1008 hPa
48 %
28 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 13:59
Кон крајот на минатата година, легендарниот биолог Џејмс Вотсон беше принуден да се пензионира. Тој е во поодминати години и во тој момент беше 40 години на чело на лабораторијата Cold Spring Harbor, но принудно замина од неа. Дел од неговите колеги, неброени психолози, Федерацијата на американските научници, телото на Стејт департментот надлежно за супервизија на генетските истражувања, колумнисти од Њујорк Тајмс... се согласија дека неговата теза дека Африканците се помалку интелигентни од белците – е расистичка и не е поткрепена со докази.
Засега, да го оставиме обвинувањето за расизам настрана. Дали критичарите на Вотсон се во право кога тврдат дека неговата изјава не е поткрепена со докази? Не се.
Со децении, тестовите за интелигенција мерат понизок коефициент на интелигенција кај Африканците отколку кај Европејците, но и кај Европејците во однос на Азијците. Економските и културолошките теории не успеаја да ја објаснат оваа матрица, а хипотезата дека таа е барем делумно генетски заснована добива сè посилна поткрепа.
Што покажуваат тестирањата?
Америка, од каде доаѓа Вотсон, претставува прекрасно окружување за тестирање на меѓурасните разлики во поглед на интелигенцијата. Различните етнички групи на територијата на САД, ако им веруваме на тестовите, имаат ваков распоред на просечниот коефициент на интелигенција: Американци со европско потекло - 103; Американци со азиско потекло – 106; американски Евреи – 116; Латиноамериканци – 89; Афроамериканци – 85.
Слична дистрибуција важи и на глобално ниво. Кога ќе се земат предвид мерењата правени ширум светот, се добива следната слика: белци – 100; жители од Источна Азија – 106; Африканци од супсахарската област – 70. Просечниот коефициент на интелигенција за Хонг Конг изнесува 113; за Јапонија – 110, Британија – 100. До исти резултати се доаѓа веќе еден век. (Една од компаративните метаанализи можете да ја преземете овде.)
За да нема забуна, цитираните податоци се просечни вредности од поединечни етнички групи. Вредноста на поединечен припадник на групата не може директно да се изведе од овие податоци. Покрај тоа, ако некој некогаш се обиде да суди за вашата интелигенција врз основа на етничката припадност, барем ќе бидете сигурни дека сте поинтелигентни од него.
Генетика на интелигенцијата
Генерално, не сме воодушевени од идејата дека интелигенцијата е генетски детерминирана. Од друга страна, студиите со еднојајчени близнаци и браќа и сестри кои потекнуваат од исти родители, но не се близнаци, покажуваат дека барем 50 проценти од варијациите на интелигенцијата се генетски условени.
Кон средината на деведесеттите години од минатиот век, Американското здружение на психолози оформи специјална работна група која се занимаваше токму со оваа тема. Според извештајот што го објавиле, овој процент би можел да биде и поголем.
Заради прецизност, во извештајот никаде не стои дека етничките разлики во коефициентот на интелигенција можат да се објаснат со генетскиот фактор, но анализата недвосмислено покажува дека најголемите разлики се појавуваат токму на оние тестови за интелигенција кои се конструирани така што пред сè ги мерат оние параметри на општата когнитивна способност за кои се знае дека се доминантно генетски определени.
Како гените можат да влијаат на интелигенцијата?
На поупатените во оваа тема ќе им се косата косата на главата, но еден од најкратките патишта би бил – големината на главата, односно черепот. Тоа асоцира на одамна дисквалификуваната френологија, но, во овој случај, идејата потекнува од сосема друго, далеку посериозно место. Заснована е на резултати од снимки направени со магнетна резонанца.
Во просек, американските деца со азиско потекло имаат поголем череп од сонародниците со европско потекло, а овие пак поголем од сонародниците со африканско потекло; споредбата во поглед на волуменот на мозокот останува иста и во зрелиот период и староста, што го потврдуваат post mortem мерењата. Податокот е особено воочлив кога ќе се земе предвид фактот дека општите телесни параметри имаат спротивен редослед.
Идејата дека, кога станува збор за интелигенцијата, големината е важна, не е нова. Биолозите, приматолозите и психолозите одамна се занимаваат со прашањето зошто човечкиот мозок е толку голем. Имено, ако човечкиот мозок се стави во пропорција со телото, па истото се направи и за другите примати, а потоа да се направи споредба, се доаѓа до податок дека човечкиот вид има диспропорционално голем мозок. Најголемиот дел од оваа диспропорција кај човекот се должи на многу развиениот неокортекс, дел од мозокот кој е одговорен за најважните когнитивни функции – оние кои се мерат со тестовите за интелигенција.
Научниците веќе ги идентификуваа гените кои влијаат на големината на мозокот и утврдија дека варираат од континент до континент. Дали тие директно влијаат на интелигенцијата и дали можат да ги објаснат меѓуетничките разлики кај коефициентот на интелигенција, засега е невозможно да се каже.
Постои генерален приговор на тестовите за интелигенција како такви, кој е невозможно да се заобиколи. Коефициентот на интелигенција е релативна вредност, во смисла дека тој е мерка за способност/адаптираност за живот во индустриски развиено општество. Психологот Роберт Стернберг тоа го објаснува сликовито на следниот начин: „Во заедниците на ловците-собирачи, коефициентот на интелигенција би бил важен, но ако ловецот не е прецизен, високиот коефициент на интелигенција нема да му ја донесе храната на маса“.
Аргументот на Стернберг ја напаѓа идејата дека интелигенцијата е значително генетски детерминирана. Меѓутоа, тој може да се толкува и како поддршка токму на таквото тврдење: ако природата селектирала различни гени во случајот на Африканците, Азијците и Европејците, причината би можела да биде тоа што различните гени одговараат на различни окружувања.
Всушност, би можело да се каже дека постои изобилство докази за таканаречената диференцијација на еволуцијата – идеја дека кај секоја популација постои баланс на карактеристиките кои, во зависност од условите, можат да бидат предност и пречка за опстанокот и прокреацијата.
Во споредба со белците, црнците побрзо созреваат пренатално; се раѓаат порано; порано добиваат заби; порано почнуваат да седат, да ползат, да одат и самостојно да се облекуваат; порано достигнуваат сексуална зрелост и имаат подобар вид. На секој од овие параметри, источноазијците доцнат во однос на белците и црнците, но затоа живеат подолго и имаат поголем мозок.
Нема конклузивен одговор на прашањето како се создале овие разлики, но и најжестоките критичари на таканаречената генетика на коефициентот на интелигенција се сложуваат дека различните окружувања можат да влијаат на развивањето различни способности. Во таа смисла, сосема е можно дека когнитивните способности биле клучни во некои окружувања, но помалку важни во некои други. На пример, таму се поважни добриот вид, подобрата подвижност, поголемата физичка издржливост.
Дали тестовите за интелигенција се расистички?
До која мера тезата за генетски детерминираните разлики во интелигенцијата – па уште во контекст на етницитетот – е запалива, можеби најдобро ја илустрира полемиката која се разгоре во академските кругови по објавувањето на трудот од почетокот на текстот (студија, реакција1, реакција2, реакција3, одговор на критиките).
Општа забелешка е дека тестовите за интелигенција се расно пристрасни, во смисла дека ја дефаворизираат популацијата со африканско потекло. Колку ваквата забелешка е силна и втемелена во голема мера зависи од аспектот.
Ако тргнеме од претпоставката дека децата со африканско и азиско потекло носат различни гени, селектирани за различни окружувања, тогаш забелешката за расизам е валидна. Тестовите за интелигенција се навистина конструирани така што повеќе се фокусираат на елементите на когнитивните способности во кои азиските деца имаат предност. Ако пак ги сфатиме тестовите за интелигенција како инструмент кој ја мери адаптираноста на животот во модерно окружување, карактеристично за индустриски развиените земји, а коефициентот на интелигенција како бројка која е израз на адаптираноста, тогаш не може да им се упати ниту една сериозна забелешка.
Набљудувано во границите на индустриски развиениот дел од светот, тестовите за интелигенција, односно нивниот резултат, одлично предвидуваат низа исходи на тестираниот поединец. На пример, тие се добар показател за училишниот успех, но и за низа лични и општествени параметри кои на прв поглед не мораат да бидат поврзани со интелигенцијата: луѓето со подобар коефициент на интелигенција полесно ќе го задржат работното место и ќе напредуваат професионално; помали се шансите дека ќе паднат во сиромаштија; помала е веројатноста дека дел од животот ќе поминат в затвор...
Меѓутоа, внимателните анализи на масовните тестирања покажуваат дека тестовите за интелигенција не ја фаворизираат секогаш мнозинската, „владејачка“ група: Во Малезија, на пример, на тестовите редовно подобри се покажуваат малцинските Кинези и Индијците; Афроамериканците, како малцинска група, во САД имаат подобри резултати отколку нивните врсници од земјите од каде потекнуваат, каде му припаѓаат на етничкото мнозинство.
Уште една генерална забелешка е дека самиот поим за расата е матен.
Од биолошки аспект (меѓу другото, иронијата сакаше да го знаеме тоа и благодарение на трудот на Вотсон за откривање на структурата на ДНК), нема премногу смисла да зборуваме за раси и нации. Постои само една – човечка раса. Меѓутоа, надвор од биолошкиот контекст, па и кога станува збор за интелигенцијата, поимот раса е многу згодна и плодна конструкт-хеуристика.
Од аспект на коефициентот на интелигенција, Американците со африканско потекло се сместуваат некаде помеѓу Африканците од матичниот континент, кои ги надминуваат според коефициентот, и Американците со европско потекло, во однос на кои заостануваат. Меѓутоа, нештата не се црно-бели. Афроамериканците од југот на САД се поблиски во поглед на резултатите од тестовите за интелигенција со Африканците, додека Афроамериканците од Источниот брег се поблиски до сонародниците со европско потекло отколку со Африканците. Едно од можните, но не и единствено толкување на ваквите резултати е следно: југот на САД се карактеризира со ниска стапка етнички и расно мешани бракови, па со самото тоа речиси и да нема мешање на африканските и европските гени; на Источниот брег, трендовите се поинакви.
Влијанието на факторите на средината на коефициентот на интелигенција
За да ја избегнат биологизацијата на интелигенцијата и генетскиот детерминизам психолозите долго биле наклонети кон следното објаснување: Црните деца имаат послаб резултат на тестовите за интелигенција затоа што, во просек, потекнуваат од окружување кое е интелектуално помалку поттикнувачко во однос на белите врсници. Меѓутоа, во последните години тоа објаснување е соочено со пречки кои тешко можат да се заобиколат. Имено, сè почестата практика на европските и американските двојки да посвојуваат деца од други континенти на истражувачите им овозможи во студиите за интелигенцијата да ги раздвојат генетските од културните и социоекономските фактори. Истражувањата спроведени во Америка покажуваат дека посвоените деца, по потекло од југоисточна Азија, според коефициентот на интелигенција во просек ги надминуваат своите бели врсници.
Меѓутоа, ниту ова не значи дека гените се сè. Децата од регионот на југоисточна Азија се посвојуваат на многу мала возраст, а првите систематски тестирања вообичаено се прават на училишна возраст и во тинејџерскиот период. Посвојувачите, пак, главно се семејства од повисоката средна класа кои по правило можат да им обезбедат когнитивно стимулативно окружување. Значи, срединскиот фактор не е изолиран целосно.
Важноста на примарната средина е детектирана и во неколку сериозни методолошки студии, фокусирани токму на децата со африканско потекло. Кога таквите деца посвоени на рана возраст ќе стигнат до интелектуално окружување кое е предизвикувачко, се намалува или исчезнува разликата помеѓу нивниот коефициент на интелигенција и коефициентот измерен кај нивните врсници со европско потекло.
Дали промената на средината може да влијае на нечиј коефициент на интелигенција и во кој период треба да се случи трансфер во интелектуално богата средина за да има позитивен ефект на интелектуалниот развој? Додека на другиот дел од прашањето може, помалку или повеќе, недвосмислено да се одговори здраворазумски – колку порано толку подобро, на неговиот прв дел нема јасен одговор. (Примери за спротивставени наоди можете да преземете тука и тука.
И гените и средината
Психолозите веќе сто години ја мерат интелигенцијата. Подеднакво долго трае и оспорувањето на тестовите за интелигенција, па и ставот со кој се согласуваат експертите кои не се во мал број – да, од тестовите имаме повеќе штета отколку корист. Кога ќе се собере и одземе сè, би можело да се каже дека науката, по сто години истражувачки напори, интуитивно ни го кажува она што веќе го знаеме: на коефициентот на интелигенција влијаат и гените и условите од средината.
