1012 hPa
28 %

34 °C
Скопје - Вто, 15.07.2025 12:59
Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган во недела положи многу важен испит со убедливата победа на локалните избори, на кои всушност се одлучуваше за политичкиот правец на државата и се правеше егзистенцијален избор.
Ако овие резултати се земат како некој вид генерална проба за општите избори следната година, Партијата за правда и развој (AKP) која владее со земјата веќе 12 години повторнo покажа дека и понатаму нема достоен противник и уште повеќе е охрабрена да ја зголеми својата моќ.
Меѓутоа, овие избори беа и повеќе од обично тестирање на партиите; со нив се испитуваше дали Ердоган има масовна поддршка за спроведување на сѐ потврдите политики, ерозијата на независноста на гранките на власта и ограничувањето на основните слободи, заедно со жестоката борба за опстанок.
Има. Повеќе од 45% од гласачите рекоа „да“, што е повеќе отколку што се очекуваше пред изборите. Ердоган ја изведе својата стратегија за опстанок од едноставна прсметка: дали средната класа и сите оние пониско, на кои неговата паритја им донесе просперитет каков што на ниту еден претходник не му појде од рака, ќе се откаже од економската добивка? Дали ќе ја напуштат стабилноста за да се свртат кон некоја од двете други партии, кои воопшто не беа убедливи?
Гласачите на AKP покажаа лојалност и испратија јасна порака: не им е многу гајле за слободата, забраните на интернет, де факто суспендирањето на владеењето на законите, деградирањето на истрагата на корупцијата, нетрпеливоста кон критиката и насилството над оние кои сакаат да го користат своето право на демонстрирање. Гласачите масовно ги кренаа рамениците и покажаа дека во следната етапа развиената демократија е осудена да помине низ густо минско поле. Резултатите од изборите исто така ја прикажаа отпорноста на патријархалноста и потврдата на непотизмот и кронизмот.
За оние кои убедливата победа на Ердоган, вклучувајќи ги изборите за градоначалник на Анкара и Истанбул, ја сметаат за најлош можен исход, последна капка беше семејната фотографија на балконот на централата на AKP во предвечерјето на изборниот ден. Самоуверениот премиер ѝ салутираше на масата заедно со членовите на семејството, од кои некои воедно се и актери на неодамна откриената аудио снимка на која функционери дискутираат за можна воена акција во Сирија. На терасата беа присутни и некои министри вмешани во корупциска афера.
Изгледаше како Ердоган да е спремен да ја искористи моќната поддршка на гласачите во правец на понатамошна изградба на модел кој е на сила во некои централноазиски републики. Без сомнеж, таа можност е ноќна мора за сите оние кои гласале поинаку. Гласовите кои отидоа кај опозиционите партии во клучните градови поаѓаат од идејата за референдум, која ја потврди и самиот Ердоган, то ест дека локалните избори исто така беа генерална проба за претседателските избори кои ќе се одржат во август. Ако на премиерот му биде потребно да ја пробие бариерата од 50% поддршка, како што ќе биде случај на августовските избори, изгледа дека ќе биде разочаран.
Во тој контекст, Ердоган распали дискусија за својата легитимност. Критичарите веќе прогласија негов пораз, или што е пореално, пирова победа.
Премиерот и понатаму ќе биде изложен на огромен притисок да се придржува до владеењето на законите и да сфати дека тој, неговото семејство и некои министри мораат да сносат одговорност, колку порано - толку подобро. Меѓутоа, ако судиме според неговото однесување за време на демонстрациите во паркот Гези и истрагата на корупцијата од 17 декември, би требало да сме исклучително загрижени.
Ердоган го подели чувствителното општествено ткиво на Турција; тоа денес е поларизирано повеќе од кога било, со такви размери на меѓусебно непријателство, што земјата полека се претвора во буре барут.
Очигледно го заборави својот завет од 2007 дека ќе биде „обединувачка сила на нацијата“. Од 31 март Турција е поделена не на два, туку дури на три табори, сѐ пооддалечени еден од друг. Курдските гласачи уште повеќе ги збија редовите на политичката линија на Курдската работничка партија (PKK) во претежно курдските провинции, и практично ја освоија самоуправата, со или без мировни преговори. Отсуството на дијалог значи дека курдското прашање понатаму ќе се развива самостојно, без правно втемелување. Тоа би требало да биде сериозен знак за тревога, бидејќи во другиот табор, меѓу турските гласачи кои се против AKP на Ердоган, ќе има сѐ повеќе бес.
Ердоган можеби излезе како победник од трката, но сега е далеку потешко од порано да се управува со Турција. Требаше сериозно да размисли зошто Мигуел де Унамуно, големиот баскиски филозоф, во жолчната расправа во 1936 остро му рече на фалангистичкиот генерал Милан Астрај: „Venceréis, pero no convenceréis“ - можеш да победиш, но нема да нѐ убедиш.
Овие избори треба да се разберат како прва од трите рунди. Можеби Турција ќе има среќа: ако Ердоган премногу им го искушува трпението, гласачите имаат можност да се предомислат - уште два пати.
Извор: The Guardian