Бакнежот на смртта (2)

01.04.2014 09:37
Бакнежот на смртта (2)

1.

Претходниот текст за нашите страсни но смртоносни политички бакнежи и аморални шурувања со власта per se мора да има барем уште едно продолжение. Прво, заради фактот што, еве, започна кампањата и на бините, барабар со нивните газди, се изнаредија сите оние локални естрадни „ѕвезди“ чијашто слава достигнува дури до Табановце(кај некои, што е право, и до Сава и Дунав) и нормално, до фамозната Песна на Евровизија како наш вековен сон. Тука, односно таму, почнува и завршува нашата „велелепна“ забавна музика, онаа којашто стана дури и национален приоритет на Министерството ни и се финансира со суво злато. Нашиве се разиграле и распеале како да се братучеди на Биjонсе и Тимбeрлејк. И тоа, сега, го прават само за едни „миленици“! Утре ќе играат и ќе пеат за други, нема проблем. Ко да више. Па малку ли им е оној куп пари од конкурсите на Министерството за леб и игри? Цело богатство! Среќа што ниту еден од нив не е на некоја листа за пратеник – не дај боже кандидат за претседател – зашто кој ќе ги слушаше како рикаат цели четири години. Иако и пелтечењено на Хорхета не беше ништо поарно.

А за да не бидат ексклузивци во пентарењето по политички бини, ене го и оној шутон во пензија, на бината во Пробиштип го поддржува Хорхета зашто овој му дошол на претстава. Хумана. И отседел цели два часа и половина, што и не е мала работа кога мора да го гледаш (и слушаш) Чоревски. Е тоа е богами подвиг за претседателски мандат, а не разноразни намигнувања и калимерисувања!

2.

Но, затоа, објавените листи покажаа кој и како си ја одработил домашната задача од т.н. јавни личности. Ете, на пример, „(само)иницијаторката“ на кандидатурата на Хорхета – онака, од хумани и пријателски побуди – експресно се најде на високо и добитно четврто место. И уште еден лекар, оној кој со исклучително „висок“ просек од 6,7 и непознавање на ниту еден јазик, дури ни македонскиот, го протуркаа до некое звање, се најде на листите за пратеник. Иако останува нејасно кои се неговите други заслуги. Дали и тој потпишал некаква иницијатива? Или тој е таму да го подобри просекот на другите? Кој знае.

Ако пак се цени според луѓето во културата застапени на листите, веројатно наредните години ќе умираме од смеење. Не дека и до сега смеата во Парламентот ни недостасуваше, ама ако сега имаме за кандидат директорка на Театарот комедија, тогаш циркузот е загарантиран! Со што ли пак таа заслужи вакво партиско внимание? Или станува збор за некакво друго внимание? Ќе се види, кај и да е! Само не знам зошто шутон го нема? Дури тогаш ќе имавме виииисоко циркузантско рамниште. Ама овој изгледа не сработил доволно, што ли?!

3.

Од друга страна, некој ќе рече: кутри душички, нека ги, па и тие заслужуват некакво внимание, кој инаку би ги спомнал… Дека се кутри – кутри се, ама зарем право во Парламент, или како оној Хорхе – директно на Водно?

Но, ако овие се веќе елаборирана и здодевна запирка на секоја власт, останува (уште барем) еден аспект на нашите етаблирани квази-интелектуални вратоломии со политичката властела. И тој не е од вчера, или завчера, туку има богами длабоки корени, некои велат уште од времето на pax ottomana (Ѓурсел), кога биле втемелени главните народни „мудрости“ од типот „наведната глава сабја не ја сече“, омилените имиња (Трајче, Трпе и слични) и редица други „искуствени“ будалаштини. Таквиот поданички став кон власта, која и да е, комбинирана со подеднакво познатата итроманска итерпејовштина како „симбол“ или survival kit на народната одржливост, што и да значи тоа, како да го трасираа патот за себеспознавањето на Македонецот. Секогаш и секаде, во секакви (историски) ситуации – со неколку светли исклучоци - подобро било да се сочека другите да го решат проблемот!

Периодот на комуно-социјализмот само ги продлабочи тие вековно напластени (веќе) карактерни цртички на македонската интелектуална „елита“ – повторно: со одделни светли и чесни исклучоци – секогаш во валкана служба на власта, која и да е, каква и да е. Требаше да падне Берлинскиот ѕид и да се распадне Југославија, за да разбереме какви сѐ „дисиденти“ и „борци“ за македонските права сме имале, за „интелектуалецот“ да се осамосвести и види каде и како живеел и што (не) правел. Оттука, веројатно, и себепреиспитувањето на малион маалски „филозоф“: „Како да се разберам себеси како човек кој е политичко суштество и Македонец или граѓанин на Македонија по падот на комунизмот…?“. Ако нашава денешна самоумислена интелектуална „елита“ која ни ги диктира политичките процеси, требала допрва, по падот на комунизмот, да се освестува и себепронаоѓа, чудно ли е што сме на ова дереџе? И чудно ли е што токму тие, како и разни пенисолози, буреколози и минхаузени, мразејќи ја сопствената слика во тоа огледало, се трансформираа во најжестоките пцујачи по комунизмот на којшто му се восхитуваа?

4.

Значи, остана аспектот на оние „позадинци“, грмушкари, односно оној (за жал огромен) дел од нашава (самонаречена) интелигенција, којшто на крилјата на прикриениот политички коитус со власта сѐ уште жари и пали низ државава. Ама сака за тоа да се молчи. Како ништо да не било. Никој ни видел, ни чул! Поточно, тоа е оној наш итромански итарпејовски „интелектуален“ корпус кој камелеонски умее да се прикрие во грмушките на оваа наречи демократија, да се стопи со политичката/општествената околина, каква и да е, и понатаму – ако може вечно – да ужива во сите ниските страсти на тајната „љубов“ и сите нејзини можни придобивки.