Генетиката напредува со неверојатна брзина и на моменти ни изгледа дека, гледано од аспект на поединецот, апсолутно сме во рацете на гените и дека не можеме многу да направиме самите за себе/на себе. Тоа е и точно за некои анатомско-физиолошки карактеристики на човекот, но навистина не е случај со психолошките црти, па дури ни со оние кои директно произлегуваат од физиологијата.
Тоа одлично го илустрира наследното метаболичко нарушување фенилкетонурија. Во случајот на фенилкетонуријата, наследената генетска мутација доведува до недостаток на ензимот фенилаланин хидроксилаза кој ја метаболизира аминокиселината фенилаланин во тирозин. Заради недостаток од овој ензим, фенилаланинот не се разградува и се акумулира во крвта. Тоа, пак, ја спречува миелинизацијата на нервните ќелии. Како и аксоните – пукнатини преку кои невроните си пренесуваат пораки едни на други – миелинската обвивка во најголема мера се добива постнатално, кога бебе со ваква генетска мутација ќе почне да конзумира храна која содржи фенилаланин, неговиот мозок почнува да се развива абнормално. Крајниот исход е сериозна ментална ретардација; шестгодишно дете со фенилектонурија има коефициент на интелигенција 20. Меѓутоа, таквите сериозни последици можат да се избегнат релативно лесно – со едноставно приспособување на исхраната, т.е со исфрлање на намирниците кои содржат фенилаланин од исхраната на бебето.
Од друга страна, доењето претставува одличен пример за, понекогаш, „чудни“ интеракции на генетското и срединското.
Низа студии, направени во последните пет до десет години, покажуваат дека дури седум поени на тестот за интелигенција добиваме само со фактот дека сме биле доени од мајката. Не е познато зошто постои корелација помеѓу доењето и коефициентот на интелигенција, но станува збор за многу цврста и воочлива теза.
Според американската здравствена статистика, белите жени често ги дојат своите деца и подолго. Како и да е, дел од разликите кај коефициентот на интелигенција помеѓу децата со африканско и децата со европско потекло можат да се објаснат со доењето.
Меѓутоа, некои деца немаат услови за остварување на предностите што ги носи доењето, затоа што им недостасува клучниот ген. Според досегашните резултати на Меѓународниот ХапМап Проект, 2,2 проценти од кинеската и јапонската популација, по 5 проценти за Европејците и Американците со европско потекло и дури 10 проценти од Нигеријците го немаат овој ген. Кога ќе се погледне глобалната мапа за распоредот на вредноста на коефициентот на интелигенција, таа во голема мера се совпаѓа со податоците од ХапМап Проектот: децата со азиско потекло имаат највисок коефициент на интелигенција, следат Европејците, а потоа Африканците.
Коефициентот на интелигенција, расата, политиката
Што беше тоа што го протера Вотсон? Истото што, во 1976 откако ја објави Социобиологија, Едвард Вилсон за малку ќе го протерало од Харвард, а го изложило дури и на закани со смрт. Едноставно, тешко се согласуваме со идејата дека сме нееднакви од раѓање, и тоа според параметри кои сериозно влијаат на тоа каков живот ќе имаме можност да живееме.
Барем делумно, ова несогласување се создава заради незнаење. Хипотезата дека од расата може да се предвиди нечиј коефициент на интелигенција е само емпириска претпоставка. Тоа значи дека е можно таа да се тестира емпириски, да се верификува или да се отфрли. Дури и кога би била потврдена, не значи дека би требало да се претвори во расистички закон или практика.
Ниту академските кругови и полемиките во нивни рамки не се имуни на политиката. Размената на аргументи која се водеше по повод историјата на истражувањата на интелигенцијата во психологијата заврши со повеќе политички, отколку научни аргументи.
Коавторот на една од погорните студии, канадскиот психолог Филип Раштон, истовремено е и претседател на организацијата Pioneer Fund – фондација која е посветена на „научно изучување на наследните фактори за различноста меѓу луѓето“. За време на неговото управување со оваа организација, Фондот добил 70.000 долари од New Century Foundation. Расизам обвиткан во квази наука е најблиското што може да се каже за оваа фондација; на пример, ја издава публикацијата „American Renaissance“ која отворено пропагира сегрегација. Врската на професорот Раштон со фондацијата секако го доведува во прашање неговиот кредибилитет, но отворено е прашањето дали може неговата студија да се отфрли само врз основа на тоа, без научно заснована аргументација која би ја довела во прашање.
Извор: mindreadingsblog.wordpress.com