1018 hPa
61 %
8 °C
Скопје - Чет, 23.04.2026 03:59

Во анкета спроведена од бразилскиот Институт за применети студии Ipea, испитанците оцениле дека „жените кои носат припиена облека заслужуваат да бидат нападнати“ и дека „би имало помалку силувања кога жените би се однесувале подобро“.
Во текот на истражувањето кое е спроведено од мај до јуни 2013 година, анкетирани се вкупно 3.180 лица на возраст од 18 до 50 години, меѓу кои 58,5% можат да се идентификуваат со првата, а 65% со втората изјава.
„Резултатот е страшен, бидејќи се заснова на застарениот патријархален менталитет, кој сѐ уште преовладува, и покрај големиот напредок во рамноправноста, што многу обесхрабрува. Резултатот од истражувањето укажува дека тоа е колективна болест. Ситуацијата е многу сложена“, смета Рафаел Осорио, директор на одделението на Институтот што ја спровело анкетата.
Според податоците на Инстититот Ipea, бројот на силувања во Бразил е проценет на 527.000 случаи годишно, но се пријавува само секој десетти случај, и покрај заострените закони против насилство во семејството.
Силувањата обично се случуваат во семејното опкружување. Според истражувањата, 70% од жртвите на силување кои го пријавиле случајот во полиција се помлади од 18 години, а повеќето извршители се членови на потесното семејство или познаници на семејството.
Растечката тривијализација на сексуалното насилство во Бразил не се забележува само во неодамнешното истражување, туку сѐ повеќе може да се види и на социјалните мрежи: илјадници машки корисници на мрежите отворено повикуваат на сексуални напади и дури се договараат за напади во јавниот превоз.
И покрај сѐ поголемиот број напади во Сао Паоло, бројот на кривични пријави за сексуално вознемирување во јавниот превоз е занемарлив - минатата година пријавени се само сто случаи, а во првите три месеци од 2014 година само 29.
За разлика од другите бразилски градови, во метрополата Сао Паоло не се планира воведување посебни вагони за жени. Метрото во Сао Паоло, кое превезува 7,4 милиони патници дневно, ги заштитува патницие со видео надзор и обезбедување во цивил.
Објавувањето на резултатите од анкетата предизвика жестоки реакции кај голем број жени, кои преку фотографии на интернет, кои можете да ги погледнете подолу, порачаа: не заслужувам да бидам силувана!


_0.jpg)





Извор: latino.foxnews.com