Фалшливата музика на Кремљ. Не за македонски Крим

29.03.2014 12:45
Фалшливата музика на Кремљ. Не за македонски Крим

Поради воената екскурзија во регионот и аншлусот на украинскиот полуостров, Русија завчера беше исфрлена од клубот Г-8 на најразвиените економии и демократии.

Москва е соочена со меѓународна изолација и покренати се санкции против триесетина високи чиновници, а Вашингтон е подготвен да ги прошири и кон стратегиските државни претпријатија по теркот на иранските. Кризата е сериозна и има опасност од разгорување на регионален воен конфликт. Што по ѓаволите се случува?

Та нели рускиот претседател Владимир Путин во многу прилики досега, уште од првата половина на изминатата деценија, порачуваше дека Русија е неоткинлив дел од Европа? Во текот на една инвеститорска конференција во Москва во 2010, тој укажа дека таа (Европа), би немала ништо без Достоевски или Толстој.

Метаморфозата на Путин траеше долго. Од искрен пријател на западните демократии, кога Џорџ Буш во Љубљана 2001 славно му погледна во очи и продре во неговата душа, до средината на деценијата, кога јавноста дозна за идеолошкиот феномен наречен „суверена демократија“. Но и потоа, по неговиот славен минхенски говор во 2007, кога првпат отворено ја искритикува американската глобална доминација, и кога во годините потоа се прероди во воинствен и параноиден, кога Путин стана познат мразач на западните „декадентни“ вредности.

Но, „путинизмот“ како таков (иако звучи помпезно, овој термин е само уште една одредница за отуѓеноста на државата од народот, исто како и терминот сталинизам или ленинизам-марксизам), е всушност рефлексија на политичко-социјалните превирања во земјата во текот на изминатите 14 години. Путинизам не е ништо друго туку апдејтиран термин што го објаснува вековниот раскол во руското социјално ткиво што трае уште од средновековието. Раскол за тоа кому Русија всушност припаѓа, на Европа или на Азија.

Таа општествена и политичка напрегнатост е всушност идеолошка борба помеѓу Атлантисти, или оние кои се за поблиски односи со Европа и САД, и Славјанофили, оние кои се противат на тоа и кои земјата судбински ја гледаат во некакава Евроазија.

Доколку е азиска, тогаш кон кого Русија треба да се приклони? Кон Кина? Или поблиску, кон деспотските земји на централна Азија? Доколку пак, географски, Русија е дел од Европа, прашањето не е дали таа треба или не треба, туку дали може да биде европска.

Се пишувало надолго и нашироко за посебноста на руската душа, за екстремностите врз кои почива природата и психологијата на Русите. Фјодор Тјутчев, поет и дипломат од 19 век, испеал:

Умом Россию не понять,
Аршином общим не измерить.
У ней особенная стать -
В Россию можно только верить.

Преведено на македонски би изгледало вака:

Умот Русија не ја дофаќа
Аршинот општ не ја премерува
Таа има особена сут -
Во Русија може само да се верува

Стихот на Тјутчев Умот Русија не ја дофаќа е клише доволно распространето помеѓу обичниот народ. Оттаму импулсивноста, скршнувањето од проевропскиот (цивилизациски?) курс, воената екскурзија на Крим и можната окупација на југоисточна Украина, се одлики и постапки на власта очекувано подржани од народот, иако никој не го прашал за тоа. Исто како што никој не го праша ниту за инвазијата на Чеченија на почетокот на изминатата деценија, или за војната со Грузија во 2008.

Овој социо-политички раскол во руското општество (Атлантисти vs Славјанофили) всушност доведе до неконтролиран изблик на агресија од страна на Москва, а тоа поттикна санкции и можна меѓународна изолација на земјата.

Во 1998 Бил Клинтон ја покани Русија во друштво на врвните државници и дипломати на Г-7 клубот. Истрошениот Борис Елцин тогаш со драго срце ја прифати поканата и клубот стана Г-8, иако земјата тогаш беше далеку од тоа да биде развиена економија и демократија. Клинтоновиот гест беше поттик за големите сили да помогнат да се изгради една нова Русија од хаосот на деведесеттите, и да се стави точка на непријателствата од епохата на Студената војна.

Во меѓувреме, наследникот на Елцин започна двојна игра. На Путин му годеше да седи на иста маса со главните фаци, додека Русија уживаше привилегирана положба во сите меѓународни спогодби и по сите западни форуми. Многу престолнини започнаа да ѝ се восхитуваат, и да ја сметаат за еден од главните играчи на глобалната сцена.

Но, се појави Путин 2.0, кој почна да тера посебен филм, да билда авторитарна држава со некаква суверена демократија и да создава Евроазиска унија. Си поигра со референдум за отцепување на териорија на суверена земја, кукајќи заради европскиот национализам, шовинизам и двојните стандарди. И сега сме таму кај што сме: во поривот да земе колку што може, Путин гази врз принципите на поствоена, Постдамска Европа. Многу западни воени и разузнувачки анализи покажуваат дека руската армија стационира сѐ повеќе војска, пешадиска машинерија и камуфлира опрема за снабдување на границата со Украина, подготвувајќи инвазија на земјата.

Постсоветската идеја поттикната од Клинтон за Русија како дел од западниот свет е мртва. Ресетирањето помеѓу Москва и Вашингтон не работи. Заврши една ера и започнува нова. Ера на замрзнати односи помеѓу Русија и Запад, што, според многумина, ќе трае најмалку до крајот на мандатот на американскиот претседател Барак Обама, а можеби и подолго.

Бидејќи, според зборовите на Мајкл Мекфол, досегашниот американски амбасадор во Москва, до кризата во Украина Обама беше многу повеќе проруски настроен од кој било друг американски политичар. Па и од неговите потенцијални наследници, како од таборот на демократите, така и од републиканците.

Македонскиот глас за поддршка на резолуцијата на Обединетите нации за територијалниот интегритет на Украина е во прилог на идејата дека ние треба да стоиме со цивилизираниот свет кој се стреми сите отворени прашања да се решаваат по мирен и дипломатски пат. Зарем Македонија сака да ѝ се случи некаков свој Крим? Секако не.

Досега, октетот на Г-8 горе-долу свиреше во прифатливо хармонични варијации. Но од неодамна виолината на Путин започна да свири навистина фалшливи ноти, и затоа беше отстранета. Фалшливата музика на Кремљ не само што пречи и е одбивна на меѓународната сцена, туку таа станува сѐ понепријатна и во Русија.

ОкоБоли главаВицФото