Орвелизација на Русија

31.03.2014 10:12
Орвелизација на Русија

На конференцијата за новинари, одржана пред околу две недели, Владимир Путин изјави дека ако некогаш одлучи да испрати војска во Украина, „единствената причина за тоа ќе биде заштита на граѓаните на Украина“. Па, да ги видиме дали ќе „пукаат во своите луѓе зад кои ќе стоиме ние. Не напред, туку зад нив“ – објасни тој. „Да видиме дали ќе се осмелат да пукаат на жени и невини деца!“

Беше доволно да поминат помалку од две недели, па зборовите на Путин во целост да станат вистинити: штабот на Воената морнарица на Украина во Севастопол е зафатен со толпи луѓе кои тој ден излегоа на митинг. Во таа толпа имаше многу жени и затоа украинските војници не отворија оган. Се покажа дека тоа што го зборуваше Путин, всушност е воена стратегија на Русија во идната војна со Украина. Нешто слично на тоа, во поновата руска историја, последен пат се случи 1995 година. Тогаш, наводно чеченските бунтовници, за време на јуришот на руската армија на претседателската палата, на прозорците од палатата во Грозни врзувале руски заробеници. Колку и да е сомнителна оваа приказна и плод на нечија фантазија на некои самонаречени национал-патриоти, тоа сепак биле војници. А во овој случај, нема потреба да се измислува што било. Самиот Владимир Путин токму тоа го кажа јасно и гласно. Дури ни палестинските терористи, кои инаку редовно ја користат тактиката со цивили „напред, а не позади“, не се фалат со тоа пред повеќемилионски аудиториум.

Но, тоа не е сè. По успешната акција на жените и децата во освојувањето на штабот на Воената морнарица на Украина, командантот на овој штаб по налог на кримското обвинителство беше уапсен затоа што издал наредба за „употреба на оружје против мирни граѓани на Крим“. Навистина не знам како ова би можело да се преведе на руски. Украинските војници не применуваа „оружје против мирни граѓани“, ниту добиле таква наредба. Им било наредено да употребат оружје против неидентификувани борбени единици вооружени до заби кои го зазедоа Главниот воено-топографски центар на Украинската армија во Симферопол. Во таа прилика некој снајперист погодил двајца украински војници. Едниот го убил, а другиот тешко го ранил.

Ако напаѓачите на украинскиот воен објект биле припадници на руската армија, тогаш прва професионална обврска на украинските војници била да го штитат овој објект со отворање оган. А ако тие вооружени луѓе не ѝ припаѓале на руската војска, тогаш според сите пишани и непишани правила тие биле терористи, на кои украинските војници без двоумење, исто така, требало да отворат оган.

Во почетокот, Путин ги нарекуваше нашите војници „вооружени сили за самоодбрана“. А сега излегува дека командантот на Воената морнарица на Украина е обвинет затоа што бил подготвен да пука во „мирни граѓани“ вооружени со автомати и снајперски пушки, како и за тоа што не пукал во жените кои истите тие „мирни граѓани“ храбро ги пуштиле пред себе.

Мојата земја, мојата Русија, тука, пред моите очи, забрзано се орвелизира. Се создава впечаток дека живееме во нечиј кошмарен сон, во нечие грозничаво бунило, бунило кое станува неудобно, многу тесно, а повремено и мошне страшно.

Апсолутно сè што презема руската власт, сите свои дејства таа уредно им ги припишува на своите противници. Таа тврди дека Мајдан е организиран со пари од Западот, но и самата испраќа свои провокатори да го напаѓаат и разбиваат седиштето на украинската администрација во Донецк и Харков. Таа тврди дека украинската револуција ги донесе на власт „фашистите“, а таа во Украина испраќа екстремисти и провокатори. Однесувањето на нашата власт целосно се совпаѓа со однесувањето на класичен психопат, многупати опишан во учебниците по психијатрија. Психопатот е човек кој, а) за себе мисли дека е голем манипулатор и кој е убеден дека сите тие глупаци кои го опкружуваат секогаш може да ги убеди во тоа дека белото е црно, а црното бело; б) сите кои не може да ги убеди ги смета за лични непријатели; в) сите свои постапки им ги припишува на своите непријатели.

Патем, тој сосема искрено го прави ова последното. Сталин потполно искрено верувал дека СССР е преплавен со странски агенти, токму затоа што Западот навистина бил преплавен со шпиони и агенти на Коминтерната. Така, на психопатите често им се случува самите да станат главен објект на манипулација.

Кога психопатот се наоѓа на дното од општествената пирамида, порано или подоцна тој едноставно доживува крах. А кога психопатот ќе го допре нејзиниот врв, за жал, се случува сосема спротивното. Неговите погледи на светот се претвораат во општествено признаена идеологија, често со елементи на вистинска религија. Психопатот кој е на врвот од општествената скала не доживува никаков крах, но затоа, порано или подоцна, катастрофата ја доживува општеството на чиј врв се наоѓа тој.

И сето тоа се случува затоа што со постапките на психопатот раководи безгранична желба за зло, заснована на тоа што тој таа желба секогаш му ја припишува на своето опкружување. Психопатот себеси секогаш се прогласува за невина жртва изложена на триковите на непријателите.

Во таа смисла, Владимир Путин најпосле пронајде нова национална идеја за Русија – пат кон нејзина палестинизација. Русија се претвора во држава која од сите страни е опкружена со непријатели. Според тој принцип денес живее Палестина под власт на ХАМАС. Според тој принцип денес живеат половина африкански земји. Ако се сиромашни, а по правило се, тоа не е заради незаситените и корумпирани диктатори кои ги водат. Тоа е заради лукавите шеги кои постојано им ги приредуваат проклетите белци. Така живее половина Јужна Америка. Денес, Венецуела доживува економска катастрофа, а за тоа, се разбира, виновни се проклетите гринговци.

И затоа толку слатко ме засмејуваат сите оние кои прогнозираат дека заради санкциите на Западот и економските тешкотии кои ја чекаат Русија, а во врска со малиот победоносен аншлус на Крим, во земјата одеднаш ќе порасне разочарувањето од Путин. Па, зарем тие не гледаат дека ситуацијата е токму обратна? Путин пронајде извонреден начин како да го објасни и онака неизбежниот, многу близок, тотален крах на руската економија.

А ако мислите дека „ќе се вмеша Западот“, дека „Западот ќе помогне“, тогаш, ве молам, кажете ми зошто Западот не се „вмеша“ во Африка? Или на Блискиот Исток? Во Латинска Америка?

Џорџ Орвел во својот роман 1984 го опиша светот на глобалниот тоталитаризам, свет поделен помеѓу три подеднакво одвратни тоталитарни држави. Меѓутоа, по крахот на СССР, се покажа дека светот е создаден потполно поинаку. Постои слободен свет – широка река на отворена економија во која може слободно да се влее која било држава, мала или голема, демократска или авторитарна. И, од тој свет, постојат изолирани „забрани“, места каде владеат владетели кои своите поданици ги туркаат во сè подлабоката жива кал на паранојата и во длабокиот мрак на сиромаштијата, и зацврстувајќи ја на тој начин својата власт, сиромаштијата во своите земји ја објаснуваат како последица на злонамерното вмешување на надворешните непријатели.

За жал, бројот на такви држави во светот е голем и, како што веќе споменав, во нив спаѓаат значителен број африкански, арапски и латиноамерикански земји. Сега, на тоа друштво му се придружи и Русија.

Извор: www.ej.ru