Крава

22.03.2014 10:48
Крава

Сакам да сум крава
а не ќерка на мајка ми.
Сакам да сум крава
и да не сум вљубена во тебе.
Да имам слобода да се чувствувам мирна.
Сакам да сум крава што не ја познава
онаа љубов во која „се вљубувам“;
кралска крава, со колкови крупни и здрави
како стоковна куќа,
крава што краварот ја молзи клекнат на колено,
што кога ќе умре ќе ја сети зората
наведната над неа за да ѝ ги навлажни усните.

Сакам да сум крава,
ништо посебно -
товар трева, ритче густо млеко,
чие безделничење, нишање и лигавење не е вознемирено
од ехото на копита што брзаат кон градот;
од чизмите што крцкаат;
од сомнителните приколки крај патот;
од безобѕирните сопственици на ресторани
станати од непроветрени кревети со закрвавени очи
во светот на јастози и топли телефони;
од сјајните јапонски товарни авиони
што ја мазнат ноќта,
тешки со сладок копнеж како чинии со слатко.

Тибетанците имаат 85 зборови за состојбите на свесноста.
Оваа задремана крава нема ниту еден.
Таа не зборува.
Не работи по дома и не се грижи за својот изглед.
Не скита.
Безбедна е во својата флота
кусовлакнести, бели, тркалезни пријателки,
тоа што ѝ треба, тоа што го сака и од што е сакана
е ова -
фармата на која сакам да сум крава.

Немој да ме бараш.
Не излегувај на силното сонце
за да ме бараш,
црна во твоите ракавици, чорапи, ракави
и големата шапка.
Не викај го трактористот.
Не викај ги комшиите.
Не прави овошен колач за кога ќе се вратам:
Не се враќам дома.
Ќе станам избројана крава во стадото на краварот.
Ќе станам крава
и ти нема да ме познаеш.

Превод: Благородна Богеска
Слика: Budi Satria Kwan

ОкоБоли главаВицФото