Гејови, стоп! Кинкстери, напред, марш!

25.03.2014 14:04
Гејови, стоп! Кинкстери, напред, марш!

Во 2013 година објавеното петто издание на Дијагностичко-статистичкиот прирачник за ментални нарушувања (DSM-5) на кинкстерите требаше да им го донесе она што хомосексуалците го добија во 1973 година, ревизија на тогаш важечкиот DSM-II: „нормализација“, односно формална потврда на експертите за ментално здравје дека со нив сè е во ред. Наместо тоа, Американската асоцијација на психијатри (APA) им порача дека ниту смрдат, ниту мирисаат, патем, покажувајќи им, по којзнае кој пат, дека не знаат да се носат со самонаметнатата задача за нормирање на човечката сексуалност.

Мазохизмот, фетишизмот, травестијата, трансвестизмот... не се веќе на листата ментални нарушувања, т.е сексуални девијации. Добра вест! Меѓутоа, DSM-5 содржи цела низа „сексуални парафилии“, листа на која штотуку елиминираните нарушувања се наоѓаат под малку поинакви називи: мазохистичко нарушување, трансвеститско нарушување... Разлика? За психијатарот да ви постави некоја од дијагнозите од одделот „сексуални парафилии“, неопходно е да сте „во конфликт“ со сопствената преферирана сексуална практика. Со други зборови, APA нема ништо против доколку својот партнер/партнерка го водите со ланец за куче, доколку доминирате над него или сте му потчинети, но само под услов тоа да не ви го нарушува мирниот сон. Накратко, среќните кинкстери се здрави, на несреќните им треба психијатар.

Љубителите на атипичниот секс веќе најмалку деценија и половина водат релативно тивка борба за сопствено преминување во „здравиот“ мејнстрим, и на тој пат не се без успех. Според анкетите од пред дваесет години, дури триесет проценти од возрасните можеле да посведочат дека барем еднаш во животот се впуштиле во некоја од сексуалните игри од репертоарот S&M (садизам и мазохизам); половина од нив известиле дека повремено практикувале кинки секс, додека максимално два проценти од зрелата популација некои од етикетите во акронимот BDSM (врзување, доминација, потчинување, садомазохизам) ги сметале за ознака на сопствениот идентитет. BDSM конвенциите, дури и во големите градови, успевале да соберат не повеќе од две илјади луѓе.

Наспроти наведеното, само минатата година, трилогијата Fifty Shades of Gray, еден вид литерарен каталог на фантазии за еротски мазохизам, е продадена во 65 милиони примероци; бројот на членови на социјалната мрежа околу која се групираат BDSM ентузијасти, LetLife, се зголемил двојно и достигнал два милиони; продажбата на BDSM литература и аксесоари доживеа експлозија, токму како и интернет пребарувањата на термини поврзани со кинки сексот; видливоста и прифатливоста на „перверзиите“ е зголемена до таа мера што на американските колеџи почнаа да никнуваат официјално признаени студентски организации кои примаат BDSM практиканти и ексклузивно се занимаваат со кинки тематика.

Што се случува? Дали кинки станува мејнстрим?

Кинкстерите за себе зборуваат како за сексуално малцинство, а за своите преференции како за сексуална ориентација. Политичкиот BDSM активизам е насочен кон зголемување на видливоста, легитимизација, прифаќање, валидација и нормализација на необичните сексуални практики и шареноликата популација под заштитниот акроним BDSM. Кинки активизмот до детали го копира LGBTQ движењето и судејќи според сè се соочува со реакција од стручната и пошироката јавност на каква своевремено наидувале гејовите.

За првпат, хомосексуалноста е препознаена како ментално нарушување со излегувањето на DSM-I, во 1952 година. За време на шеесеттите години од минатиот век, во стручните кругови, вклучувајќи ја и самата APA, се јавиле првите дисонантни тонови – сугестии дека хомосексуалноста нема што да бара во друштво со криминалните однесувања како педофилијата и фротеризмот. Сеедно, поминале уште две цели децении до укинувањето на хомосексуалноста од листата ментални болести, иако ниту тоа не е направено без одложување и преку ноќ.

