Го поддржувам Стево Пендаровски!

31.03.2014 09:00
Го поддржувам Стево Пендаровски!

Бидејќи, нели, главно пишував и сѐ уште пишувам за Глобус и текстовите ги праќав и сѐ уште ги праќам на Ѕвездан, секогаш нему му се жалам . „Ова е последен текст. Веќе сè кажав, толку.“ А тој уште на почетокот на ова мое патешествие преТскажа: „Те демантирам, ти сега веќе си зависна од пишување и нема бегање.“ Така денес кога следев нешто од кампањата за претседателски избори, пак добив импулс да пишувам. Во право е Ѕвездан, нема спас за мене. И новинарите сега ми се колеги, можеби и повеќе од сликарите.

Овој пат само накратко сакам да ја изразам мојата искрена поддршка на кандидатот Стево Пендаровски затоа што:

1. Стево Пендаровски е искрен, едноставен и чесен човек!

2. Само за неколку дена откако почна кампањата, ја крена енергијата и веќе стана симбол на Новото време во Македонија. Конечно, зрак светлина на хоризонтот!

3. Тој постои во сегашно време, тој е современа личност со јасна мисла и со разумно и бистро расудување.

4. Храбар човек. Не е лесно сам да се спротивставиш на сите тие напади кои шикнуваат од тимот на кампањата на сегашниот претседател и по втор пат кандидат.

5. Не тупи со саати за тоа што било и што ќе биде, туку зборува кратко и јасно, проникнува директно во сржта на нештата и концизно се произнесува како за негативните, така и за позитивните работи во државата.

6. Прв пат еден кандидат стои сам со својата вистина (на бината) без никакви најави со зурли и тапани и сам лице во лице се соочува со сите предизвици. Некои слоеви од нашата популација која веќе стана зависна од спектаклите се шокирани од овој негов настап. „ЗАРЕМ ТОА Е СЀ? Без забава, концерт и скечеви? Па тоа е толку празно, многу тивко, не е доволно!“ Но јас тврдам дека ова Празно е Полно, а тивкото вибрира со распрснувачка динамика. Два принципи - мирување и динамика - ја дефинираат индивидуата. Бидејќи во индивидуата има мирување во динамиката и динамично мирување. Тогаш велиме дека постои вертикала и хоризонтала во една личност, а во нивиот пресек е јадрото на интегритетот, едноставноста, искреноста и чистотата (за ова пишував во текстот „Зрело размислување“) Тоа јас го нарекувам капацитет.

7. Мене, пак, баш ми се допаѓа таков минималистички настап; нема непотребна реторика (реторика за замајување на масите), не го троши напразно ни своето ни нашето време, бидејќи е човек од акција. Празното зборување ( „јадење бурек“) изостанува тука, фала богу, и од почеток до крај има ред во мислата, која произлегува од проникнувачката моќ во согледувањето на реалноста на Македонија. Постои ред во целината - интегралниот систем кај него. Досадното долго брборење и самобендисано убедување на масите дека „ние сме најдобри, најубави и најпаметни“ а „тие“ се најзли, најгрди и најголеми непријатели на народот и државата“ и „предавници“ го нема во амбиентот на неговата кампања. Веќе на народот (освен во најтешките случаеви) му стана досадно тоа да го слуша, тоа па тоа, по не знам кој пат. Добива сипаници како во скечот на ДарМар.

8. Затоа интелигентната и напредна младина е со него.

9. Одличен а-налитичар е во повеќе области. Напластеното искуство како советник на два претседатели и аналитичар сега може конструктивно да го искористи и да го спроведе во дело како политичар на политичката арена.

10. Тој е со квалитети и вредности на нов профил на личност, личност која носи свежина пред сè и во политиката и во самата перцепција на политиката, бидејќи дистанцата кон граѓанинот ја избриша со едноставниот, присен однос, но не само декларативно. Бидејќи нема извештаченост. Тој е тоа што го (по)кажува на бината, нема маска, шминка за да му угоди и за да му се допадне на народот. Индивидуа, а не роботизиран пион, личност со име и презиме и со свој став, а не тап послушник на партијата, е новиот модел и формула кој допрва ќе се промовира пред овој народ опиен со многу приказни и замелушен од громогласните песни на зомби-естрадните уметници и смешно-гротескните „филмови“ на уметниците кои го изневериле идеалот за кој постои уметноста и ја замениле со идеологија. Ми станува јасно дека во Македонија постои многу малку ангажирана уметност, но затоа постојат многу „ангажирани“ уметници, пред сѐ естрадни. Да им простиме, кутрите, не знаат што прават.

