Магијата како праизвор на поезијата

21.03.2014 19:45
Магијата како праизвор на поезијата

Секое свртување кон генезата на поезијата води неизбежно кон соочување со магијата - сфатена не само како обредна практика туку, пред сѐ, како еден систем на мислење и чувствување на светот. Магијата, заедно со митот, влегува во духовната основа на првобитната заедница и, со другите елементи, ја создава оската потребна за нејзиното ориентирање во времето и просторот. Магиската формула - инкантацијата - е, можеби и пред митската приказна, еден од основните облици на зборовната креација. Всушност, во мугрите на човековото осознавање постоел период - кој траел милениуми - кога магијата и поезијата биле едно исто.

Верувајќи во магијата, во нејзината моќ, човекот од најраните времиња го бранел својот интегритет пред агресивноста на светот. За Фројд „магијата е средство со кое нарцисизмот без граници се бранел од очигледната реалност“. За Малиновски „функцијата на магијата е да го ритуализира човековиот оптимизам“. И двата автора сакаат со ова да речат дека низ магијата човекот си припишувал нешто што го немал - моќ врз надворешниот свет, во вид на ефикасна и спасоносна илузија. Светот е еден зол хаос, но јас ги знам постапките и зборовите кои можат да го смират, да го средат и да го постават во моја служба - тоа е основната формула на магискиот ментален систем. Низ магиската практика човекот ги пресвртува силите на непријателскиот свет во своја корист; место да се повлекува исплашен пред нив, тој со нив заповеда. Поради тоа Андре Бретон вели дека во магијата постои една прометејска димензија која е создадена „од протест и од револт“.

Магиското чувство на шаманот ќе го креира - без, притоа, да го имитира! - тајниот јазик на природата. Вражалецот и бајачот ќе ја пренесуваат пораката упатена до невидливите сили во еден зборовен систем што во себе затворил скриена моќ. Внимателно чувана, стриктно определена, точно повторувана, зборовната формула на магијата ќе биде еден говор мошне различен од секојдневната употребна намена на јазикот. И поради тоа ќе биде, всушност, и прв поетски говор.

Магиското чувство за јазична практика поаѓа од митската претстава за првобитната енергија која во текот на секој вид постоење се троши, водејќи кон дегенерација и кон повторно враќање во хаосот. Секој збор што е премногу употребуван е и премногу испразнет од смисла, со ослабена сила; оттука - познатото е истрошено, непознатото - неистрошено. За врачот кој сака да влијае врз силите скриени во појавите и предметите, зборот со непознато, нејасно, недоволно определено значење е секогаш посилен од зборот што сите го знаат. Неразбирливоста е фасцинантна поради тајните сили што ги крие во себе. Поради тоа, како што велат Ибер и Мос, „магијата зборувала санскрит во Индија во која веќе бил пракрит; египетски и хебрејски во грчкиот свет; грчки во латинскиот свет; и латински во современата Европа“.

Дамнешниот вражалец верува дека постои невидлива но нераскинлива врска меѓу оригиналот и симулакрумот, меѓу предметот и зборот кој го означува тој предмет. Зборот во сфаќањето на врачот поседува енергија која може да го повика присуството на предметот.

Во египетската „Книга на мртвите“, која дава упатства како душата по смртта да ги мине искушенијата што ја чекаат, на умрениот му се откриваат имињата на чудовиштата кои ги чуваат портите што треба да се поминат: да се знае името на демонот значи да се има власт над него.

Воопшто, во магискиот ментален систем именувањето е воведување во постоење. Крштевањето на новороденчето е од секогаш еден магиски обред.

Магијата верува дека зборот - посебниот, не обичен збор - може да ја надмине разликата меѓу духот и материјата. Енергијата на зборот може да ги спои овие области, да го премости јазот меѓу присутноста и отсутноста, меѓу можното и неможното. Таа верува дека сѐ е можно и со тоа на обичното му го противставува исклучителното. Над ограниченоста на човековите моќи магијата ја крева неограниченоста на човековата имагинација.

Во процесот на десакрализација на светот, кој самиот си го наложил како единствено можен пат, човекот го скршил тоа огледало на својот дух кое се викало магија. Но, како што вели Жером-Антоан Рони: „Цивилизацијата ја растурила фикцијата на магијата само за да ја засили, во уметноста, магијата на фикцијата“.

