Алгоритамот на ДПМНЕ

20.03.2014 12:16
Алгоритамот на ДПМНЕ

Подолго време не се занимавам со политичките состојби во нашата земја, не ја третирам стриктно политиката, од мое лично убедување дека политиката кај нас е мртва. Антиполитиката ја имам третирано безброј пати, до степен да сфатам дека понекогаш и самото критикување на истата води кон нејзино егзалтирање.

Но, пред овие двојни избори, за кои одамна предупредував, чувствувам обврска да го искажам моето мислење или, поточно, некоја си моја перцепција, страв или предвидување.

Ќе употребам еден поинаков аспект и контекст за да објаснам зошто мислам дека овие избори се однапред математички детерминирани и дека токму во отсуство на политика, не очекувам поголеми изненадувања.

Нобеловецот Кенет Ероу одамна има изработено теорема преку која ја докажува невозможноста на демократијата и неизбежноста на диктатурата. Но, тука станува повеќе збор за применување на математичките логики и модели од аспект на изборни системи, предвидување и формирање на преференции, мерење на консензусот. Јас тука нема да навлегувам во парадоксите на демократијата и нејзините апликации или импликации со математиката и логиката. Сакам нешто друго да кажам, дека додека математиката и демократијата не се баш компатибилни, апликацијата на математиката во авторитарни режими е далеку пореална и е практично спроведлива работа.

Размислете малку и веднаш ќе ви стане јасно. Функционирањето на ДПМНЕ во суштина е едно големо злоупотребување на математиката, на бројките, а со тоа е и извртување на логиката. Научниот пристап во манипулирањето на електоратот, преку негово манијакално следење и набљудување, во формите на влијание надвор од стравот и притисоците, кај ДПМНЕ секогаш бил математички. ДПМНЕ отсекогаш биле опседнати да доминираат со бројките. Тие ја создадоа праксата на континуирано бомбардирање со сондажи, кои од инструмент за мерење на консензусот, се претворија во инструмент за креирање на консензусот. Сите тие прецизно наброени програмски ветувања, потоа преточени во уште попрецизни отчети на реализираното, се само уште една потврда дека бројките треба да се употребуваат како инструмент за перење на мозокот. А, потоа, и како основа за спроведување на одреден терор, притисок и контрола. Притоа, токму затоа што математиката е сепак егзактна наука, а тоа е нешто што на ДПМНЕ никогаш не му одело во прилог, партијата на власт секогаш имала и морала да има хегемонија врз големите броеви. Затоа и ден денес немаме попис, затоа и понатаму немаме информации за најголем дел од институциите и за нивното трошење. Така, бројките и веселата математика станаа домен на владејачката партија, а секоја друга бројка, било тоа од независна анкета, било тоа мерило за нивниот криминал, е лажна, погрешна и треба да се земе со резерва.

Сепак, едно е што ДПМНЕ прави со бројките и математиката како пи-ар инструмент или како инструмент за перење мозоци, сосема друго е што прави со математиката за внатрешна употреба и како инструмент на теророт.

Ако за публиката се користи весела математика, тоа што се користи за функционирање на ДПМНЕ е прецизен, научен метод кој потоа служи во остварувањето на тоталитарните цели.

Нема кому не му е познат системот на наметнување на списоци врз администрацијата или на пошироката гласачка машинерија на ДПМНЕ. Сите дознаа дека власта редовно, злоупотребувајќи ги личните податоци, си креира партиски списоци преку кои ги следи, а потоа и влијае врз гласачките преференци. Друга форма е креирањето на политики според бројноста на одредени категории, а не според интересите и потребите на целата држава и популација. Тука ви се познати сите популистички политики, на субвенции кон земјоделците, социјални пакети за пензионерите, неоправдани и непродуктивни зголемувања на платите на административците. Манипулирањето со изборниот список и неговото непрочистување, внесувањето на гласачи од Пустец, исто така се форми на манипулирање со бројките во насока на изборен инженеринг. Конечно, ако власта е доволно тоталитарна и има доволно силна контрола врз податоците, тоа потоа се преточува во можноста да се дејствува на индивидуално ниво. Познато е дека бинарниот систем на ДПМНЕ, составен од единици и од нули, им дава прецизна слика за сите нивни гласачи, неопределени, како и за гласачите на опозицијата. Дури дознаваме дека не само што тоа му претходи на изборниот процес, туку и самиот избор ден кај ДПМНЕ е прецизно и математички детерминиран. На изборниот ден се знае колку луѓе, во кое време, организирано треба да се однесат на гласање, да се забележи целиот процес, тие податоци да се испроцесираат, за потоа, зависно од потребите и од изборните места, што преку носење на гласачи, што преку изборни манипулации и нерегуларности, да се влијае на изборниот резултат.

Вакви примери можеме да набројуваме до утре, поентата ми е да го доловам чувството дека режимот функционира како еден вид на алгоритам или како серија на алгоритми, на автоматизирани процедури кои повеќе не зависат ниту од самите луѓе кои ги имаат поставено. ДПМНЕ функционира како еден вид на политички Гугл. Сите наши потреби, преференци, ставови и мислења се складираат, се елаборираат, а потоа и се злоупотребуваат за политичките цели и интереси на режимот. Сето она што ние го гледаме како готов продукт на политичка акција, политички слоган, политика на страв и притисоци, на купување гласови или на цели категории, претходно е детерминирано токму од алгоритмите на ДПМНЕ и нивната речиси тотална первезивност во нашата интима, нашите права и слободи.

