Македонците од сите институции најмногу ѝ веруваат на кафеаната

24.03.2014 16:47
Македонците од сите институции најмногу ѝ веруваат на кафеаната

Пробиштип, 24 март 2014

Кафеаната е национална институција која претрпела најмала ерозија во довербата и почитта меѓу македонските граѓани, покажува истражувањето на Институтот за мерење на довербата во Пробиштип.

Кафеаната е воедно и една од ретките установи која своето траење го мери со векови. На скалата на вредност и доверба убедливо го зазеде првото место пред полицијата и црквата. Истражувањето покажало дека не постојат други институции кои можат да се пофалат со традиција каква што има кафеаната и на која граѓаните ѝ даваат доверба во толкава мера.

На првото место кое го зазеде кафеаната секако има влијание и високиот степен на недоверба која населението во Македонија ја чувствува кон другите институции. За Собранието, кое трае во континуитет од 1991 година, незначително мал број луѓе имаат да кажат нешто позитивно во однос на кафеаната, што според резултатите од анкетата важи и за Владата.

Во однос на угостителската институција на кафеаната, граѓаните не гледаат добро ниту на правосудството, кое се гордее со традиција уште од времето на Јустинијан, или образованието, кое се повикува на Кирил и Методиј, ниту на политичките партии од кои голем дел влечат корени уште од античка Македонија. На списокот на установи од доверба со кафеаната не може да се мери ни МАНУ, како ни големите медиумски или издавачки куќи.

Истражувањето исто така покажува дека постојат малку организации кои можат да се пофалат со својата долготрајност, но и углед кај народот како што има кафеаната. На листата на доверба, покрај кафеаната, црквата и полицијата, повремено влегуваше и премиерот на државата, по некое министерство или тело, но без да се задржи подолго.

Довербата во кафеаната навистина е силна, но не е монолитна. Тоа го покажуваат резултатите од последните истражувања на јавното мислење, кои забележале дека неодамна таа за прв пат паднала под 90% од испитаните. За тоа и постојаните муштерии да почнат да гледаат со недоверба на кафеаната, влијаеја аферите кои го тресеа угостителскиот свет, почнувајќи од вештачките везени пиперки, кафеаните кои лажно се претставуваат како „стари“, но и лошиот јавен имиџ на одреден број келнери.

За истражувањето на јавното мислење за популарноста и довербата, во кафеаните не се загрижени многу. Велат дека тие анкети не им значат ништо на муштериите, но и дека на противниците на кафеаната таквите резултати не им даваат многу аргументи за напад.

„Односот кон кафеаната не може да се спореди со односот кон останатите институции во општеството. Кафеаната е установа која трае две илјади години и не е склона кон умилкување на јавноста ниту кон популизам. Од друга страна, важно е и на кој начин се формулира прашањето за довербата. Луѓето ја доживуваат кафеаната како национална и културна установа, која е и световно и духовно срце на македонскиот народ, и затоа граѓаните имаат висок степен на доверба во неа“, велат од кафеаната Литар Пејо.

Социологот Грозде Промилчев го објаснува ова со фактот дека претставата во врска со кафеаната и народот е длабоко вткаена во колективната свест на многу генерации наши граѓани.

„Овој култ се негува со милениуми и сосема е јасно дека кафеаната стана и своевидна духовна категорија“, објаснува Промилчев.

И историчарот Павле Бекриски истакнува дека народот верува дека кафеаната е тесно поврзана со идентитетот на државата и народот.

„Кафеаните се затворени места кои не се подложни на партиски комбинаторики, па често да ги менуваат ставовите. Довербата во кафеаната потекнува од уверувањето дека таа е носечки столб на единството на народот, темел на идентитетот и браник на загрозениот македонизам на едно посебно ниво на свеста“, објаснува Бекриски.

Тој додава дека и покрај големите поделби низ историјата, и понатаму кафеаната го претставува континуитетот на самобитноста на Македонецот низ антиката, средниот век, ренесансата, барокот, неокласицизмот и денешната славна македонска дражва.

„Таму каде што има Македонци, има и кафеана. Сури и ако ја снема државата, како последен бастион на одбраната на идентитетот стои кафеаната. Ако, не дај Боже, исчезне и кафеаната, тогаш на Македонците навистина им се заканува опасност од исчезнување“, заклучува историчарот Бекриски.

Извор: www.njuz.net