Триумфалната елиминација на хомосексуалноста од пописот на менталните нарушувања во 1973 година останала во сенка на еден друг потег на APA: DSM-II истовремено бил „збогатен“ со дијагнозата нарушување на сексуалната ориентација, која, се разбира, се однесувала токму на сексуалната привлечност кон личности од сопствениот пол. И наредното издание од прирачникот, DSM-III, објавено 1980 година, ја третирало хомосексуалноста како ментално нарушување, повторно со нов, трет, назив: его-дистонична хомосексуалност. Принцип? Среќните хомосексуалци се во ред; оние кои тешко ја прифаќаат или не можат да ја прифатат сопствената сексуална природа страдаат од его-дистонична хомосексуалност. Сè на сè, хомосексуалноста потполно исчезнала од медицинските класификации дури во 1987 година, со објавувањето на ревидираната верзија на DSM-III (DSM-III-R).

Денес, слична судбина ги следи парафилиите.

Терминот парафилија му го должиме на американскиот сексолог Џон Мани, кој го сковал овој неологизам за со него да ги означи необичните сексуални интереси. Во психијатриската класификација е воведен преку DSM-III; пред тоа, хомосексуалноста, мазохизмот, фетишизмот, трансвестизмот и сличните појавни облици на атипични сексуални склоности и однесувања биле наведени во одделот „сексуални девијации“.

Со помали лексички измени, парафилиите, иако реферираат на доброволна сексуална практика на возрасните поединци, и денес се наоѓаат во друштво со криминалните однесувања, како што е педофилијата. Изговорот дека таквите дијагнози се применуваат само на личности кои се „во конфликт со својата сексуалност“ – не е валиден. Имено, не е спорно дека хомосексуалците, садомазохистите или трансвеститите можат да бидат несреќни, депресивни или анксиозни, но исто така не е спорно дека, во тој случај, меланхолијата, депресијата или анксиозноста – веќе категоризирани како ментални нарушувања – се проблеми кои се вредни за внимание од страна на експертите за ментално здравје. Меѓу другото, на личноста која не е задоволна со обликот или величината на својот нос, која заради тоа повремено или перманентно се чувствува несреќно или потиштено, не ѝ се поставува дијагнозата нарушување на перцепцијата за сопствениот нос.

Иако сексуалностите означени со LGBTQ не можат да се изедначуваат со склоностите и однесувањата покриени со акронимот BDSM (такво нешто не би било фер, имајќи ја предвид тежината на последиците кои ги сноселе и ги сносат хомосексуалците заради својата природа), сосема валидно е тоа дека и овие другите се жртви на неодговорна психијатриска практика. Имено, псхихијатриската дијагноза, дури и да се работи за наивен фетишизам, произведува реални животни последици. Понекогаш, тие можат да бидат такви што се појавуваат во улога на прекинувач за сериозна депресија или анксиозно нарушување. Парадоксално, сè што има да му каже up-to-date психијатријата на еден фетишист кој депресивно реагира на фактот дека носи дијагноза, но и на последиците кои произлегуваат од неа – е дека страда од фетишистичко нарушување. Магичен круг, зарем не?

„Неодговорноста“ дури би можела да биде премногу блага оценка за одлуката на креаторите на DSM одредени сексуални однесувања да се прогласат за потенцијални ментални нарушувања. Ни помалку, ни повеќе, одредени групи луѓе на тој начин се издвојуваат како единствени според тоа што се, во споредба со другите, априори понаклонети да страдаат од ментални нарушувања. Со други зборови, психијатријата во овој контекст и тоа како е одговорна за етикетирањето, стигматизацијата и потпирањето на арбиртарни социокултурни норми во проценката на (аб)нормалноста на одредено однесување.

