Кај има чад, нема оган

01.04.2014 08:06
Кај има чад, нема оган

Ќе бидат затворени сите големи загадувачи, кои нема да ги исполнат еколошките стандарди. Утре сабајле. Кога владата им се закани со клуч на врата на индустриските капацитети, поточно на нивните газди, дека на први април 2014 година е последниот рок до кога мора да вградат филтри и да преземат други заштитни мерки, никој не поверува – барем не целосно – дека тоа ќе биде само една од многуте шеги што ги прави власта со здравјето на луѓето. На поголемиот дел од јавноста им личеше на ултиматум, на помалиот и поупатен многу повеќе на рекет.

Што се случи во меѓувреме - од ултиматумот до датумот – никој не знае. Се знае само дека и големите уценувачи и големите загадувачи си најдоа за нив заедничко прифатливо решение: да продолжат да го трујат народот. Секој со свое време - „Макстил“ побара одложување од девет месеци, „Југохром“ две години, а РЕК „Битола“, ТЕЦ „Осломеј“ и ТЕЦ „Неготино“ три години. За разлика од воздухот, „Отчетот“ воопшто не е загаден со овој проблем: „Владата донесе Одлука сите оператори да мора да се усогласат со оперативните планови за добивање интегрирани еколошки дозволи. Со оваа мерка ќе се придонесе кон значително намалено загадување на животната средина од страна на индустриските сектори“. Толку. Што е здравјето на сите спрема интересите на поединци? Власт, пред сѐ! Тоа е девизата на овие отровни честички во најголемиот загадувач, владата, кои сега бараат рокот за нивното затворање да биде продолжен за уште четири-пет години.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото