Муне Парталот

29.03.2014 11:51
Муне Парталот

Со ноќта преку Камениот мост
како авет се влече
стар пајтон - сиот искривен,
озгора крпен и малку згмечен.
Едното тркало налево бега,
другото надесно нешто гони.
Ги влече некое сиво коњче,
во вечен расчекор со нив.
Ни фенерот не може мирно да стои,
да замижи, да згасне,
се плаши и само се ведне,
да види коњот каде ќе згасне.
А возачот Парталот Муне
свиткан е надве, молчи,
и низ светлината слаба
го мамат неколку коњски очи.

Шумолат јасики над ниски тараби
на кафеаната „Пролет“.
Нагрнал свет, се точи пиво,
мириса месо од шишот голем...
Но, одеднаш - лом.
Ракоплескања,
викотници,
трешти музика,
врева...
И на малиот подиум полека
црвена завеса се крева,
се појавува кловнот со смешен нос
среде лицето тажно,
како воденичар да е,
целиот се извалкал од брашно,
му се придружуваат и две жени
во здолништа кратки и тесни...
И почнува претставата,
се кажуваат шеги,
се пеат песни...

Но само миг потоа и никој веќе
не гледа таму,
ни во црните чорапи на белите жени,
ни во смешниот кловн.
Ниту пак нивната игра некого плени.
Сите гледаат во пајтонот.
На него сѐ е светнато, блеска.
Исправен и горд седи Муне Парталот
и под мустаќ се смешка.
А коњите тупкаат,
некој невидлив пат како да гонат,
ги тегнат дизгините,
на вратот две низи парпорци им ѕвонат
и амовите со срма извезени
како да им се тесни...
Но претставата си тече,
се кажуваат шеги, се пеат песни...

Дрвореди, куќарки, ноќ.
Рамномерен топот на коњи и ѕвонца.
Плови пајтонот нагизден,
на него фенери како мали сонца.
Една улица во друга се влева,
никаде крај
никаде спирка,
само кикот некој,
само некоја глава од под ѓуркот ѕирка.
Му се радуваат на возењето,
друг таков пајтон не се наоѓа тука.

Го знае тоа и Муне Парталот,
па со камшикот весело пука.
И пак дрвореди, кафеани,
крената рампа над некоја пруга...
Сѐ е како некоја книга,
секоја страница личи една на друга.

Го замина Камениот мост и тропка,
како авет се влече
стар пајтон - сиот разнишан,
озгора крпен и малку згмечен.
Едното тркало налево бега,
другото надесно нешто гони.
Ги влече некое сиво коњче,
во вечен расчекор со нив.
Ни фенерот не може мирно да стои,
да замижи,
да згасне,
се плаши и само се ведне,
да види коњот каде ќе згасне.
И бела река светлина веќе
сенките една по една ги зема,
калдрмата ги покажува скршените заби...
Некого нема...

ОкоБоли главаВицФото