Томас Сас можеби претеруваше прогласувајќи ја целата психијатриска нозологија за арбитрарна, невтемелена и со самото тоа ништовна, но без претерување може да се каже дека критериумите на АРА, кога зборува за сексуалните склоности со термините нормално-ненормално, здраво-болно, во најмала рака се сомнителни. Во основа, ги има четири:

Штетност. Во контекстот кој нè интересира овде, штетноста мора да биде универзална. На пример, зависноста од алкохол или хероин ќе го наруши физичкото и ментално здравје на секој што ќе ја развие. Кога станува збор за сексот, поточно, за одредени сексуални однесувања, прашањето за штетноста се разрешува на фундаментално субјективно ниво. Разговарајте со мазохист и ќе сфатите дека една иста практика може да биде синоним за хорор, но и извонредно еротско задоволство, како кому.

Лично страдање. За конфликтот со сопствената сексуалност или преференциите веќе зборувавме. Најмалку што би можела да направи АРА во поглед на парафилиите е да ја примени логиката со која се раководела кога ја тргнала хомосексуалноста од листата ментални нарушувања: личното страдање не е нужно субјективно, акултурно; со други зборови, не мора да биде симптом за нечија сексуална ориентација, туку последица на социјална стигма и ексклузија како директни последици на дадената ориентација.

Природност. Досега научивме дека сексуалната природа на единката може да биде во конфликт со принципот за природна селекција. Во други области на медицината, биолошката дисфункција – на пример, откажување на органот да извршува функција за која еволуирал – се смета за фундаментално обележје на болеста. Заради тоа, декласификацијата на АРА за хомосексуалноста беше, не само победа на LGBTQ заедницата, туку и ненамерно воспоставување преседан.

Додека, од една страна, непотребно е да се дискутира за тоа дали хетеросексуалноста е понадмоќна репродуктивна стратегија во споредба со хомосексуалноста, од друга, оној момент кога психијатријата одлучи да ја реконцептуализира хомосексуалноста како „нормален облик на човечка сексуалност“, терминот „нормално“, барем на теренот на човечката сексуалност, престана нужно да имплицира „биолошки адаптивно“. АРА ова го потврди и за време на составувањето на најновиот, важечки DSM-5, одбивајќи на листата ментални нарушувања да ги стави хиперсексуалноста (зависност од секс), хебефилијата (сексуална привлечност во однос на децата на пубертетска возраст, хебефилијата била замислена како еден вид „продолжеток“ на педофилијата, нарушување кое се дефинира како сексуална привлечност кон деца на предпубертетска возраст) и бијастофилијата (парафилија на силувањето; уживање во силувањето). Моралот настрана, сите наведени однесувања или преференции претставуваат поуспешни репродуктивни стратегии од ексклузивната хомосексуалност. Дали тоа ги прави „здрави“ и општествено попожелни/поприфатливи?

Доброволност/согласност/свесно согласување. Најпрвин, треба да се прави разлика помеѓу правната и психијатриската употреба на поимот „согласност“. Иако сексот со петнаесетгодишно девојче може да биде резултат на нејзино доброволно учество во сексуален чин, тој во повеќето земји и понатаму е нелегален, имајќи предвид дека девојчето е „под законски пропишаната старосна граница“ за да може да даде таква согласност. Психијатрите и клиничките психолози за доброволната согласност првенствено зборуваат во смисла на отсуство на принуда – без разлика дали е физичка или во вид на психолошка манипулација. Без разлика на тоа дека одредена практика од спектарот на S&M игрите може да изгледа екстремно, на возрасните учесници, априори, мора да им се признае способноста за расудување.

Токму како АРА, ниту кинкстерите не се без „гревови“ и валканици во целата приказна. Поаѓајќи од тоа дека LGBTQ движењето успешно ја избори битката која BDSM ентузијастите сега ја бијат, активистите трошат премногу драгоцено време и енергија на убедување, пред сè на пошироката јавност дека склоноста кон садомазохистичкиот секс не се разликува битно од нормализираните сексуални склоности кон истиот пол. Меѓутоа, изгледа дека BDSM претставува дистинктивна, автономна појава во однос на хомосексуалноста и трансродноста.

