За модата, проституцијата, моралот и приликите во јавното здравство

24.03.2014 12:15
Филозофија на облекувањето

Филозофија на облекувањето

Со колку љубов и завист мислам на испосниците и на циниците! Нискоста да се располага со кој и да е предмет: оваа маса, овој кревет, овие партали… Облеката станува посредник меѓу нас и небитието. Погледнете си го телото во огледало: ќе сфатите дека сте смртници; прошетајте ги вашите прсти по вашите ребра како по некоја мандолина и ќе видите колку сте блиску до гробот. Затоа што сме облечени мислиме дека сме бесмртни: како да умреш кога носиш вратоврска? Трупот што се нагиздува заборава што е и , замислувајќи си ја вечноста, ја презема и нејзината илузија. Снагата го покрива скелетот, облеката ја покрива снагата: изговори на природата и на човекот, инстинктивни и конвенционални измами; еден господин не би можел да биде направен од кал или од прашина… Достоинството, чесноста, пристојноста – толку многу начини да се побегне пред непоправливото. И кога ќе си ставите шапка, кој би рекол дека сте биле во утробата на една жена или дека црвите обилно ќе се нахранат со вашата маснотија?

…Ете зошто ќе се ослободам од овие алишта и, фрлајќи ја маската на моите денови, ќе побегнам од времето во кое, заедно со другите, се изморувам да извршам предавство на самиот себе. Некогаш, пустиниците соблекуваа сè за да бидат самите тие: во пустината или на улица, уживајќи во нивната беда, доаѓаа до врвното богатство: беа како и мртвите…

Филозофија и проституција

Филозофот што ги напуштил системите и суеверијата, но сè уште истрајува по белосветските патишта, би требало да го имитира тротоарскиот пирхонизам во кој се покажува најнедогматското создание: проститутката. Откачена од сè и сешто и отворена кон секого, таа го прифаќа расположението и идеите на клиентот; си го променува гласот и ликот во секоја прилика; таа е секогаш спремна да биде тажна или весела, но останува рамнодушна; таа богато дели воздишки од комерцијални причини; фрлајќи еден смислен и лажен поглед врз насладувањето на искрениот сосед што е врз неа – таа му предлага на духот еден модел на однесување што ривализира со оној на мудреците. Да бидеш без убедување спрема луѓето и спрема самиот себе: ете тоа е високата поука на проституцијата, амбулантна академија на луцидност оставена на маргините на општеството како и филозофијата. „Сè што знам научив во школата на проститутките“ би требало да извикне мислителот што сè прифаќа и што сè одбива, кога следејќи им го примерот, се специјализирал во изморената насмевка, кога луѓето за него се само клиенти, а тротоарите на светот пазар каде тој си ја продава својата горчина, како што неговите другарки, проститутките, си го продаваат телото.

Теорија на добрината

Бидејќи за вас не постои последен критериум, неотповиклив принцип, и ниту бог, што ве спречува да ги извршите сите злосторства?

Откривам во мене исто толку зло колку и во секој друг, но, мразејќи ја акцијата – мајка на сите зла – не сум причина за страдање на никого. Безопасен, без алчност, и недоволно енергичен или непристоен за да им се спротивставам на другите, го оставам светот онака како што го најдов. Да се одмаздиш претпоставува да бидеш во секој момент систематски дух, континуитет што чини скапо, додека пак рамнодушноста на простувањето и на презирот на пријатен начин ги испразнува часовите. Сите поуки се опасност за добрината; само негрижата ја спасува. Избирајќи ја смиреноста на глупавиот и апатијата на ангелот, јас се исклучив од чинот и, бидејќи добрината е неспоива со животот, се распаднав за да бидам добар.

Демисија

Се случи во чекалната од една болница: една старица ми ги објаснуваше нејзините болки… Контроверзите меѓу луѓето, ураганите на историјата – ситници во нејзините очи: само нејзината болка господари во просторот и времето. „Не можам да јадам, не можам да спијам, се плашам, сигурно загноило“, велеше таа милувајќи си ја вилицата како судбината на светот да зависеше од неа. Ова претерано самовнимание на една гровната жена направи најпрвин да не можам да се определам меѓу ужасот и одвратноста; потоа ја напуштив болницата пред да ми дојде редот, решен засекогаш да се откажам од моите болки…

„Педесет и девет секунди од секоја моја минута – мислев одејќи по улиците – беа посветени на страдањето. Подобро ќе беше да бев камен! Срцето: извор на сите измачувања… Подобро да сум предмет… тежнеам кон благословувањето на материјата и непроѕирноста. Војвањето на една мува ми изгледа како апокалиптичен чин. Да излезеш од себе значи да направиш грев… Ветерот, лудило на воздухот! Музиката, лудило на тишината! Капитулирајќи пред животот, овој свет не повел сметка за ништожноста… Се откажувам од движењето и од моите сништа. Отсуство! Ќе бидеш единствената моја слава… Нека 'желбата' биде засекогаш избришана од речниците и од душите! Се повлекувам пред вртоглавата фарса на утрешниот ден. Дури и сè уште да имам некаква надеж, засекогаш ја изгубив способноста да се надевам.“

Извор: akindin.com
Слики: Елиза Бенет

Слични содржини

Теорија / Музика
Општество / Теорија

ОкоБоли главаВицФото