Писателски лудории

27.03.2014 09:51
Писателски лудории

Денес, добив сериозно мини просветлување, благодарение на некакви разнопартиски химни што се пренесуваат во етерот, очигледно неосвестени за своите и себепонижувачки и општодеструктивни потенцијали. Имам потреба да образложам размислувања во врска со едно од спознанијата кои ги добив, а тоа е следново:

Јас имам директен ‘calling’ од некој Бог (не се претстави), со моите скромни потенцијали да стигнам до толкав писателски опус со кој некогаш и негде, барем малкуцка ќе придонесам да се поправи дисбалансот во Универзумот, предизвикан од творби кои припаѓаат на јарко обоени партиски писатели со книжевнички дипломи, награди и каталјон објавени книги, сите овозможени на екстремно сомнителен начин. Ретко кога во животот сум си дозволила да искритикувам нечија творба почитувајќи го сечиј обид за креативен израз, ама излезе дека и јас сум човек.

Зошто?

Со едното око гледам десетици млади писатели, поети и поетеси, чие творештво живурка по блогови, статуси, едвај едно книжулче во неколку години, и тоа избуткано со судни маки. Дел од нив не се по мој вкус, ни како личности ни како автори, ама објективно, според некакви општоприфатени литературни стандарди за квалитет или пак менливите критериуми на 'андерграунд' литературни текови, си имаат тежина.

Со другото око, она што ми оболува често поради разноразни егзогени фактори, гледам автори кои шетаат по фестивали, конференции, собири, манифестации, со своите педесет објавени дела во рок од неколку години, со витрини полни награди, плакети и признанија, со самодоверба рамна на онаа на древниот Александар, и со гордо обзнанети или едвај прикриени политички врски. Создаденото – празноглаво, површно и сосема достојно за употреба како принт за тоалетна хартија. И тоа, и според некои општоприфатени литературни стандарди за квалитет, а и моментални критериуми на какви било 'андерграунд' литературни текови (намерно ги назначувам и двата вида, за да ги издвојам од оние творби и автори кои носат нешто поинакво, можеби пооригинално од мејнстримот, па сѐ уште се борат со официјална прифатеност). Поддржувачи им се пред сѐ останатите членови од партијата, подмладокот од партија, тетки и братучетки, сексуални манијаци, по можност исто од партијата, залутани соученици од средношколски денови, по некој сомнителен книжевник. Последната авторка од овој тип која ја опсервирав, замислете, со промоцијата на последната книга имала дури и средства за промотивен материјал во вид на шолји за кафе и чоколадни бонбони со отпечатена насловна страна од делото. А во план ѝ се и маички.

Се прашувам, пред сѐ, колкав е контактот со реалноста кај овие личности? Сигурно е под нивото кое би се сметало за здраво. Не го мислам ова на злобен начин, воопшто. Го мислам во насока на нивните потенцијали. Секој човек ги има своите потенцијали и зони на остварен или пак можен развој. Еден човек со здрав контакт со себе и реалноста, би ја вложил својата енергија во тие области од своето делување. Еден човек со здрав контакт, а ужасна неспособност за флуиден говор и соодветна вербална експресија на емоции, би се откажал од ораторство или мотивационо говорништво, и можеби би станал одличен фотограф. Еколог. Фасцинантен физичар. Еден човек со здрав контакт а ужасна неспособност за поетско изразување, би се откажал од уметничко пишување наменето за јавноста и можеби би станал одличен филозоф. Просечно добар градинар. Генијален дизајнер на плочки.

Потоа, следното прашање ми е дали овие личности се свесни за пропаѓањето и минливоста на нивните напори? Да, ги имаат парите, врските, пријателчињата; ама забот на времето и критичката шлаканица на прогресивната мисла ќе ги претвори во најфин прав побрзо од што би сониле. Ако самиот немаш здрава доза на самокритичност и сознание за предностите и слабостите, има такви што имаат. Ти можеби не си свесен за надворешната референтна рамка, ама, таа си постои и кога ти ич не ја есапиш.

И третото мое реторичко прашање, во контекст на претходните, е дали овие личности мртви-сериозни имаат чувство на придонес кон личниот развој и добробитта на општеството? Оти личноста која складно се развива себеси во согласност со потенцијалите и интересите, и да е најомразена во моментот на делување, барем ќе чувствува самоисполнетост. Ќе чувствува дека придонесува со своето знаење и умеење, на кое било ниво: инспирираната мајка која цел живот сериозно ја интересирал нутриционизам, ќе воспитува физиолошки здрави деца кои не јадат препржен зејтин секој ден за ручек; посветениот доктор ќе има тенденција да ја подобрува својата пракса и ќе му значи секоја насмевка на пациент, ослободен од тегоби и третиран како човечко суштество.

Што ме води кон заклучокот.

Околината ни е преполна со пораки од типот на „Игнорирај го насилникот, не му додавај значење. Не реагирај на глупостите, така само ќе ги поддржиш.“

Мојот став е спротивен. Би рекла, осветли ги со уште повеќе дневна светлина јавните изблици на штета и патологија. Коментирај ги и сподели јасно и гласно, со избалансиран критички став. Не напаѓај за да понижиш, не клевети поради освета, не јади бурек оти нема да помогне за да си ги решиш личните фрустрации; ако си човек со интегритет и доблест, стори го тоа за културно да ги соочиш оние кои се очигледно отсечени од реалноста за себе и другите, со нивните слабости. Оти можеби така ќе се посветат на себеиспитување и некои свои предности, па ќе извадат ќар за себе. А дури поважно од тоа, ќе ја намалиш штетата која ја прават во јавниот етер и на колективно ниво. И, колку и да изгледаат понекогаш нештата мали и безопасни, и со ограничени ефекти, сосема се способни заедно, малку по малку, со здружени сили, да вградат нездрави, нехумани, превртени вредности и текови во животот што го делиме сите. На крајот, одговорноста е заедничка.

Кога на еден му фали милост за интелигенцијата, умот, чувствата, можностите, слободниот физички и ментален простор на другите, останува на другите да му помогнат да си ја создаде.

Скулптури на сликите: Дилан Шилдс

ОкоБоли главаВицФото