Во добата на профлувиумот

25.03.2014 13:47
Во добата на профлувиумот

ВМРО наликува на псевдоподите кај праорганизмите - тоа се лажни ноџиња, непостојани продолжетоци на протоплазмата, со неодредена форма; тие псевдоподи, лажните ноџиња, на праорганизмите им служат за движење и земање храна.

Да, се разбира дека метафорава ја подразбира Македонија како протоплазма, неиздиференцирана предполитичка каша. Да, се разбира дека метафората го лоцира македонското историско ниво на државотворност некаде кај протозоите или прокариотите („Македонците се примордијални; како и да свртиш тие се најстар народ на светот, а вмровците се протопласти - првите луѓе; Македонците, значи, драги деца, се протисти; протистите понатаму се делат на протозои и протофити... Еден ден од Македонците, можеби со примарен крик, настанале и приматите итн.“)

ВМРО од Македонија прави псевдорганизам, музеј на восочни фигури. Псевдоорганизми се, да потсетиме, природни или аноргански творби кои, со својата форма, потсетуваат на билки или животни, поради што порано биле сметани за скаменети остатоци од организми.

„Порано биле сметани...“ - а денес се псевдорганизми. (Дури и претседателот на Македонците е пупацо - марионета на постоље.) Сè во врска со ВМРО (особено со ДПМНЕ) влече накај псевдо, накај квази, накај лажно. Под ДПМНЕ имаме псевдодемократија, псевдоисторија, псевдоинтелигенција, псевдокласицизам („преродба и антиквизација“), дури и псевдомнезија (пореметено сеќавање), псевдопсија (измама на сетилото за вид), псевдоестезија (чувствување на ампутираното, феноменот на „фантомски уд“)... Светото име Македонија под ДПМНЕ стана - псевдоним. А за разбирање на македонската стварност најкорисна наука во мигов е - псевдологијата.

Ако некој е навреден од споредбите со едноклетночните организми можеби ќе го прифати Македонецот како ПРОТУР - мал примитивен инсект кој живее во земја, без очи, антени и крила?

Кога сме веќе кај ПРО, знаете ли што е проктоцела? Тоа е паднатост, истуреност на дебелото црево. Проктоцели можат да се наречат јуришниците на режимската пропаганда (уметниците на проп-артот), пропартистите (со пролапс на дебелото црево) кои зад себе оставаат импозантни кафеави флеки. (Владеењето на ДПМНЕ може да се спореди и со профлувиум - неприроден и обемен излив на течност од телото - слуз, крв, урина, гомна, сперма.)

Водачот на ДПМНЕ, пак, може да се спореди со просектор - сечач на леш, кој истовремено е владетел на нашава просектура-мртовечница. Интересно е што нашиот просектор истовремено е и препаратор - тој живото го претвора во спектакуларно неживо. „Хокус покус препарандус!“, вика препараторот и, стварно - псевдоподите мрдаат (барем храната исчезнува), лешевите се чистат и полнат, а статуите оживуваат (некои велат дека нашиот полнач на тела, згора на сè, страда и од агалматофилија - сексуална привлечност кон кипови, статуи, кукли и препарирани организми; други велат дека едно од имињата на нашиот преподобен просектор-препаратор е прион; прион, инаку, е тестерата за сечење на череп или бургијата за бушење глави; прион означува и протеинска заразна честица способна да се размножува без генетска трансформација; таа е најверојатниот причинител на болеста на лудите крави).

„Политиката исчезнува во оној момент кога ќе се поистовети со власта и кога граба за што повеќе да поседува“, вели Жак Рансиер. Таквото разбирање на политиката како предаторство упорно оневозможува Република Македонија да стане држава во модерна демократска смисла, т.е. систем на законодавство, политичко одлучување, судство и управување заснован врз еднаквоста пред законот и неутрален спрема посебните општествени и економски интереси. Во нашиот систем држењето на политичката власт е воспоставено како посебен интерес спротиставен на целото општество, а посебните интереси и политичката моќ неразделно се испреплетени. Сето тоа е прикриено со помош на „протоплазмата“ на митскиот национално-државен тоталитет.

И го имаме тоа што го имаме: просекторот-препаратор како неограничен владетел, заштитен со преторијанската гарда од проктоцели. Затоа еден ден, кога децата од почетокот на текстот (затечени во посета на Музејот на борбата на восочните фигури) ќе ги прашаат „Во кое време живеевте?“ тие ќе можат прецизно да одговорат: „Живеевме во добата на профлувиумот.“

Слики: Scott G Brooks; плус интервенција од Свирачиња 

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото