Инцест: Зошто љубовта меѓу роднини е лоша идеја?

28.03.2014 12:17
Инцест: Зошто љубовта меѓу сродници е лоша идеја?

Џули и Марк се брат и сестра. Патуваат во Франција на одмор. Двајцата се студенти и планираат таму да поминат дел од летниот распуст. Една ноќ, се затекнуваат сами, во колиба блиску до плажата. Разговараат за тоа дека би било интересно кога би се обиделе да водат љубов. Ако ништо друго, тоа би било ново искуство за двајцата. Одлучуваат тоа и да го направат.

Иако Џули користи контрацепција, се договараат и Марк да користи кондом; не штети дополнителна претпазливост. Двјацата уживаат, но донесуваат одлука никогаш повеќе да не го повторат тоа. Се заколнуваат дека овој настан ќе остане нивна тајна.

Има ли нешто погрешно/неморално во нивната одлука да водат љубов?

Оваа кратка приказна е дел од експериментална ситуација која влезе во аналите на социјалната психологија и втемели истражувачка програма во психологијата на моралот. Експериментаторот, професор по психологија на Универзитетот во Вирџинија, Џонатан Хејт, и без истражувањето знаел дека неговите испитаници ќе реагираат со „фуј“, „грозно“, „ужасно“... Првенствено го интересирале две нешта: Како размислуваат луѓето кога рационално ги бранат своите морални ставови и вредносни судови? Каква линија на резонирање ги води кон заклучок дека нешто е неморално, дека би требало да биде забрането и санкционирано.

Ако сте расположени, пред да продолжите со читање, направете листа со аргументи кои би ги употребиле за осуда на актерите од оваа приказна. Ќе видите дека не е нималку лесно.

Расудување од стомакот

Како што претпоставувал Хејт, огромен процент од испитаниците ја осудувале постапката на Џули и Марк. Меѓутоа, истражувањето го довело до интересно согледување: Испитаниците успевале да изнесат аргументи за својот став, единствено доколку занемареле одредени аспекти од приказната.

Субјектите како аргумент најчесто го наведувале ризикот од бременост и генетски дефектно потомство, занемарувајќи го податокот дека Џули користи контрацепција, а Марк кондом. Многу често се повикувале на можноста сексуалниот чин помеѓу братот и сестрата да ги наруши пошироките семејни односи, занемарувајќи го тоа што Џули и Марк се заколнале дека никому нема да зборуваат за тоа што се случило на патувањето.

Во ваквите експерименти Хејт им дозволувал на испитаниците да ги исцрпат аргументите. Ниту тој, ниту неговите соработници не изнесувале контрааргументација; единствено ги потсетувале субјектите на занемарените аспекти од проблемот.

Повеќето испитаници по некое време признавале дека не можат да смислат нов аргумент, но останувале на ставот дека Џули и Марк постапиле неморално. Тоа е она што психолозите го нарекуваат емоционално морално расудување или интуитивно морално заклучување; со други зборови, донесување вредносни судови без ангажирање когнитивни, рационални капацитети.

Инцестот не е единствен пример за необразложено морално резонирање. Тоа го правиме многу често, во ситуации кога нешто уште на почетокот го прогласуваме за бласфемично, скандалозно и слично. Ќе наведам три сценарија од експериментите на Хејт, а вие обидете се самите себеси рационално да си докажете дека актерите од трите ситуации кои следат постапиле неморално.

1. Жената е пред пролетна подготовка. Сака да се ослободи од непотребните работи. Некои ќе ги фрли в ѓубре, некои ќе ги подари на локална хуманитарна организација. Подготвувајќи се, наоѓа национално знаме на земјата што е нејзина татковина. Се прашува што ќе ѝ е. Го кине, претворајќи го во крпи кои ќе ги употреби за чистење на тоалетот.

2. Автомобил згазил куче пред портата на семејната куќа во која живеат неговите сопственици. Сопствениците го нашле безживотното тело на својот љубимец, го внеле во дворот и одлучиле од него да направат гулаш. Некаде прочитале дека постојат култури во кои месото од кучиња се користи во исхраната и дека е вкусно. Оброкот им годел.

