Почина актерката Мери Бошкова

26.03.2014 10:50
Почина актерката Мери Бошкова

Легендарната актерка Мери Бошкова, една од доајените на македонската актерска уметност, почина пред нејзиниот 90-ти роденден. Бошкова беше театарска, телевизиска и филмска актерка.

Мери Бошкова е родена во Битола на 2 мај 1924 година. Ја играла насловната улога во првиот македонски долгометражен игран филм „Фросина“ (1952) на режисерот Воја Нановиќ, како и во првата македонска филмска комедија „Мирно лето“ (1961), во режија на Димитрие Османли.

Добитничка е на најголемите признанија во нејзината богата актерска кариера: Стериината награда за ликот на мадам Дибоа („Еригон“ - од Јордан Плевнеш), како и голем број високи сојузни и републички признанија - награда на Владата на ФНРЈ, Владата на НРМ, наградите „11 октомври“ и „13 Ноември“, наградата за животно дело и др.

Со своите први настапи во родната Битола, го свртува вниманието на публиката и критиката. Таа е носител на главните ролји со кои се прославува и во Македонскиот народен театар во Скопје: Живка во „Госпоѓа Министерка“ од Бранислав Нушиќ, Дездемона од Вилијам Шекспир, Бароница Кастели во „Господа Глембаеви“ од Мирослав Крлежа, „Нора“ од Хенрик Ибзен.

Речиси една деценија живее и твори во Драмата на Народно позориште во Белград, каде се прославува со: „Коштана“ од Бора Станковиќ, „Тетовирана роза“ од Тенеси Вилијамс и др.

По враќањето во Скопје, носител е на главните ролји на македонската сцена сè до пензионирањето, но сепак не се повлече. Таа остана со својата животна улога на Живка министерка, со која се вбројува меѓу најдобрите улоги на југословенската сцена.

Освен на „даските што живот значат “, таа беше активна и во радио драма, ТВ драма, како и на филмскиот екран. Нејзина последна филмска актерска улога беше во филмот на „Агели на отпад“ на Димитрие Османли.

Мери Бошкова ќе биде погребана утре, на 27 март, Светскиот ден на театарот.

Извор: plusinfo.mk

ОкоБоли главаВицФото