Ширак од Паљурци

27.03.2014 14:39
Ширак од Паљурци

Како што одамна предвидов, Ѓорге Иванов е катастрофално лошо решение за претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Зоран Ставрески, кого јас лично најмалку имам мотив да го протежирам (напротив, го тужам човекот, оти брутално ме наклевети), сепак ќе беше многу подобар избор. Ма што зборувам јас, секој ќе беше подобар претседателски кандидат од него!

Да се разбереме, немам ништо лично против професорот. Човекот може да биде одличен експерт за фенг шуи, за хиромантија и геомантија, за нумерологија, за метафизика и митологија и за други окултни дисциплини. Си има тој свои скриени таленти. Но, не може да биде политичар. Па како може да биде политичар некој што вели дека Жак Ширак бил претседател на Америка, како што лупна кај Јанко бурекџијата? А ја слушнавте ли онаа негова глупава приказна за средбата со Папуљас, кога му рекол „калиспера“? Не ве изеде ли туѓиот срам? Ве молам, кој сериозен ќе гласа за ваков претседател?

Гледам, на Груевски му е јасно дека направил огромна, можеби дури и фатална грешка со изборот на Иванов. Затоа и макотрпно се труди да надомести во претседателската кампања. А таа им тргна катастрофално лошо. Иванов е гостин на сцената, неговата ролја е помалку значајна од улогата на Калиопи или на Миле Кузмановски, на пример. Претседателските говори ги читаат Груевски и Гордана Јанкуловска. Ах да, да не го заборавам и Амди Бајрам, ѕвездата на митингот во Охрид.

Резил невиден! Јас навистина не знам како мислат вмровциве да ја спасат ситуацијата, бидејќи очигледно е дека нивниот пулен во кампањата секој ден буквално губи стотици и илјадници гласови. Се плашам дека работата е толку лоша што ќе го принуди ВМРО-ДПМНЕ на обид за директно фалсификување на изборите. Јас не гледам друг начин нашиов Ширак да победи.

Слика: Свирачиња
И
звор: Плусинфо