Поезијата само навидум се одделила од магијата. Таа останува и денес обид енеријата на зборот да се искористи за подобрување на сликата на светот. Со помош на зборот поетот ги насочува своите моќи - но и моќите на читателот - кон промената на светот кој секојдневниот допир на нашите сетила со него, нашите навики, нашето искуство и нашето образование го претставуваат како непроменлив. Сите основни тенденции што постоеле во магијата постојат и денес во поезијата.

Ако магијата го сфаќа светот како поле на безбројни врски со кои сите нешта се поврзани и низ кои можат да струјат тековите на влијанијата, поезијата ја носи секогаш истата свест. Таа смета дека во светот владее принципот на универзална аналогија и дека поетот е токму оној што е повикан да ги насети и да ги открие тие тајни сродности и скриени привлечности. Не една дефиниција на поезијата инсистира токму врз верувањето во сеопшта поврзаност на нештата во универзумот и во можноста на комуникација на оддалечените реалности.

Ако магијата се служи со зборот во кој неразбирливоста треба да помогне да се дојде до праизворите на непресушната енергија на постоењето, поезијата го прави секогаш тој напор. Излегувајќи од просторот на обичната употреба на зборот, поезијата го создава својот говор кој е само нејзин. Впрочем, поетот секогаш ја покажува својата фасцинација со таквите зборови кои имаат моќ да се врежат со првобитна силина во читателовата способност за имагинирање на нештата. Љубовта кон фолклоризмите во македонската поезија, враќањето кон црковнословенскиот јазик и, во последно време, инсистирањето врз заумноста на поетскиот збор, се видливи траги на таквите напори. Во еден есеј Блаже Конески раскажува како во младоста го фасцинирал еден стих од песна што не го разбирал: „Сум го повторувал безброј пати тој стих и тој предизвикуваше во мене силно емоционално раздвижување. Тоа што не ги разбирав зборовите 'Едгар Поа' го засилуваше со магија на заумност тоа воздејство што сигурно беше важно за вклучување во духот на поезијата“.

За магијата на заумноста не останале нечувствителни големите поетски движења на епохата. „Зборовите пуштени на слобода“ на италијанскиот футуризам, „заумниот јазик“ на руските футуристи, „фонетските песни“ на дадаистите и „автоматските текстови“ на надреалистите се обиди да се пуштат сонди во слоевите каде што се крие неистрошената енергија на зборот, па макар и по цена на губење на еден дел од читателската публика на која ѝ беше важна површинската разбирливост на текстот.

Продолжувајќи ја линијата на набројувања на сличностите помеѓу магијата и поезијата, доаѓаме до верата во моќта на зборот. Магиската моќ над сите суштества и појави се базира врз верувањето во семоќта на духот кој е во состојба да ги надмине недостатоците на еден премногу несовршен. Поетската порака се базира, исто така, врз верувањето во ефикасноста и моќта на зборот. Именувајќи ги нештата, поетот создава нови односи меѓу предметите, ја менува нашата слика за нив и, конечно, го менува светот - барем во нашата претстава за него.

Голем број творци на модерната поезија ја чувствувале оваа врска. Од Бодлер, преку Маларме, до Јејтс, до Бретон, до Хлебников, поетите ја искажувале често својата увереност во тоа дека - како што вели Маларме - „меѓу старите магии и магијата што дејствува во поезијата постои тајна сродност“.

Некогашниот врач верувал дека именувајќи ги нештата ја наложува својата моќ врз нив. Денешниот поет би сакал да верува дека може да ја врати таа моќ и сонува за неа. Тој се стреми одново да ја најде првобитната силина која тлее во сите нешта на светот и верува дека таа силина може да се обнови со точно најдениот збор. Тој се обидува, со секоја песна, одново да се врати во муграта на светот кога предметите и зборовите секогаш сѐ уште биле заемно заменливи и ја поседувале енергијата на првичноста.

Генезата на поезијата е тука: во обидот низ зборот да се отклучат изворите што ќе му ја вратат свежината на светот.

Слики: Lauren Roche

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото