1025 hPa
77 %
14 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 08:59
Едвард Сноуден имаше неочекувано појавување на ТЕД конференција во Ванкувер, велејќи им на голем број присутни поддржувачи дека уште покрупни тајни на Националната служба за безбедност ќе бидат објавени во следните денови.
Американскиот „свиркач“ со азил во Руисја зборуваше во текот на вториот ден од конференцијата преку видео линк од, како што велат организаторите, „непозната локација“. Сноуден најави дека нови шокантни сознанија за размерите на американската шпионажа допрва ќе уследат.
„Нема сомнеж дека некои од најважните извештаи допрва следат“, изјави Сноуден само една недела по појавувањето на SXSW интернет конференцијата во Остин, Тексас. Тој ги повика интернет компаниите да постават SSL енкрипција како стандард за пребарување на интернетот. SSL се критпографски протоколи кои овозможуваат сигурна комуникација преку интернет за работи како што се интернет банкарството, електронската пошта, интернет факсот, инстант-пораките и останатите начини за пренос на податоци.
Ние сме луѓе кои го доживеале и живеат во време на слободен и отворен интернет, останува на нас да ја зачуваме таа слобода за да можат во неа да уживаат и следните генерации“, рече Сноуден.
Организаторот на конференцијата Крис Андерсон во текот на разговорот ги спореди ставовите на Сноуден со оние на Тим Бернерс-Ли, пронаоѓачот на интернетот, кој неодамна по повод 25-годишнината од светската мрежа повика на усвојување закон за „интернет права“. Бернерс-Ли беше лично присутен во Ванкувер на една од најголемите и најпознати технолошки конференции и кога излезе на сцената, Андерсон го праша дали мисли дека Сноуден е предавник или херој.
Бернерс-Ли рече: „Херој, ако морате да направите избор помеѓу тие две нешта“. Сноуден рече дека интернет правата не се само принципи, туку дека станува збор и за технологија.
„Верувам дека магна карта за интернетот е токму она што ни е потребно“, изјави Сноуден, мислејќи на првиот пишан документ во англиската историја и преседанот со кој е востановен принципот на човековите и граѓанските права во англосаксонската правна традиција (повелбата претставува своевиден договор помеѓу кралот и неговите благородници во кои на последниве им се гарантираат правата кои повеќе не можат да се ограничат на самоволието на владетелот).
„Ние треба да ги кодираме нашите вредности не само во пишана форма, туку и во структурата на интернетот“.
„Во демократските општества ширум светот, луѓето би требало да можат да ја кренат слушалката, да му се јават на семејството, да им испратат текстуални пораки на саканите, да патуваат со воз, да купат авионски билет без да се прашуваат како тие настани ќе бидат видени од страна на агентите на владата, можеби и од страна на влада која не е нивна“, нагласи Сноуден.
„Да му се довери на кој било владин орган целокупната човечка комуникација, без надзор, е преголемо искушение за да се игнорира.“
Бернерс-Ли му рече на Сноуден дека неговата надеж на 25-годишнината од глобалната мрежа е дека секојдневните корисници, кои обично не гледаат на интернетот од аспект на човековите права, ќе размислат за тоа каков интернет навистина сакаат. Тој го праша Сноуден за мислење кој е најдобриот начин за фунцконирање на интернетот.
„Кога размислуваме за тоа во смисла колку далеку можеме да одиме, мислам дека тоа прашање е ограничено само она што сме спремни да го направиме“, рече Сноуден. „Мислам дека интернетот во кој уживавме во минатото беше токму она што нам, не само како нација, туку и на луѓето ширум светот, ни беше потребно. Ако веб технолозите навистина можат да ги регрутираат повремените корисници на веб како сојузници, ќе добиеме не само интернет каков што имавме, туку подобар интернет.“
Најавите на Сноуден се совпаднаа со пишувањата на весникот Вашингтон Пост дека американската Агенција за национална безбедност создала систем за надзор кој може да ги снима сите телефонски повици во некој земја, а аналитичарите преслушуваат само „делче“ од 1% од разговорите.
Повикувајќи се на неименувани извори кои директно го познаваат системот, како и на документите кои ги обелодени поранешниот службеник на NSA Едвард Сноуден, Вашингтон Пост наведува дека посакуваниот глас можел да се пресретне со употреба на програмот Мистик кој почнал да се применува од 2009 година, заедно со програмот Ретро како алатка за примена.
Примената на оваа програма во 2011 достигнала најголема сила.
Системот за надзор на NSA кој е способен за снимање на „100% од телефонските разговори во одредена земја“ може да ги репродуцира гласовите од кој било повик без потреба лицето да биде идентификувано однапред поради надзор, а ниту еден друг програм, до сега, не можел да ја „проголта“ целата телефонска мрежа на една земја.
Секој месец на преработка и долгорочно складирање се упатувани „милиони говорни исечоци“ или „резови“, наведува Вашингтон Пост, без да објави детали кои би можеле да се искористат за идентификување на земјите во кои системот на надзор работел или каде било предвидено негово користење.
Во соопштението, портпаролот на NSA Кејтлин Хајден одби да ги коментира „конкретно наведените разузнувачки активности“ на Агенцијата, но наведе дека „нови или потенцијални закани често се скриени во некој голем и сложен систем на современите глобални комуникации“.
Извор: e-novine