Време на лаги и празни зборови

31.03.2014 09:28
Време на лаги и празни зборови

Пристигна времето на предизборните прошетки по градовите на политичарите. Од владејачката гарнитура сега се сетија дека има останато уште по некој граѓанин по градовите и селата и се растрчаа да ги посетат. Ова е време на лаги и празни зборови, време кога се ветуваат многу нешта, се кажуваат зборови кои сакаат да ги слушнат граѓаните. Ова е време кога ќе ви ветат сѐ и сешто, но за остварување на ветеното ќе почекате. Сега во текстовите кои се напишани на хартија секој ваш проблем е решлив, сѐ што сакате ќе добиете, ама на хартија, и само ќе ви биде дистрибуирано во вашите мозоци преку ушите.

Вистинската ситуација е далеку од нивните преубави говори, реалноста е премногу далеку од тоа што го слушате и допрва ќе го слушнете, затоа што народот веќе не знае како ќе преживее, а не како ќе живее. Реалноста е дека државните рекетари редовно ви ги дистрибуираат нивните извршни решенија за сметки од пред десетина години, дека секојдневно се соочувате со кучињата на власта кои на секој начин за дополнително да ја освежат државната каса ви пишуваат енормно високи казни кои не соодветствуваат на вашите средства и можности. Реалноста е премногу различна од убавите реклами на телевизиските спотови каде се кажува дека претстедателот се грижел за своите граѓани во изминатиот мандат, дека секогаш им бил достапен на своите граѓани. За жал, ние сме живи сведоци кои добро паметиме дека претседателот во својот мандат не мрдна ниту со малото прсте за да ги заштити своите граѓани, дека не покажа интерес ниту се покажа како претседател на сите граѓани, а не само послушник на својата партија ВМРО-ДПМНЕ. Тој не застана во одбрана при затворањето на новинарот Кежаровски, не се спротивстави на сите погрешни одлуки на својот шеф Груевски, не стави вето на ниту еден закон кој беше во спротивност со интересите на граѓаните. Не беше во контакт со своите граѓани кои си ги бараа своите права кои им се загарантирани со Уставот на Македонија, никогаш не го интересираше зошто неговите граѓани протестираат на улиците, зошто граѓаните се малтретирани од полициските сили. Тој во целиот свој мандат беше глув за проблемите на дуќанџиите, земјоделците, стечајците, бранителите и сите останати граѓани.

Каде беше Иванов во овие пет години од неговиот мандат?

Тој својот мандат добро се одмори во вилата на Водно и сега мислам дека е спремен да ја напушти и да разбере дека овој негов мандат ќе биде запишан во нашата историја како најголемо промашување во политиката. Освен некое диригирано појавување во јавноста, не го видовме како неговите претходници да се заинтересира за нас, граѓаните на Македонија. Од големата презафатеност која ја имаше во вилата со неговата голема фамилија на блиски и подалечни роднини, немаше време за нашите проблеми. И сега што?


Дојде времето за напуштање на вилата и удобностите во кои уживаше, па тој се свести дека ние постоиме и одеднаш ќе ни ги решел сите наши проблеми. Како можеш да прошеташ по градовите и да нѐ погледнеш во нашите очи, со кое лице сега те шетаат како невеста за мажење по градови и села, кога не те бива?

Стигна главен промотор да ти биде најголемиот политички шарлатан на Македонската, а се надевам и единствен на планетава Земја, единственото лице на кое животна желба му е да заврши на етикета за шише на Кока-кола, зарем ти Ѓорге стигна на ова ниво? Ти кој се декларираш како почитуван професор на факултет? Зарем ти си дозволуваш да бидеш промовиран од овој човек? Па можеби и си во право. После сите овие „одлични“ изјави, Амди стана Кока-кола и за тебе!


Колку пари ќе потрошиш ?

Колку пари сега за твоите прошетки ќе се потрошат, коку гладни усти би биле нахранети, колку болни лица би биле излечени со тие средства ?

Ако народот ти дава огромна поддршка како што кажуваш, тогаш зошто ги малтретирате граѓаните од другите градови да доаѓаат со автобуси по вас низ Македонија, зошто носите своја административна публика по митинзите, па тие луѓе веќе ви го научија вашиот настап на памет и точно знаат кога и што ќе кажете. Ако сработивте толку многу за време на својот мандат, немаше да има потреба од организирање на ваков циркус каков што го шетате насекаде.

Вие господине Иванов никогаш не се грижевте за нас граѓаните на Р.Македонија. Никогаш не се погриживте за нашите проблеми, никогаш не застанавте во наша одбрана и ние во овие години на вашиот мандат ниеднаш не видовме да ги искористите вашите ингеренции и да се спротивставите на вашиот шеф, а наш уништувач, Груевски. За време на вашето петгодишно одморање не видовме дека се заинтересиравте за узурпираноста на судската власт, не почувствувавме дека се спротивставивте на уништувањето на демократијата во Македонија. Но, во право сте, како ќе го видите тоа кога според вас демократијата во Македонија изгледа шашаво, ама функционира?! Ние граѓаните не видовме ваша реакција за комплетното уништување на медиумската слобода, не видовме ваша реакција. А и како да видиме, кога вие сте омилен гостин кај провладините трубадури ?

Затоа, господине Иванов, ние на овие избори нема да гласаме за вас, и својот глас ќе го дадеме за човекот кој сам и без страв и срам се шета помеѓу нас ГРАЃАНИТЕ, човек која прави разлика помеѓу Америка и Франција, човек кој знае да ги цени нашите вредности, човек кој го ислушува секој граѓанин на оваа држава, човек кој уште од почетокот е сојузник на младите, човек кој ја гледа иднината на Република Македонија.

Затоа на овие избори, својот глас вреди да го дадеме за Стево Пендаровски!

Влатко Ристески
Граѓански активист
Претседател на ОДРАЗ

ОкоБоли главаВицФото