Превидот на Делчев

20.03.2014 04:04
Превидот на Делчев

Гоце Делчев секако е една од најзначајните личности во историјата на нашиот народ, Апостол, како што го нарекуваат, на македонската револуционерна борба за самостојна држава на македонскиот народ. Како идеолог на борбата за национално ослободување на нашиот народ и денес се цитираат неговите искажувања и мислења за начинот и патиштата за постигнување на таа цел. Една од многу цитираните мисли на Делчев е онаа дека светот го разбира како поле за културен натпревар меѓу народите. Тоа е мисла искажана не како визионерска, туку пред сѐ како емоционална. Неговата прерана смрт го спречила да ги види и доживее некои од воените катаклизми во 20 век, за да види дека неговата мисла е далеку од тоа што си го претставувал за светот во кој би сакал да живее. Целиот 20 век беше исполнет со војни, балканските војни, двете светски војни, кои се забележани како најголеми кланици на народите учесници во овие војни. Потоа, после овие масовни кланици следуваа локалните војни, корејската, виетнамската, како и израелско-арапските и други помали локални судири, кои однесоа милионски жртви. Сѐ имаше, само најмалку културен натпревар меѓу народите.

Гоцевата идеја за национално ослободување на македонскиот народ останала да живее и да биде цел на следните генерации македонски револуционери.


После предавството од страна на ВМРО во 20-тите години на идејата за самостојна Македонија, оваа мисла се вгнезди кај младите пролетери и студенти Македонци, кои и покрај жестоката денационализаторска политика на Кралството Југославија спрема Македонците, живееја со таа идеја и упорно работеа на нејзина реализација.

Погоден момент беше повикот на Комунистичката партија за борба против окупаторите кои ја окупираа Македонија. Тоа беше истовремено сврстување во редовите на антихитлеровската коалиција за борба против фашизмот, а истовремено и за национално ослободување. Четиригодишната борба против фашистичките окупатори резултираше со ослободување на Македонија и на заседанието на АСНОМ на 2 август 1944 со конституирање на првата држава на Македонскиот народ. Тоа беше остварување на вековниот сон на многу генерации и борци за национална слобода на нашиот народ. Ослободувањето на Македонија од фашистичките окупатори е дело на самиот македонски народ, кој на својата територија создаде ослободителна војска, без никака директна помош однадвор, со голем број жртви, повеќе од 20.000, и многу страдања на целиот народ.

По осамостојувањето на Македонија, по распадот на Југословенската федерација, државата наместо да го продолжи својот прогрес и развој и да се вклучи рамноправно во семејството на развиените европски земји, таа за сите години на самостојност назадува и сѐ уште по повеќе од 20 години не може да ги постигне параметрите во општествениот и економски развој кои ги имала во 1989 година, пред распадот на заедничката држава. Денес, во „жална Македонија“, како што ја нарекува професорот Ѓ. Марјановиќ, на нашето поле, кое во однос на светските полиња претставува едно помало селско гумно, има некултурен натпревар меѓу народите. Нема објаснување за една земја, која со огромни жртви низ историјата дошла до својата независност и самостојност, меѓу луѓето да има толкаво нетрпение, пизма, разединетост и поделеност по сите линии на живеење. Секој што ќе се пројави со свое мислење или став различен од официјално прокламираниот, кој прераснува во догма, е прогласен за предавник и остро жигосан. Малку треба да биде ставен и на клада.

Новата „Гоцева раса“, која проблемите ги гледа „од тераса“ упорно се труди да создаде нова историја, со беспримерно негирање, омаловажување и непочитување на тоа што го создале претходните генерации. А претходните генерации, по цена и на своите животи во народно-ослободителната борба, ја издејствувале слободата на македонскиот народ, ја создале првата македонска држава, ги удриле темелите на општествениот и економски развој и ги создале првите национални културни и научни институции. Жална е сликата која се гледа денес на истркалани бисти и девастирани спомен обележја на тие кои ги положиле своите животи за слободна Македонија, Страшо, Мирче, Орце, Питу и многу други борци и херои. Исто така, жална е и сликата кога на многу национални институции им се всадуваат нови содржини кои немаат ништо заедничко со историјата и традициите на нашиот народ. Градителското наследство се обезвреднува со лепењето на некакви корупки на фасадите, само со цел да се покрие создаденото и од еден модерен град Скопје се претвора во некое чудовиште, град на „реплики на репликите“. По плоштадите се изнаредија „гигантски“ споменици на многу контроверзни личности од македонската историја. Долг е списокот на злоделата кои се прават кон историјата и културата на нашиот народ.

Затоа, сето ова е далеку од мислата на Делчев за културниот натпревар меѓу народите. Ние на тоа поле сега настапуваме со својата некултура.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото