Валандовец уловил златна риба во Анска Река

02.04.2014 14:48
Валандовец уловил златна риба во Анска Река

Скопје, 2 април 2014

Какви сѐ чуда крие Анска Река во своето корито? За риболовецот Иванчо Ѓоргиев од Валандово денешниот ден изгледал како сосема обичен. До 11 часот имал извадено само едвај неколку грунчиња, добро, и тие две-три златни нараквици и прстенчиња што вообичаено ги вади од дното на реката ловејќи мрени. Но, тогаш конецот силно се затегнал, а потоа почнала и борбата која траела цела вечност, како говор на Фидел Кастро, можеби дури и повеќе, како на Груевски. На крајот, Иванчо не можел да верува на своите очи.

„Во рацете држев риба од десет килограми, можеби петнаесет или дваесет. Веднаш ми се вратија зборовите на нашиот претседател Иванов од митингот вчера во Гевгелија за златото што се крие во Анска Река. Искрено, иако сум негов гласач и поддржувач, мислев дека концесијата за странска фирма за рудник за злато во Валандово е рибарска приказна, какви што политичарите си кажуваат на митинзи, но се покажа дека секој збор од устата на Иванов е злато вреден“, изјави среќниот рибар.

Тој рибата планира да ја замрзне и да ја зготви на првата следна комитска вечер во Валандово, на која очекува да дојдат и претставници на странскиот концесионер на рудникот за злато, како и претставници на грчката фирма Актор која го гради автопатот преку кој тоа злато полесно и побрзо ќе се извезува во Грција.

Извор: kozanostra.net