3. Еден човек еднаш неделно оди во маркет и купува цело пиле. Пред да го подготви за јадење, изведува сексуален чин со мртвото пиле.

Ако размислувате како повеќето субјекти во психолошките експерименти, еден од аргументите што сте го употребиле против инцестот, како и проценувањето на моралниот статус на актерите во претходните три опишани ситуации, гласи приближно вака: “Тоа е потполно неприродно.“ Таквиот резон, во етиката е познат како натуралистичка грешка – посебен случај на логичка грешка на која се базира судот дека нешто е добро/пожелно/морално затоа што е природно, односно дека нешто е лошо/непожелно/неморално затоа што е неприродно. Еве зошто таквото судење е логички неодржливо.

Најпрвин, ако тргнеме од претпоставката дека човекот како таков е дел од природата, тогаш судот „неприродно е“ заборува за моралноста на некој човечки чин, исто колку и судот „неговата боја е сина“. Исто така, ќелиите на канцерогеното ткиво или вирусите кои предизвикуваат смртоносни инфекции се сосема природни појави. Меѓутоа, тоа не нè спречува да ги вложуваме сите расположливи ресурси за да ги уништиме или искорениме. Покрај тоа, ако во овие случаи не преземеме ништо тогаш тоа ќе го сметаме за неморално. Понатаму, како и да се однесуваме според културните норми и обичаи, ние во помала или поголема мера се однесуваме неприродно. На пример, што е природно во институцијата која се нарекува брак? Ништо; станува збор за општествен, па дури и правен договор. Кога двајца се разведуваат, тоа го прават пред суд. Накратко, не можете конзистентно да го браните аргументот „природното е морално/пожелно“ или контра-ставот дека се што е неприродно, воедно е неморално и непожелно.

Дали тоа значи дека психологијата морала да имплицира дека инцестот е во ред? Не, воопшто.

Когнитивните психолози првенствено ги интересираат процесите на размислување, заклучување и донесување одлуки. Кога станува збор за моралот, ги интересира како ги донесуваме и како ги браниме моралните судови. Фактот дека внимателно конструираните експерименти нè разоткриваат како не толку добри логичари, воопшто не значи дека нашите морални проценки, особено кога станува збор за вакви екстремни феномени, се неточни. Хејт, формулирал многу влијатенла теорија за моралните емоции, т.е за вродените интуиции кои, помалку или повеќе, нè водат до непогрешлив заклучок кога се во прашање ситуациите, околностите и појавите кои претставуваат закана за личниот опстанок или опстанокот на видот. Заради тоа што „доаѓаат од стомакот“, односно не бараат когнитивен ангажман, всушност подобро и ефикасно нè штитат од опасностите на кои би можеле да бидеме изложени доколку правилната одлука бара време за изведување на логички доказ, на пример.

Инцестот пред суд

Освен што повеќето луѓе го карактеризираат како неморален чин, повеќето законодавства од модерниот свет го третираат инцестот како кривично дело. Како што видовме, психолошките експерименти покажуваат дека луѓето не се во состојба рационално да образложат зошто го сметаат инцестот за неморален. Колку државите и судовите се поуспешни во образложување на инцестот како кривично дело?

Европскиот суд за човекови права во Стразбур, дел од својот углед го должи на фактот дека за време на донесување одлуки не мора да обрнува внимание на обичајното право и културните вредности и норми на поединечните земји чии граѓани пред него можат да ја тужат својата држава (ова право го имаат сите граѓани од земјите членки на Советот на Европа). Оваа година, судиите од Петтото одделение на Судот во Стразбур, кое е надлежно за случаите на повреда на правата на приватност и семеен живот, одлучувале во спор кој германскиот граѓанин Патрик Штибинг го повел против својата држава, тврдејќи дека му ги прекршила споменатите права. Едногласно донеле одлука дека Германија има право кривично да ги гони сторителите на инцест.

