Човек го сфатил сериозно Ѓорге Иванов

25.03.2014 12:04
Човек го сфатил сериозно Ѓорге Иванов

Охрид, 25 март

Граѓани на Охрид тврдат дека на синоќешниот митинг на ДПМНЕ во овој град, со кој Ѓорге Иванов ја започна кампањата, забележале човек кој сериозно го сфатил сегашниот и потенцијално иден претседател на држвата.

Тие веднаш известиле повеќе медиуми, кои, како што кажуваат, грубо ги предупредиле да не се шегуваат и да не се обидуваат да им подметнат научно-фантастични вести. Откако направиле и втор обид да ги убедат медиумите во веродостојноста на својата приказна, добиле закана дека ќе биде повикана полиција, по што решиле да се обратат до редакцијата на Пара вести.

И покрај тоа што никој не верува во тоа што велат дека го виделе, Т.Р. А.Ј. и Љ.М. нѐ уверуваа дека забележале маж на возраст околу 40-тина години, кој со парталава облека, бос, без партиски обележја и без сендвич во рацете се расплакал во моментот кога Иванов ветил дека ќе биде претседател на сите граѓани.

„Не ни се веруваше дека навистина го видовме тоа! Почнавме да се удираме еден со друг, да ги удираме главите од тротоар и од бандера за да бидеме сигурни дека не сонуваме“, објаснува еден од сведоците.

Тој раскажува дека тие веднаш посетиле психијатар, кој откако ги прегледал констатирал дека сѐ е во ред со нив, освен тоа што не се членови на ВМРО-ДПМНЕ.

Неофицијално, дознаваме дека и самиот Ѓорге Иванов побарал лекарска помош, затоа што шокот и возбудата откако дознал дека постои човек што го сфаќа сериозно, едноставно биле пресилни. Бидејќи првичната доза шеќер и вода не помогнала, Иванов бил одведен во ургентниот центар во Скопје, каде му била укажана лекарска помош и наскоро бил пуштен.

Извори од владејачката ВМРО-ДПМНЕ кои сакаат да останат анонимни рекоа дека и самите се шокирани од појавата на човек што го сфаќа Иванов сериозно. На прашањето како тие гледаат на Иванов како на политичка фигура, тие само кратко одговорија:

„Абе... после сендвичот е друго...“