Трите гревови на Иванов

02.04.2014 13:30
Трите гревови на Иванов

Претседателската кампања е во полн ек, со квалификации и дисквалификации како што е тоа вообичаено за нашите избори. На новите кандидати им се пронаоѓаат греовите уште од нивното доаѓање на овој свет, а на кандидатот со број 1, кој ја бара по втор пат довербата од граѓаните, му се бележат секојдневно неговите лапсуси и промашувања. Меѓутоа, посуштински е да му се предочат нему и на јавноста промашувањата и гревовите кои ги направил во текот на неговиот петгодишен мандат. Ова секој различно го толкува и неговите промашувања различито ги перцeпира. За мене постојат три непростливи гревови кои претседателот на заминување ги направил за време на мандатот.

Прво, актуелниот претседател меѓу првите се стави во редовите на тие кои го негираат словенскиот идентитет на нацијата и велат дека е еден од инспираторите на античкото потекло на нашиот народ. Со многу постапки и изјави ја има докажано оваа негова преокупираност, пред сѐ со „проучувањето“ на бунарите во Паљурци и многу јавни настапи дома и во странство. Последниот невкусен настап беше на универзитетот Ломоносов во Москва, кога на Русите им толкуваше дека не се тоа што се. Руската наука, како и други светски науки, се многу постари од нашата и одамна имаат дефинирано многу работи од својата историја и генеза. Луѓето кои доаѓаат на функцијата претседател на една држава, се од разни средини и со различен степен на образование и стручност. Со стапувањето на функцијата претседател, тие имаат сосема други обврски, а не ако се научници да продолжат да се занимаваат со наука и да даваат научни толкувања. Обврзани се да ја извршуваат јавната функција на која се избрани во рамки на ингеренциите кои им се одредени согласно Уставот, а не да бидат пропагатори на дневната политика на која било политичка партија која е на власт.

Вториот голем грев на актуелниот претседател, според мое мислење, е фактот што воопшто не се огласи кога среде Скопје тогашниот премиер на Албанија, Сали Бериша, ја прогласи Голема Албанија. Имено, во ноември 2012 година, со големи и доста провокативни манифестаци се прославуваше 100-годишнината на албанското знаме на сите албански територии. Во Скопје се одржа голема прослава во салата Борис Трајковски, со присуство на Сали Бериша, како премиер на Албанија и Хашим Тачи, како премиер на Косово. На овој собир прозвучеа многу загрижувачки пораки, но секако најопасна беше пораката на Сали Бериша дека сите Албанци требе да живеат во една држава, потоа пораката на Хашим Тачи дека тие се спремни да им помогнат во иднина на своите браќа во Македонија (кога и за што). И двете пораки се крајно опасни и претставувааат директно мешање во внатрешните работи на земјата од чие тло беа искажани.

На овие демонстрации на сила среде Скопје никој не се најде повикан да реагира. Премиерот, како што е тоа нормално, беше негде на турнеја по светот, а актуелниот претседател на државата во вилата на Водно не ги чу овие закани. Очигледно многу добро дихтуваат прозорците на објектот. На изјавата на Сали Бериша, после неколку дена, остро реагираше Европската Унија и тој среде Тирана мораше да се корегира, да го порекне тоа што го кажал. За овој случај треба да се праша кандидатот за втор мандат, кој настапува под слоганот Државата пред сѐ, како мисли да ја чува државата? Дали само со билборди на кои погледот му е вперен кон небото, со кои се преплавени градовите, или пак да истапи државнички со остри реакции кога државата е загрозена? А со изјавите од типот на Бериша и Тачи очигледно беше загрозена. Во овој случај претседателот не постапи државнички. Велат дека тактизирал пред изборите да не се замери на нашите сограѓани Албанци. И покрај тоа, Албанците водат кампања да не го гласаат на овие избори.

Пред некоја година владата на Македонија предложи нов закон за високото образование, кој предизвика големи полемики и остри реакции од поголемиот дел на академската јавност. Законот беше оценет како обид за намалување на автономијата на Универзитетот и намалување на неговите ингеренции и ставање на оваа установа по капата на државата. Универзитетската јавност беше многу гласна, со предупредувања, учество на собраниските расправи, каде ги образложуваше своите ставови, организираше дури јавен протест во кругот на Универзитетот. Едно од средставата за борба беше и писмото кое го испрати до нивниот колега, на должност претседател на републиката, доколку законот биде изгласан - да не го потпишува. Како што е кај нас нормално, покрај сите јавни реакции и протести, гласачката машина во Собранието на Македонија го изгласа законот. Претседателот Иванов не дочека ни да се исуши бојата од печатењето, веднаш го потпиша законот. Со тоа прво покажа дека и тој е дел од гласачката машина на владејачката партија, а второ, не покажа ни трунка солидарност со своите колеги. Секој мудар човек во таква ситуација барем ќе направи некој гест да покаже дека сепак е со своите колеги. Утре-задутре, Иванов можеби ќе се врати во оваа универзитетска средина, но со кој образ?!

Функцијата претседател на државата во скоро сите европски парламентарни демократии е со ограничени ингеренции според сите устави. Меѓутоа, и покрај таквите ограничени ингеренции и овластувања, на функцијата претседател доаѓаат многу истакнати политичари и научни работници, кои со својот интелектуален и човечки капацитет успешно ја извршуваат оваа функција и оставаат неизбришливи траги во развојот и напредокот на своите држави.

Како еден од таквите примери може да се посочи актуелниот претседател на Хрватска, Иво Јосиповиќ. Тој доаѓа од научна средина, каде важи за еден од врвните стручњаци, кој решил еден период да се посвети на државните работи и да го даде својот придонес. Од неговите настапи се гледа дека е апсолутно независна личност, спремен да даде одговор на секое поставено прашање и никогаш не се става на опашката на партијата која го кандидирала за оваа функција. На претседателските избори победи со голема предност, а рејтингот и денес му е толку висок, што евентуалните противкандидати не му се дораснати. Од тоа се гледа дека народот ги препознава квалитетите на Јосиповиќ и дека е тој личноста која со успех ја извршува функцијата. Втор пример од неодамнешното минато е изборот на Вацлав Хавел за претседател на Република Чешка. Иако не беше кандидат на ниедна политичка партија, бидејќи не беше член на ниедна партија, со својот минат труд, дисидентскиот стаж и сите тешкотии кои ги претрпил, но и со силината на својот интелект, се наметна како единствен кандидат и во два мандати успешно ја извршуваше функцијата и покрај ограничувањата кои ги имаше според уставот. Долго се противеше на уставните ограничувања и постојано истакнуваше дека не сака да биде претседател кој само ќе се поздравува со амбасадори и полага цвеќиња, меѓутоа со својот интелект и меѓународниот углед кој го уживаше, Вацлав Хавел стана една од иконите на посткомунистичкиот период. Со еден збор, функцијата претседател може успешно да ја извршува само силна и независна личност.

Слики: Свирачиња