Патрик Штибинг е роден 1976 година во Лајпциг. Кога имал три години, властите го оттргнале од нездравото семејно окружување и го однеле во дом за незгрижени деца. Кога имал седум години, бил посвоен од страна на згрижувачко семејство. Кога имал десет години, згрижувачите го посвоиле. Во 2000 година, Штибинг повторно воспоставил контакт со своето биолошко семејство и дознал дека има сестра, во тоа време шеснаесетгодишничка. Во декември 2000 година, неговата мајка починала, а братот и сестрата почнале да се зближуваат. Наредниот месец го имале првиот сексуален однос, а во следните пет години добиле четири деца, по што Патрик се подложил на вазектомија. Нивната најмлада ќерка живее со мајката, сестрата на Патрик, С.К, додека за трите постари деца се грижат згрижувачки семејства.

Според германскиот кривичен закон, на сторителите на инцест им се заканува казна до две години затвор. Штибинг, пред тамошните судови, до 2005 година, неколкупати бил прогласуван за виновен. Редовно се жалел. Во 2008 година, неговиот случај се нашол пред највисоката судска инстанца во Германија – пред Уставниот суд – каде е прогласен за виновен и каде му е потврдена претходно утврдената казна од 14 мсесеци затвор. С.К не била гонета кривично, заради две причини: (1) во времето на стапување во инцестуозната врска била малолетна; (2) била лесно ментално заостаната.

Правниот резон

И Владата на Германија и Стразбур признале дека државата ги прекршила правата на приватност и семеен живот на Штибинг, но се повикале на правото на демократските држави да интервенираат во приватната сфера заради заштита на општите интереси. Во конкретниот случај, германската држава се повикала на правото да ги заштити вековните културни норми. Дали е токму така? Бах бил оженет со роднина со која бил во крвно сродство; фелдмаршалот Молтке, исто така. Во различни периоди, на различни меридијани, културните норми се менувале. Клеопатра, чив претпоставен имиџ и денес го копираат жените ширум светот, двапати се мажела за своите браќа, а според расположливите историски факти, нивните родители и самите биле брат и сестра.

И германските национални судови и Европскиот суд се повикале на правото и обврската да спречат штета која би можела да ѝ биде нанесена на семејната структура. Во некои случаи, тој аргумент е валиден, но во конкретниот не е. Семејството, како што го дефинираат европските законодавства, тука не ни постоело. Од психолошки аспект, не постоела ни таканаречена асиметрија на моќта или капацитет за емоционална уцена, што е случај кога во инцестуозна врска стапуваат мајка и син или татко и ќерка. Во тие случаи, судот има обврска да го заштити послабиот, но таквиот однос е казнив и според одредбите од законите кои ја криминализираат педофилијата. Сестрата на Патрик навистина не била полнолетна; меѓутоа, имала полни 16 години, што е европски стандард за доброволно стапување во сексуални односи.

Понатаму, судовите се повикувале на фактот дека инцестуозниот однос го зголемува ризикот од генетски дефектно потомство. На тоа не може да му се приговори. Родените брат и сестра делат половина од гените, што значајно ја зголемува можноста двајцата да носат иста, неповолна мутација, која можат да ја пренесат на своето потомство. Сепак, зошто оваа аргументација, која доаѓа од судот, е разнишана? Затоа што прокреацијата помеѓу блиски крвни сродници не е единствен случај за висок ризик на овој вид. Истото важи и за дете од глувонеми родители. И во случај кога слухот на нивното дете е нормален, тоа ќе прозбори значително подоцна од своите врсници и ќе заостанува зад нив во вербалните способности. Со самото тоа, ќе има послаб училишен успех, на пример. Освен тоа, секое ментално нарушување барем делумно е генетски условено. Сепак, ниту една модерна држава не спречува две личности со ментално нарушување да стапат во брак и да остварат потомство. Најпосле, ризикот од вродени дефекти, физички и ментални, расте со староста на родителите, особено мајките. Наспроти тоа, на законодавците не им паѓа на ум да определат горна старосна граница за бременост.

Неизедначената законодавна практика можеби и најдобро потврдува дека е тешко да се дојде до универзален принцп за правeн третман на инцестот. Додека мнозинството европски земји ги гонат сторителите на инцест, доколку станува збор за сродници од прв ред (родител-дете и деца од исти родители), Франција и Португалија го декриминализираа инцестот во кој доброволно стапуваат две полнолетни личности; ист е случајот и со Бразил и Јапонија. Некои држави од САД, пак, забрануваат и брак помеѓу блиски роднини (деца на родени браќа и сестри), но ниту во тие случаи прописите не се изедначени. Во одредени држави важи општа забрана, во други ваквиот брак е легален доколку партнерите се над одредената старосна граница (вообичаено се внимава жената веќе да не е во фертилна фаза од животот) или еден од партнерите да е неплоден, додека неколку држави ја укинале забраната од овој вид.

Зошто инцестот е универзално табу?

Постои многу краток одговор на ова прашање: идејата за сексуален однос со близок роднина во нас предизвикува фуј реакција. Меѓутоа, одговорот не е целосен. Бара одговор на прашањето како сме го развиле тој механизам, т.е од каде, судејќи според сè, ни е вродена аверзијата кон сексот со блиски роднини.

Генерално, во психологијата постојат две објаснувања. Според едното, условно речено фројдовско, инцестуозните нагони се составен дел од човекот, но тој не ги задоволува од две причини; најпрвин – потиснати се; друго – општеството и културата го обликуваат инцестот во табу. Идејата за потребата инцестот да се гони кривично барем делумно се базира на вакво, ќе се покаже, фундаментално дефектно сфаќање на инцестот и човечката природа воопшто. Имено, табуизацијата на инцестот е раширена до таа мера што е тешко да се објасни со социјално учење – со пренесување на културните вредности и норми од генерација на генерација. Освен тоа, инцестот е екстремно ретка појава и надвор од човечките општества. Генерално, многу е редок во животинскиот свет, а постојат сериозни докази дека и растенијата имаат анти-инцест механизми.

Другото објаснување, карактеристично за когнитивно-еволутивната парадигма, поаѓа од согледувањето дека инцестот отсекогаш и секаде бил изразено ретка појава и сугерира дека припадниците на човечкиот вид со еволуцијата се стекнале со биолошки заснован психолошки механизам за избегнување на инцестот.

Зошто? Што е толку лошо во врска со инцестот за да бидеме биолошки предиспонирани за да се држиме настрана од него?

Одговорот на ова прашање е мошне едноставен. Стапувањето во сексуален однос со мајката, таткото, родениот брат или сестра значително ги зголемува шансите дека детето кое ќе се роди ќе има тешки вродени аномалии.

Генетиката на инцестот

Истражувањето кое во литературата е познато како студија за чехословачките деца се зема како пример за еклатантен доказ дека инцестот претставува опасен генетски ризик за потомството.

Примерокот за студијата бил составен од 161 дете родено од инцестуозен однос на најблиски роднини. Дури за помалку од половината од нив може да се каже дека се родени здрави. Дури кај 42 проценти од овие деца веќе на раѓањето се детектирани сериозни дефекти, при што е забележана и висока стапка на смртност во детството. Дополнителни 11 проценти од децата од примерокот имале благи и средни ментални дефицити.

Она по што е позната оваа студија во литературата е единствената контролна група. Имено, ја сочинувале деца од исти мајки, но родени од однос со татковци со кои не биле генетски поврзани. Од 96 деца од контролната група, 7 проценти од нив имале вродени дефекти.

Група генетичари неодамна направиле ревизија на поголем број студии кои се занимавале со генетската цена на инцестот. Нивната метаанализа ги исфрлила следните резултати. Имено, додека кај децата родени од однос со роднини од втор ред, ризикот да се родат со дефект е зголемен за само 4 проценти, дури 40 проценти од децата чии родители се најблиски роднини (на пример, родена сестра и брат) се раѓаат со физички деформитети, тешки наследни аномалии и ментални дисфункции. Дополнителни 14 проценти од децата од оваа група страдаат од лесна до средна ментална ретардација. До слични податоци дошла и анализата која ја направиле група американски генетичари, занимавајќи се со генетските последици на браковите меѓу роднини.