За почеток, се поставува прашањето дали BDSM е сексуална ориентација или животен стил. Во дебатата за медицинската судбина на припадниците на оваа популација тоа го воведоа самите кинкстери, игнорирајќи два факти: прво, хомосексуалноста не престана да биде ментално нарушување „само“ затоа што има статус на ориентација – трајна насока, перманентни матрици на сексуално возбудување; второ, аргументите на овој план баш и не им одат од рака. Имено, истражувањата покажуваат дека склоноста кон S&M сексот е далеку пофлексибилна и пофлуидна од сексуалната ориентација кон ист или спротивен пол, во смисла дека кинкстерите добар дел од времето практикуваат и вообичаен, ванила секс, како и дека понекогаш трајно отстапуваат од своите првобитни преференции. Од друга страна, за одредена сексуална склоност да биде ориентација, таа не мора да биде манифестна; на пример, можно е да се биде хетеросексуалец и никогаш да не се стапи во сексуален однос, така што можно е да се биде кинкстер, а да се практикува исклучиво типичен секс.

Освен тоа, адвокатите на BDSM заедницата често се обидуваат да ја убедат експертската јавност, како и јавноста воопшто, дека садомазохистичките сексуални игри се сосема безбедни. Интересно, при тоа се повикуваат на фактот дека „контролорите на безбедноста“ се неизбежно присутни во клубовите специјализирани за овој вид забава, со што всушност потврдуваат дека прашањето за безбедност постои. Тврдењето дека со институтот safe words се решава проблемот за пречекорување на насилството и загрозеноста за време на S&M „сцените“, исто така, не е од голема помош, имајќи предвид дека не постои обврска, туку договор дека таквите сигнали се почитуваат. Уште понеубедлива е аргументацијата која приближно вели дека падобранството, хајкингот, па дури и фудбалот не се ништо побезбедни од повеќето нешта кои спаѓаат во редовниот садо-мазо репертоар. Имајќи го предвид бројот на луѓе вклучени во адреналинските спортови, BDSM ентузијастите веројатно се во право, но забораваат дека некој кој свесно бара повреда или смрт не би му било дозволено да се занимава со падобранство или скајдајвинг. Од друга страна, цитираните истражувања покажуваат дека многу мал процент љубители на BDSM практикуваат нешто побезбедно врзување, играње со восок, спенкинг и софт камшикување.

Меѓутоа, во контекст на S&M практиката, прашањето за безбедноста се поставува и од еден друг агол: дали господар-роб, односно игрите за доминација/потчинување се имуни на експлоатација и каде е границата зад која љубопитноста и потрагата за сексуално задоволство прераснуваат во деградација и загрозување на интегритетот? Повторно, истражувањата сугерираат дека нештата не се чисти: повеќе од половина хетеросексуални мажи во S&M игрите имаат улога на доминантен партнер, додека безмалку 80 проценти од хетеросексуалните жени вклучени во BDSM исклучиво и многу почесто се наоѓаат во улога на субмисивни партнерки. На некој начин, мрачната вистина на секојдневниот свет преку S&M е пресликана на теренот на сексот. Ако никој сериозен денес не тврди дека жените свесно избират да ги извршуваат повеќето од неплатените работи, а дека во професионалната сфера се помалку платени од машките колеги, се поставува прашањето во која мера нивната субмисивна положба во BDSM практиките е работа на личен, свесен избор.

Тешко дека за наведените прашања постојат еднозначни одговори. Секако, постои можност доброволноста и согласноста на понижување да им бидат тешко разбирливи на аутсајдерите, но на директно вклучените во BDSM „екскурзиите“ тие им се потполно чисти и јасни. Сепак, непостоењето јасни одговори не може да биде оправдување одредени сексуални однесувања да бидат прогласени за потенцијални ментални нарушувања од страна на АРА. Во случајот на DSM, и на инсајдерите и на аутсајдерите им е повеќе од јасно дека психијатрискиот естаблишмент не е во состојба и не треба да нормира и да пресудува во прашањата за сексот.

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com