се сервира на граѓаните и во крајна линија да влијаат врз исходот од изборите.

Затоа, медиумите треба да се придржуваат до базичните новинарски стандарди кои подразбираат обезбедување дистанца од политичките субјекти и чување на угледот на професијата. Исто така, треба да ги почитуваат и назнаките во Прирачникот за етиката во новинарството, каде е прецизно наведено дека: „првата обврска на новинарите е вистината и дека новинарот мора да биде свесен за последиците и ефектите од неговите зборови“.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слика: Gabriel Grun