Значи, имаме два добро документирани факти: (1) дека децата родени од инцестуозен однос од прв ред се под огромен ризик да страдаат од тешки вродени нарушувања или да умрат во раното детство и (2) дека инцестот претставува безмалку универзално табу. Ако ја прифатиме идејата дека инцестуозните желби се дел од нашата природа, а да не ги изразуваме само затоа што културата во која живееме ги направила табу или затоа што ни се заканува кривична одговорност, тоа, меѓу другото, би значело дека процесот на еволуција заради некакво чудо не успеал да креира механизам за заштита во однос на објективна закана за опстанокот и репродукцијата. Сметајќи дека такво нешто е малку веројатно, финскиот антрополог Едвард Вестермарк, во 1891 година ја формулирал теоријата за вродена аверзија кон општење со роднините.

Вродената одбивност кон инцестот

Теоријата на Вестермарк во современата психологија е позната под називот ефектот Вестермарк и, во модерната формулација, сугерира дека вродениот когнитивен механизам кој личи на „ако – тогаш“ е правило. Најпластично, тоа би гласело: „Ако некој е дел од твојата примарна средина, немој со него да стапуваш во сексуални односи“. Во практиката, доколку не стапувате во сексуални односи со личности кои се дел од вашето примарно окружување, голема е веројатноста дека ќе избегнете инцестуозни односи.

За разлика од фројдовската парадигма, вака формулираната теорија на Вестермарк е високо тестабилна. Од неа произлегува хипотезата дека сексуалните врски помеѓу личности кои израснале заедно ќе бидат ретки дури и ако тие не се во крвно сродство.

Различните културни практики им овозможиле на психолозите детално да тестираат дали ефектот Вестермарк навистина „работи“. Низа потврди доаѓаат од проучување на израелските кибуци – проширени заедници, комуни во кои децата на голем број двојки растат заедно. Децата одгледувани во ист кибуц многу често, стапуваат во цврсти, доживотни пријателства, но изразено ретко во романтични, сексуални или брачни врски, иако не ги поврзува крвно сродство.

Една од убедливите потврди на ефектот Вестермарк е и студијата на професорот од Стенфорд, Артур Волф, кој екстензивно го изучувал тајванскиот обичај sim-pua. Станува збор за специфичен вид малолетнички, договорен брак во кој стапуваат биолошки син и посвоена ќерка.

За да обезбедат жена и внуци, тајванските семејства (се разбира, не масовно) кои имаат син или синови, посвојуваат женско дете, со идеја подоцна да стапат во брак. Студијата на Волф од 1970 година покажува дека стапката на разводи на таквиот примерок бракови е трипати поголема од општата стапка на разводи, а дека таквите двојки имаат 40 проценти помалку потомци од националниот просек.

Двајца психолози од Универзитетот во Флорида, Дебра Либерман и Адам Смит, во списанието Current Directions in Psychological Science, неодамна објавија труд во кој изнесуваат детален опис на механизмите одговорни за ефектот Вестермарк.

Ефектот Вестермарк е одличен пример за интеракција на гените и окружувањето. „Не стапувај во сексуални односи со личностите со кои растеш“ е биолошки, дарвиновски алгоритам. За да се иницира, неопходни се соодветни влијанија од околината.

Либерман и Смит набројуваат низа ознаки кои децата кои растат заедно ги учат да ги толкуваат како порака: “Ова ти е близок крвен роднина, сексот меѓу вас е лоша идеја.“ Учењето, објаснуваат тие, се одвива дури и без вербални инструкции од страна на родителите или старателите. Така постарото дете ќе забележи дека мама го дои или го храни новороденото бебе, на пример. Помладото дете, пак, ќе забележи дека веќе постои некој во кој мама и тато инвестираат како да му се родители и нему. И едниот и другиот, и низа различни сигнали од средината кои ги анализираат Либерман и Смит, во помала или поголема мера спаѓаат во она што уште Вестермарк го нарекол пролонгирана корезиденција во раното детство. Недостатокот на заедничко детство, токму како што е случајот на Патрик Штибинг и неговата сестра СК, значително го зголемува ризикот од неадекватен однос на линијата брат-сестра.

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com