И иако одамна „видни“ членови на денешното интелектуално злосторничко здружување, токму тие највеќе креваат врева ако некој ги спомне во ваков или онаков (главно политички, за нив најопасен!) контекст, ако ги дешифрира односно дефинира баш такви какви што се – припадници на таа „интелектуална“ злосторничка дружина – ако ги определи во еден од тие алибаба табори. Овие напросто се ужаснуваат да бидат демаскирани и со тоа определени, тие свикнале да ја носат двојната јанусова маска и да шират фама дека се над секојдневието, па да цицаат од сите цицки. Колку што ги има. И им успева. Понекогаш. Почесто се, сепак, проѕирни до зла бога, како татко им да е џамџија.

И секако дека е нормално секој да сака себеси да се види/претстави поколористично, во поубави нијанси. Најчесто во розови. И никој, во принцип, нема ништо против таквото (нивно) право. Ама имаме ли пак ние право да ги гледаме/видиме во нивното вистинско голо издание? Онака, дволично сервилни, патетично понизни, yes minister-ски полтрони кои скокаат на секој миг на власта, се бут(к)аат во првите ударно епигонски редови за да ги осветли „благородната“ милост на властелата. Ама често забораваат дека и камерите се тука, па снимаат.

Тие се подготвени едновремено да играат и виенски валцер во тешки чизми или копачка во лакирани чевли, само ако тоа е конјуктурно. И ако носи исплатливи провизии од најразличен тип. Ама другите не смеат да ги покажат со прст, не смеат да ја посочат вистинската им соголена слика и прилика?!

Е тогаш се лутат, па дури и се чудат како тоа другите ги гледаат низ темната диоптрија. Како оној писателон кој се жали дека преку една (духовита) фотомонтажа му била извршена „симболичка ликвидација и политичка травестија“. Значи, нивното значење (дури и политичко!) за оваа држава е такво и толкаво, нивната глава е толку битна, што некој со сите сили се труди да им ја пресече и да ги ликвидира. Види богати. Ама, некако, низ реакцијата се чувствува дека тоа не е најболната точка, дека има и нешто друго. Односно, главната болка да ти била што човеков бил ставен „во друштво на кое по ништо не му припаѓа(м)“. Е тоа бил проблемот, зашто тие/тој (божем) не припаѓале таму, во друштвото со „оние“ од власта. Иако секогаш ги гледаме (и слушаме) токму таму и токму така како што сака властелата. И делат награди, и фалат, и држат говори, и поддржуваат сѐ што ќе им побараат… Ама пак – не биле тие. Да не имаат некој брат близнак, или некој ги имитира? Што пак, во крајна линија, може и да е точно. Можеби тие навистина не припаѓаат таму? Зашто тие, всушност, не припаѓаат никаде, тие само се гребат/грабаат – секаде.

А ги има многу. Премногу. И најдобро виреат во темните ќошиња, низ сенките, по сокачињата, се бутаат низ малите врати… само никој да не ги покаже со прст. А да останат на платните списоци! Тоа им е животен сон – да бидат на сите платни списоци. И затоа не сакаат да бидат апострофирани на кој и да е начин. Зашто тогаш се губат привилегиите, ваму или онаму. Ако не денес, тогаш утре. А тие не се научени да живеат низ такви страшни премрежија.

Но, мислам дека највеќе ги боли што се свесни дека се фатени во гнасната пергратка и не можат/не смеат да се пуштат. Ги боли што тоа го гледаат и нивните семејства – поблиски и подалечни – нивните деца, на кои што веројатно им раскажувале бајки за својата големина. Затоа и бараат од нас да ги гледаме со други очи, да бидеме сите исти и изедначени во злосторството, во старата колективна вина.

Што пак многу ме потсетува на една асли бараба – и тој јанусов „интелектуалец“ грмушкар (ај, не мора да го именувам) – која со години, јавно и дебилно, ни ја претставува (не само) културната реалност низ розови очила. Е овој невиден офф-офф егземплар (ми) држи „предавање“ преку ФБ – се разбира, додека не заврши со скршени прсти – дека оние претходните (ууу, виѓи врага!) биле одговорни за ова денес, дека тоа било само увертира во денешниве состојби. Што ќе рече дека оние претходните, оние демек црвените преправени во плави (со кои тој, патем, уживаше ко бубрег у лој) биле виновни за сето ова што денес ни се случува. Брее, каква „мудрост“, каква селска итерпејовштина. Извонредно оправдување за сопствениот неморал и алчност: сите с(м)е виновни! Тие/тој дрпа на сите страни ко незаситна ала, ама сите сме биле одговорни, дури и тие (јас веројатно се подразбирам!?) пред кој знае колку години. Сме биле „увертира“! Во што бре, барабо?

5.

Но, впрочем, таквите гниди секогаш имат „оправдување“. Ама нивната гнасност и неморал стасува дури до таму што тие им ги сакаат парите, коленичат за нив, јавното дружење морат тук-таму да го поднесуваат, ама скриено – ги мразат. Тие се согласни да седат во министерски совети, во разни комисии, имињата постојано да им се на видни места во годишните културни „приоритети“, да фалат кај што треба и кај што не треба, но откако тоа ќе го наплатат, им останува омразата. Оној тип на омраза кон другите, а всушност кон самиот себе. (Себе)омраза заради паѓањето на такви ниски гранки. (Себе)омраза, длабока, заради сопствената превртливост, алчност, дволичност … Затоа човек можеби треба да – ги жали?!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Angela Deane

ОкоБоли главаВицФото