Гледате, во тој процес не постои никаква транспарентност, напротив, граѓаните на Македонија се третираат како обична стока, при што власта одлучува што ќе ѝ понуди, даде или пак ќе ѝ одземе, сѐ со цел да ги исполни сопствените тесни интереси. Од политичко-технолошки аспект, власта создавајќи еден вид на „алгоритам на моќта“ успева не само да ги знае сите наши податоци и преференци, туку и истите да ги манипулира во политички цели, до степен на промена на нашиот идентитет, нашата историја, нашите ставови и мислења, сѐ до изборните преференци. Така, власта влезе во мозокот на Македонецот, го присвои неговиот менталитет и го излече најлошото од него. На истиот начин, власта знае речиси сѐ за секоја индивидуа засебно, што треба да направи, каде да казни, кого да нападне и да го маргинализира, кого да купи или да го награди, кого да придобие, кого или кои групи да ги дискриминира. Сето ова е дел или уште поточно, е предуслов за изборната машина на ДПМНЕ, нешто што е далеку од расклопено, и што кај мене го потврдува стравот дека секои избори во услови на ваков режим, се однапред математички детерминирани.

Се разбира, јас не сум наивен да мислам дека политиката е чиста математика и аритметика. Ми текнува на зборовите на големиот економист Алфред Маршал кој исмејувајќи ги своите колеги што постојано се потпирале на математиката ќе каже: „Користи ја математиката како скала по која се качуваш, потоа фрли ја и почни да зборуваш убав англиски!“ Уште помалку пак мислам дека во политиката или за самите избори важи секогаш правилото дека 2+2=4, но, во услови на режим, контекстот во кој ја сместувам изборната машинерија на ДПМНЕ, мене ми изгледа мошне реално и функционално. Токму свесен за она што Кејнз го нарекува „животински дух“ или Шилер го именува како „нерационално изобилство“, кога зборуваат за политичко-општествените процеси, мислам дека кај нашата власт за сѐ она што е животинско и навидум нерационално, претходи една мошна рационална, калкулантска, речиси автоматизирана процедура.

Постои уште еден многу важен аспект кој го начнав на самиот почеток и кој досега треба да е евидентен. Тоа е дека во нашиот случај, математиката на режимот е неминовно во судир со демократијата. Од квалитативен аспект, луѓето се претворени во обична бројка, без лик, без достоинство, без човечки и граѓански права. Наспроти нив, стои режимот кој е персонифициран во Груевски, кој е ЕДЕН, додека сите други граѓани се НУЛА. Граѓаните имаат вредност единствено квантитативно, односно, само во случајот кога треба да го изберат тој ЕДЕН. Потоа, пак стануваат обична НУЛА.

Гледате, демократијата е спротивна на тоталитарната мистика на тој ЕДЕН. Луѓето не се апстрактни броеви или квантитет, некаков си недетерминиран Х, духови без лик, без потреби и права, туку се реални личности, конкретни, со нивните желби и потреби, пред сѐ за правда и достоинство. Во демократско општество, наспроти тоталитарното „Reductio ad Unum“, доминира плуралноста и плурализмот, владее поделбата на моќта, постојат тежи и противтежи. Конечно, во демократија не постои некој да е „Primus super pares“, затоа што сите треба да сме „pares“, сите еднакви пред законот. Во демократија ниту еден граѓанин не е еквивалент на НУЛА, сите сме еднакви, никој не е семоќен.

Сево ова треба да ни послужи како еден вид на индикатор што ќе се случува на следните избори. Груевски бара повторно бројка, бара 62 пратеника, апсолутно мнозинство. Искрено, не верувам дека ќе го добие, но од сѐ што претходно наведов, поради самата режимска машина, ќе добие солидно мнозинство. Фактот дека овој пат имаме двојни избори, со пауза од две недели помеѓу првиот круг на претседателските и вториот круг заедно со предвремени парламентарни, е само причина повеќе да стравуваме од режимската машина. Легитимно е прашањето дали нешто може да ја анулира оваа монструозна изборна машина, која работи во континуитет, не само за време на избори?!

Искрено, се сомневам. Ако нешто е забележливо, тоа е ноншалантноста на власта пред овие избори, нејзиното видливо „незамарање“, комотност, ако така можам да ја наречам. Нема никаков нов момент, немаат ниту нов претседателски кандидат, видливо е дека наместо на подигнување на политичката тензија, работат на нејзино умртвување, полагаат огромни надежи во апатијата и помиреноста на граѓаните. Власта најмногу стравува од неопределените, и затоа ја држи топката ниско. Со време се посвети на својата економска димензија, се нафати со приказната за инвестиции и за инфраструктура, ги подмири и ги поткупи стечајците, војниците, полицајците, да не зборувам за останатите поткупени категории. Последните неколку месеци работи на прецизни таргети, купува гласачи, ги зајакнува позициите онаму каде очекува или мисли дека резултатите не се задоволувачки. И покрај сета глума, тензијата со ДУИ е само уште еден аспект на машината, која пред очите на јавноста треба да ја засили патриотската и националистичка димензија на Груевски, а на самите избори, да се претвори во поддршка за владиниот кандидат. Да не заборавиме дека овој пат во игра е и ДПА на Тачи, кој од тивок, се претвори во отворен коалициски партнер на ДПМНЕ.

Очекувам дека во последните 20 дена од изборната кампања ќе притиснат на педалата за гас, дека машината ќе работи под полна пареа, а изборите ќе ги добијат токму затоа што таа машина ја имаат, и затоа што се етаблиран режим. Претседателскиот кандидат на опозицијата, Стево Пендаровски, е единствената варијабила која може да ги измеша картите. Но, сам по себе, не верувам дека и еден неоспорно квалитетен и одлично прифатен кандидат може да ја победи машината.

Недостасува тоа што се нарекува опозициски ентузијазам, недостасува вистинска борба и емоција, единственото нешто што може да ја расклопи таа утилитаристичка и бескомпромисна режимска машина.

Слики: Свирачиња