11. Во него има сила каква што допрва треба да се разбуди во многу луѓе во Македонија од Третата страна. Третата бела страна треба да стане сила која ќе направи пресврт. Граѓанска преродба во вистинска смисла на зборот следува.

12. Едно е стварност, друго е фантазија, трето е илузија, четврто е желба, петто е апсурд, шесто е хаос. Овие нешта се помешани во погледот кон светот на власта која кампањата ја води во агресивен стил, со напади, навреди и негативна енергија насочени кон противникот. Овие нешта од Стево Пендаровски се јасно разграничени. Тој е позитивна личност – индивидуа, која цврсто стои на своите нозе. Затоа не му е потребна свита од глумци, пејачи, политичари, голема помпа и театар да ја креваат енергијата која недостасува кај кандидатот и да го држат да не падне. Браво за тоа!

13. Верувам дека во Македонија има капацитет за промени и со него добивам надеж дека тоа набрзо ќе започне да се случува.

14. Со својата појава ги демантира сите проклети идеи за проклета Македонија и нејзината проклета судбина уште 100 години да живее во проклета мизерија и духовна беда.

15. Стево Пендаровски не е поза, туку граѓанин и обичен човек, но со интегритет. Нема суета, надменост и препотентност. Вистински човек во Вистински момент. Дури сум и изненадена како ваква новина се појави кога веќе мислев дека нема спас за нас.

16. Стево Пендаровски треба да биде поддржуван од интелигенцијата и од академската јавност бидејќи ќе отвори нови хоризонти за истражувачка дејност. Бидејќи после овие години, такви какви што се, да не ги опишувам сега, треба конечно да се размрда научната јавност и ние малку да слушнеме за некои други теории и визии.

17. Како што со еден кружен потег може да се наслика Сонце, со три вертикални потези Пламен и со четири хоризонтални Небо, со искреност, едноставност и чистота, така и Стево Пендаровски, бидејќи ги има овие особини, со еден, три и четири потези ги нокаутира сите свои противници и без разлика на исходот од овие избори, тој е веќе победник.

18. Браво, браво и браво! И само напред! Новиот модел на граѓанин кој има политичка култура и свест дека токму тој ги покренува силите во својата држава и е фактор на промени, кој се бори за своите права и слободи и затоа секогаш заслужува нова политика да се креира за него, политика која ќе ги спроведува неговите интереси, а не обратно, во која тој треба да ги спроведува интересите на политичарите и идеолозите, се промовира пред јавноста. Политиката постои да му служи на човекот-граѓанин, не човекот-граѓанин да ù служи на политиката!

„Да се обиде, со други зборови, да биде прашинка околу која ќе се натрупа новата политичка и културна стварност на Македонија!“ ( Б. Тричковски) - многу поетски, концизно и суштински, со една реченица, кажано што треба да биде главната придобивка од овие избори со појавата на Стево Пендаровски.

Јас уште би додала: препорачливо е да не ги слуша озборувањата од власта и потполно да ги игнорира. Така злите сили упатени кон него како бумеранг ќе се вратат таму од каде што се фрлени, бидејќи неминовниот закон „не прави го тоа што не сакаш на тебе да ти го прават“ ги погодува тие што не го почитуваат.

Ова не е платена политичка програма и мене никој не ме плаќа да го кажам тоа што го кажав сега и до сега. Ова е слободен израз на граѓанка која поддржува кандидат бидејќи согледала дека кандидатот навистина правилно ја вложува енергијата, мислата и емоцијата и дека неговата побуда не е заради мегаломанска жед за власт, кариеризам, месијанизам или фанатизам туку е искрен обид да се донесат промени кон подобро во оваа земја.

Белите пламења кои се извишуваат се симболот на мојата „партија“, сонцето е симболот на мојата земја. Заедно го сочинуваат знакот на мојата животна филозофија.

Оваа слика и другите во овој текст му ги подарувам, преку социјалните мрежи, на кандидатот за претседател Стево Пендаровски, како минијатурна и минималистичка поддршка-прашинка од мене и уметниците - граѓани кои ги претставува.

Не испадна кратко, но има и уште да се пишува. Ама толку... сега за сега. Ѕвездан е во право!

Цртежи: Татјана Миљовска